Леб и Олимписки игри

Мнозина со радост го дочекаа почетокот на Олимписките игри, што поради љубов кон врвниот спорт, што поради потребата да побегнат од грдата стварност. Во Македонија веројатно ќе се бега од осамената прослава на Илинден од страна на политичарите и пораката пратена од апатичните граѓани, од изнасиленото (еднонационално, како и илинденското) одбележување на 15 години Рамковен договор (кој е веќе во сенка на серијалот Пржино 1, 2 и 3), а во пресрет на патетичниот Ден на независноста. За мнозина централно прашање е учеството на Македонија со шестмина спортисти и без име. Точно, за четири години, не се создадоа тимови и развија поединци кои би можеле рамноправно да нѐ претставуваат во Рио. Националното понижување со БЈРМ продолжува (и ќе трае со децении), но името е сепак најмалиот проблем за спортските неуспеси (таа тема се отвора во 5 до 12, а веднаш потоа четири години се заборава).

Новина е дебитантскиот настап на Косово, но далеку поинтересен е настапот на една навидум постмодерна/наднационална „репрезентација“, сочинета од десетина бегалци (од Конго, Сирија, Јужен Судан, Етиопија). Собрани се под едно ненационално знаме луѓе од најчесто распаднати држави или од такви уништени токму од државите кои настапуваат со најголемите ѕвезди и ќе однесат најмногу златни медали. Претседателот на МОК, изјави: „Овие спортисти ќе му покажат на светот дека и покрај незамисливите трагедии со кои се соочија, секој може да даде придонес на општеството преку својот талент, вештини и силата на човечкиот дух“. (Кое општество, забога!?) Нивното име зборува за себе многу симболично: кратенката од официјалниот назив на англиски (All-Reffugee Team) гласи ROT – што значи распаѓање, гнилеж – онака како што се распаѓаа(т) нивните животи и држави, така се распаѓа и човечкиот дух на планетарно ниво. Бидејќи тие се овде повеќе симбол, односно се искористени да се испрати порака дека светот се грижи и дека оние во Алепо или Судан можат олимписки „да издржат со силата на својот дух“, како и овие спортисти. Тие се веќе миленици на лицемерен свет кој сака да покаже сочувство ама за неколкумина, додека и натаму паѓаат бомби и се продава оружје на умерените „борци за демократија“. Спортистиве лишени од национални обележја потсетуваат на главниот лик (Том Хенкс) од филмот „Терминал“. Со нив ќе се фалат доброчинителите, кон нив ќе се слеваат симпатиите, ќе бидат (барем извесно време) „дарлинг“ на медиумите. Небаре војните навистина запреле за време на Олимпијадата, и небаре овие луѓе навистина ги претставуваат милионите бегалци низ светот. Како што нам, како држава, не ни се дозволува да настапуваме под државното име, кај овие луѓе се брише постоењето на нивните држави, дури и на спортски план. Парадоксот е во тоа што Олимпијадите сѐ уште претставуваат фестивал на националното и на национализмот: доволно е да се видат трибините, да се слушаат химните (некои од нив, баш „крволочни“, вклучително и Марсељезата). Но, ваквите настани се рај за корпорациите и организаторите – тие се единствените што навистина профитираат, кога олимпискиот оган ќе се згасне и остави пустош зад себе.

И спортистите од нормалните (па и големите) држави, се лишени од личниот идентитет, кој им е позајмен на нивните држави: во време кога Олимпијадата е далеку од спортски настан, или дури и најмалку тоа, ами продолжување на геополитичкиот натпревар со други средства (доволно е да се спомене студеновоената битка со спортистите од Русија), на спортистите кои се личности со интегритет, свест за себе и за своите општества, правилата им забрануваат искажување политички ставови. Тие се тука да бидат ѕвезди, мнозина ќе бидат и одлично платени за успесите, ама затоа од нив се очекува да ја играат играта: шоуто мора да продолжи! На трибините и зад нив преку 140 шефови на држави и влади (ќе) водат голема политика, од спортистите се очекува да бидат само претставници (поданици) на државите под чие знаме настапуваат – инаку следуваат казни. Но, познавачите укажуваат дека на спортистите им е доста да бидат замолчени поданици на своите држави, кои треба да се покажат во најдобро светло и со најмногу медали. Серена Вилијамс и женскиот кошаркарски тим веќе испратија гласни пораки за состојбата во САД, особено за положбата на црнечкото население („Црните животи се важни“) и говорот на омраза во текот на претседателската кампања. Се очекува многу спортиски пред медиумите да зборуваат и протестираат за нешта што не се поврзани со спортот, без оглед на можните казни. Олимпијадата можеби и ќе стане светски форум, бидејќи олимпискиот оган веќе не се забележува од вискинскиот пожар во кој гори сѐ нaоколу. Веќе десет години во некогаш развиениот Бразил се одвива тивок преврат, а сиромашните од „олимписки градови“ систематски се иселуваат од трошни куќарки, за да не ја срамат државата-домаќин, да не шират непријатни слики или криминал. Околу 80 илјади луѓе добија статус на внатрешно раселени лица. Организацијата на Игрите веќе се смета за фијаско, а лавовски дел од буџетот на земјата која запаѓа во економска криза, е потрошен за објекти кои ќе останат без намена, додека обичниот Бразилец и натаму ќе има потреба од болници и училишта. Испитувањата на јавното мислење покажаа дека мнозинството беше/е против организирање скап спортски настан за сметка на другите човечки потреби. Се разбира, и среде Олимпијада битката за власт тече, а градоначалникот на Рио се бори да ја замени Русеф.

Романтичниот мит за Олимпијадата отсекогаш имал лажни темели и висока цена. Време е да се размисли за поинаков начин на организација, за поекономичен и социјално поправичен облик на организација. Меѓународниот олимписки комитет (како и ФИФА, ФИБА и кој ли сѐ не), се дел на корумпирана банда која е во сојуз со политичките естаблишменти, и особено корпорациите. Секое светско првенство, Мундијал или Олимписки игри зад себе оставаат неприфатливи „колатерални жртви“, внатрешно раселени лица (во терминологијата на ООН) и тоа во време на мир: во 2008 година во Пекинг нивната бројка беше 1,5 милион луѓе, а слично беше во олимписките градови ширум светот кои стануваа места на бездомници поради стриктните барања на МОК. Тимот од 10 бегалци привремено сместени предизвикува овации, а никому не му е грижа за десетици илјадници кои останаа без домови, за задолжувањето, за неправичната социјална распределба, за неисплатените и експлоатирани работници кои мораа во рокот да ги изградат блескавите објекти. Никому не му е грижа ни за непроценливата еколошка катастрофа со која бразилската влада се сложува само за да ја покаже својата големина. Уживајте во спортот, ама не заборавајте дека во целиот циркус, тој е најмалку важен – тој е само средство за печалење пари преку патриотизам и прашање на моќ и престиж. „ Побрзо, повисоко, посилно“ – тоа не е девизата на спортистите, туку на оние кои ги движат конците додека навиваме, се радуваме или тагуваме од причини кои тоа не го заслужуваат.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: Paul Gilham/Getty Images via Olympics