Нема правда, нема мир!

Си се чудам сама на себе зошто сум толку гневна на објавувањето на Чилкот извештајот. Илјадниците страници се слаба утеха за сите нас кои знаевме зошто се случи воената инвазија врз Ирак и кои предупредувавме на хуманитарната катастрофа без преседан, на последиците кои, ете, и денес ги живее оваа трагична колепка на светската цивилизација. Велат дека е ова сепак позитивен преседан, демаскирана е воениствената политика и нечесната улога на премиер на западна демократија; некои се надеваат дека Извештајот ќе има влијание врз идните потези, а семејствата на британските војници ќе добијат правна сатисфакција. Но, какво е значењето на ова за Ирачаните, за мртвите, за живите и за оние кои одат, ама сѐ во нив е мртво? Никаква, освен ако воените злосторници не бидат изнесени пред некаков Нинбершки суд, за што пишува Роберт Фиск, еден од најгласните и најдоследните критичари на милитантната политика на Британија и САД. Лично, ми се враќаат спомени за сето она што можев тогаш да го сторам за да укажам на погубноста на оваа интервенција. На пример, се сеќавам на учеството во радио дебата со Мирјана Малеска, која навиваше за воена интервенција, а мојата опозиција беше речиси изедначена со (наводна) поддршка на Садам (денес по Садам жали и човекот кој ја уриваше неговата статуа во Багдад). Беше 15 февруари 2003 година, а на скопскиот плоштад шака луѓе го обелија образот и се придружија на десетиците милиони ширум светот кои маршираа за мир. Зборував на неколку телевизии кога почна инвазијата, но сепак во свеста ми е длабоко врежана една друга епизода во која лично ја преживував болката на ирачките мајки: најмалата ќерка ми ја донесоа од детски роденден со расекотина над окото, со пешкир натопен во крв која и натаму течеше. Не знам како се задржав на нозе, се прибрав, ја грабнав здравствената книшка и право на хирургија. За среќа, во тој неделен ден, на смена беше докторка од пластична хирургија, која навистина направи мало чудо, па лузната на Сара едвај и се забележува. Додека стоев сама пред операционата сала и го слушав детето како вреска, плачев како во бунило. Знаев дека е безбедна, дека раната ќе се сошие, а окото е неповредено – но, ми се раскрвави срцето, и почнав да плачам на глас за сите ирачки мајки кои ќе бидат сведоци на слични сцени, а ќе нема лекари ни анестезии за нивните деца. Да, тоа беше веројатно и „лошото влијание“ на Фиск, чии извештаи од багдадските болници и од мртовечницата ги следев секојдневно во лондонски Индепендент. Како и да е, никогаш не дозволив друга војна (Авганистан, Либија или Сирија) да ми го оттргне вниманието од Ирак. Особено затоа што мојата земја се затрча прва да даде поддршка за интервенцијата, за која дури и ЕУ имаше забелешки. Своевремено Блер му пишал на Буш Помладиот „Со тебе, без оглед на сѐ!“ И што е тука шокантно? Па и нашиот Трајковски го стори истото уште во декември 2002 година, му ги пиша истите зборови на неговиот (религиски близок) пријател со кој, нели, заедно се молеле на Бога (на оној Бог што му се јавил на Буш за да му каже дека е избран да донесе правда на земјата). Двајцата дале завет дека ќе застанат зад војна без оглед што мисли нивниот народ за тоа. Навистина, Трајковски кохабитираше со влада на СДСМ, но предлогот помина. Бев поканета на собраниската комисија за одбрана, веројатно како декор за различни мислења, бидејќи сите „експерти“, до еден, беа за испраќање војници во Ирак, а на сите мои аргументи одговараа со подбив „ја разбираме, жена е, емотивна е“, така омаловажувајќи ги сите факти и аргументи, вклучително и оние дека го кршиме уставот и законите на сопствената држава, покрај тоа што стануваме окупатори на туѓа земја, во која веќе се вршат воени злосторства.

Во 2003 година, ќе признаеме, имаше некакво мировно движење во Македонија, мало, но сепак… Сега би очекувале дека зајакнало, особено откако стана јасно што донесоа војните во кои учествува(в)ме. Но, ништо од тоа. Велат сега, во 2016 година, Македонија пролет, некаква револуција, бара нови вредности и извикува „Нема правда, нема мир!“. Но, разни Чилкоти и слични надворешно-политички дешавки не ја допираат. Таа мисли дека најголемата неправда на земјината топка се случува токму тука, дека ние сме најголеми страдалници, но и најголеми борци за правда и за мир. Чилкот го одмолчаа, како што сите овие силни интелектуалци и борци за човекови права ги одмолчуваат години наназад сите наши контингенти испратени за помош на братскиот американски и британски народ, а за да влеземе во НАТО што поскоро. Дури и студентите молчат. Навистина, повремено ќе се дигне глас во знак на солидарност со бегалците, ама никако да се сетат дека тие се последица, а дека причината за нивната несреќа ја поддржа не само владата, туку и цивилното општество. Овој граѓански сектор кој веќе се самокрунисал со праведнички и херојски ореол е доенче на грантови токму од земји кои не само што војуваа(т), туку и кои не покажуваат ни трошка каење за сите жртви на нивните империјалистички зафати. Како да протестираш против војната во Ирак или Сирија, кога истовремено правиш селфи на приемот на американската амбасадата за „Индипенденс деј“ или славиш роденден на кралица? Не оди! Мораш да бидеш политички коректен, љубезен и благодарен. Вистина, Британија излегува од ЕУ, но затоа сојузници сме во НАТО, а ние умираме од желба да станеме членка без оглед на тоа што се зазорува Втора студена (или не толку студена) војна. Американскиот амбасадор Бејли деновиве излезе со обраќање до македонската јавност во кое наведува колку пари биле вложени во нашето правосудство и полициски реформи, а познат (онлајн) колумнист вели дека американските даночни обврзници би биле гневни кога би знаеле дека, ете, попусто фрлале пари во ваква Македонија. Можно ли е да не го гледа гневот на граѓаните во САД, кои полицијата ги тамани како зајци (најчесто поради „погрешна“ боја на кожа)? Колку ли „Мартини“ беа убиени како резултат на полициска бруталност само минатата година и колку пари се вложени во милитаризација на полицијата? Не дај Боже, нашиве полицајци да ги усвојат американските стандарди заедно со нивните донации; еве, во Далас полицијата употребила робот-убиец кој детонирал бомба против демонстрантите. Не е поентата да ги оправдуваме нашите акти на бруталност или корумпираност со сличните таму, кај нашите докажани пријатели. Но, малку усул! Доста со покажување морална вертикала таму каде што не постои! Нашите сојузници не можат да бидат естаблишменти кои најголем дел од буџетот го трошат за воени и полициски структури, и за империјални војни, додека дома расте сиромаштијата (иако го немаат Скопје 2014). Наши сојузници се оние кои се борат против сопствената милитантна култура и институции, за социјална правда и еднаквост, каде и да се! И секој во својот двор, но и со признавање на соучеството во криминални злодела. Шарената револуција можеше барем да прогласи минута молчење за половина милион жртви во Ирак за кои сме и ние одговорни, и евентуално да испорача барања за инаква надворешна и безбедносна политика, наместо да сече вени што Иванов не го удостоил Самитот на НАТО. Инаку, Законот за кризи кој дозволува употреба на АРМ беше донесен од денешната опозиција, но нема место за грижа: сѐ што нешто вреди од армијата е веќе во Авганистан.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: The U.S. Army via Flickr