Државна фасада

Немам намера да пишувам за барокните фасади од лажен мермер, гипс и стиропор; тоа и врапчињата (кои пеат за ВМРО) го знаат. Бесмислено e да се зборува за очевидното: не само што е политички налудничаво, туку и длабоко неморално и човечки болно кога среде катастрофа од ваков вид владата тврдоглаво продолжува со проектите за „пресоблекување“ на центарот на Скопје, изградбата на Панорамското тркало, поставување на нови лавови и декорации. И сето тоа, додека кукаме и бараме меѓународна помош! Ова се толку самоевидентни нешта што е срамота и да се апострофираат: но од пратениците очекувавме да ги запрат! Барем за извесно време! На само неколку километри од главниот град почнува вистинскиот пејзаж на Македонија: сега дополнително нагрден и контаминиран со фекалии и нечистотии поради природната непогода, но сепак тоа е вистината за македонската периферија. Македонија и самата е тешка периферија, дури и на Балканот, за пошироко и да не зборувам – но и перифериите имаат периферии. Овие скопски села ги познавам безмалку 40 години. Мојот поранешен сопруг е со потекло од Црешево (па така и нашите три деца): таму одев дваесеттина години и на веселби и на погреби, и во тешка зима и во изгор лето. Животот отсекогаш мачен, тежок, сиромашен – едвај со самопридонес направија водовод, канализацијата беше вовед во некаква цивилизација на крајот на 20 век; поврзаноста со градот под секој стандард; едвај некое паметно дете ќе добиеше шанса да се издигне над тој бесперспективен живот. И така со децении… Сега се сетив како пред 30-тина години мојата најмала ќерка, при една посета на селото, праша: а зошто овде мириса на слон? Си помислив, каква ли е сега реата која се шири од општиот трулеж, и на предметите, објектите, ама и на распаднатата држава? Токму затоа во минатата недела пишував за восхитот и надежта кои ни ги побуди спонтаната хуманитарна акција на (простете на израз) обични луѓе, непознати за пошироката јавност, но луѓе со огромни срца и вредни раце. За првпат во една скопска периферија, притоа поделена и по етничка и по верска линија, се случи солидарност и безрезервна хуманост на луѓе кои порано никогаш и не стапнале (или не би ни посакале да стапнат) на тој терен. Добар дел од градската младина не само што виде катастрофа, туку и се соочи со сиромаштијата и тешкиот живот на селските луѓе (за кои инаку ламентираат во политички контекст). И тоа е добро поради соочувањето со она со што и од што еден ден ќе треба повторно да се изгради политичка заедница! Посебна тага ме обезема кога слушнав за тоа дека волонтерите ги однесоа дечињата во Сити мол, во кино и игротека, забава со кловнови – за да се ослободат од траумата. Зарем не е тажно дека требаше да се случи несреќа за да го доживеат она што за скопските деца е на дофат. А живеат на неколку километри од Скопје – а како да живеат на друга планета! Политичките профитери (познати како народни претставници) одржаа „итна“ собраниска седница десет дена по катастрофата; ми беа доволни само 10 минути да ми се згади и да сфатам дека ни заедничка несреќа не може да ги помири. Не помогна ни навидум благородниот предлог на Алити, некогашен командант на ОНА, за донирање на една плата: евтин начин за смирување на личната совест наместо преземање политичка одговорност. Тие се таму да водат држава, а не да изигруваат хуманитарци или активисти. Така, и по 15 години од конфликтот, луѓето во тие краишта добија споменици на воени херои, но не и услови за пристоен живот. Мрчаторите се посебна категорија во нашиов фолклор: тие се најумни, им пречи буквално сѐ, дури и тоа што ФБ страницата им била „поплавена“ од повици за хуманитарна помош (се разбира, обвинувајќи ги сите за лицемерие – додека тие се одмарале по планини и дишеле чист воздух). Но, тие не заслужуваат да се најдат во колумната за фасадите, иако се и самите фасадни ликови.

Приказната за политичката, правната и моралната одговорност на сите кои низ годините, и во времето на повеќе влади, не создале систем туку Потемкиново село е долга и мачна: запуштена инфраструктурата, отсуство на превенција, ставање пари в џеб наместо вложување во одвод на автопатот; тука се и оние кои се сакаат себе си, ама само до оградата на дворот, па фрлањето смет зад порта е нормално; сечење шуми за свои потреби (од сиромаштија), а некои заради профит (организирано). Но, од некаде мора да се почне – барем со соочување со фактите. Политичката одговорност ќе дојде на ред дури на избори (ако некогаш се случат); правната е целосно свртена кон СЈО (па повеќе јавно внимание предизвикуваат планирани шлаканици за еден градоначалник, отколку потребата редовното Јавно обвинителство да покрене постапка за утврдување на евентуалната вина на раководни лица поради чија небрежност или несовесно работење беа изгубени човечки животи). Морална одговорност во Македонија? Мора да се шегувате! Сиот дискурс за одговорноста – од 6 август до денес – е ставен исклучиво во контекст на предизборие, па затоа и не дава некаква надеж за радикална трансформација на системот. (Некаде прочитав зајадлив и сеирџиски коментар: „Незгодно е ова кога ќе ти се случи поплава пред избори.“ Невиден политички цинизам во време на потрага по човечки трупови!)

Тукушто се одбележа Денот на АРМ, а нејзините припадници затечени (со помош на „креативно“ толкување на законот) во загрозените региони, и дури откако стана јасно дека ништо не функционира. И во овој повод, повторно срамежливо (од анонимни извори од АРМ) беше кажано каква мизерија владее таму, колку низок социјален статус имаат припадниците, итн. (Затоа некои од нив молат да одат во Авганистан, а некои не се ни враќаат – стануваат контрактори). Битката која партија или протесна група имала повеќе доброволци е дегутантна, меѓу другото, и затоа што е уште една трагична илустрација дека партијата ја супституира државата/општината, па уште и се фали со тоа. Да, имаме и механизација и луѓе од странство! Некои се чудат што во нарачките за странска помош биле вброени и метли и џогери. Не е за чудење, оваа држава е како константа во категоријата неспособност: во 2001 година откривме дека имаме армија, ама и покрај сите НАТО реформи немала куршуми, па се увезуваа итно или се добиваа на помош. Фактите се неумоливи: сето она што од стариот одбранбено-заштитен систем функционираше се растури низ непрекинати реформи и реформи на реформите. Со водата се фрли и бебето! Реформите, од шупливо во празно, на хартија! Најдобриот дел од натоизирата АРМ служи на Империјата отаде светот. Кризниот менаџмент по европски терк (уште едно фенси, модерно име без содржина) беше потковување на жабата, преземање институционални фасади, канцеларии за партиски кадри и бесмислена децентрализација. Во Македонија сѐ е на верска основа: што дал господ, pray for Macedonia, децата затоа добиваат верска поука, а не знаења за самозаштита. А кадар има да се рие со лопати: не се знае колку магистратури и докторати се одбранија на тема кризен менаџмент! Кај нас сѐ е тежок фингерај, Труманово шоу! Затоа во хаосот има бизарна хармонија: не само што нема одговорна власт, туку воопшто и нема власт (вистинско собрание, влада и судство). Зошто тогаш некој очекува систем за заштита? Сѐ е европско (по име), а специјално по суштина во СРМ – Специјална Република Македонија.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: виа Википедија