Најдоброто во Македонија!

Веднаш по „перфектната бура“ во која се споија природните и човечките фактори, додека надлежните беа како гуска во магла, а политичарите водеа предизборна кампања среде кал, фекалии, реа, плач и смрт, од регионот ми побараа коментар за општествените аспекти на хуманитарната криза. Одговорив: „Деновиве Македонија одбележува 15 години од конфликтот. Иронијата на судбината сакаше природната катастрофа да удри во регионот во кој тогаш се водеа најжестоките битки. Природната непогода најјасно ја оцрта сета општествена катастрофа, па сега се излива сето она што се насобра за 25 години државност: социјалните разлики, политичките поделби, нефункционални институции, некадарност и партизираност, корупцијата и јавашлакот. На теренот се виде дека институциите беа и останаа фасада од хартија, која сега водата ја однесе. Парадирањето пред камери на лидерите на двете најголеми партии (првенствено, на Груевски), на министрите и градоначалниците беше повеќе политички театар, кој не само што не помагаше никому, туку и им одмагаше на оние кои се дават во кал. На јавната сцена, дури и во вакви моменти, доминира политичката нетрпеливост, па несреќата се става првенствено во политички (предизборен) контекст, а многу помалку во хуманитарен: властите настојуваат да глумат способност да се справат со ситуацијата, опозицијата прави сѐ за да го докаже спротивното, а внатре во протесното движење настана расцеп помеѓу оние кои и натаму повеќе би сакале да протестираат и бараат одговорност и оставки, и оние кои почнаа конкретно да се здружуваат за да ја заменат непостоечката држава и со свои раце да им помогнат на настраданите. И во овој случај ја потврди старата теза дека во вакви тешки времиња кај луѓето се будат најблагородните, но и најтемните пориви (настраданите не се исклучок, и тие се само луѓе). Многу пострашно е што никому не му се верува: не само на надлежните институции (Центар за управување со кризи, Дирекција за заштита и спасување, итн.), туку дури и на Црвениот крст! Мнозина од нас беа погодени од рамнодушноста на граѓаните во регионот којшто не се солидаризираа како што ние сторивме во 2014 година. Македонското општество, пак, дури сега ги прави првите чекори кон внатрешна солидаризација и креирање на „општество на партиципација“, кое во најтешките моменти ќе ја замени непостоечката држава. За жал, жртвите немаат време да чекаат институциите да проработат или граѓанското општество да сфати дека митот за социјалната држава посветена на потребите на граѓаните, како и оној за одговорната власт, се одамна мртви, уште од ураганот Катрина, ако не и уште пред него.“

Како што минуваа деновите, нештата се менуваа на подобро особено во поглед на македонското општество на партиципација. Не дека институционалниот и организиран одговор на кризата профункционира (тој треба да се изгради од темел, бидејќи сите иновации и европски кризни менаџменти се покажаа голема нула) далеку од тоа, дури и кога порешително се вклучи АРМ. На политичарите и на политикантските лешинари не им дојде умот. Медиумите се посебна приказна со евтиниот сензационализам. Но, кога се чинеше дека завладеал тотален мрак, „зачинет“ со трулежот на моралот, државата и политиката, изрти најдоброто од Македонија. Почна со самоиницијативни повици на социјалните мрежи, сличен како овој на Мартин (мој поранешен студент): „Ако си работоспособен човек и ти е преку глава од лајната што се лепат по интернетов поради поплавата, не се срамувај, ела со мене, има уште место. За помош повеќе од сигурно има потреба.“ И не беше единствен кој не чекаше некој да го организира, да направи „ивент“ или да се координира! Мартин ја сфати суштината и повика: „Самоорганизирај се! Ако сакаш да помогнеш, фати 23-ка, 45-ка или 65-ка, упати се по главната улица и одбери во кое попатно село ќе се стационираш. Ако немаш поддршка од твоите пријатели/ки, тргни сам/а… сигурно ќе сретнеш луѓе како тебе со иста намера. Здружи се во група и барај по уличките каде луѓето изнесуваат отпад. Помогни таму каде што ќе процениш дека е потребна здрава работа. Раздвижи ги соседите/пријателите во твоето маало/зграда/училиште. Напиши апел за донации и оди од врата до врата.“ Така, од базичното ниво, поединците создадоа реки, а потоа утоки, и се фатија за лопати и даваа помош: без дискриминација, без многу размислување, водени само од желба да помогнат. (Тука не мислам и на голем број граѓани кои тргнаа да им помогнат на блиските, бидејќи од нив тоа и би се очекувало; доблеста и хуманизмот се виде токму кај оние кои заминаа кај сосема непознати, а ги почувствуваа како свои, блиски – иако никогаш порано не стапнале во село и не виделе каков е животот таму.) Од ден на ден, го чинеа тоа и споделуваа размисла и слика за несреќата, поттикнувајќи сѐ поголем и автентичен хуманизам какви досега немаме доживеано. Најсветлата точка засвети по формирањето на Фејсбук групата за помош на настраданите: признавам, досега немам видено таков огромен практичен ефект од ваков вид комуникација! Речиси за миг, се појавија непознати луѓе, чии ликови и имиња не сте ги гледале по дебати или форуми (некои дури и координираа од странство, водеа евиденција и правеа ексел табели), а кои се чинеше имаа решение за сѐ: со ажурирана евиденција на секое семејство, карти на селските сокачиња затрупани со кал и никогаш прописно обележани со адреса и број, со конкретен (и растечки) број доброволци кои помагаа со она со што можеа и знаеја, и со попис на секоја донација – вклучително и со план каде е таа најпотребна. Се разбира, и овде имаше обиди да се „присвои“ групата од политички профитери; но секој таков обид беше сечен во старт од овие луѓе кои ниту сакаа, ниту имаа време да се расправаат со политика. Се вклучив симболично, па можам да посведочам за неуморните раце на Един, Андреј, Ивана, Бојана (го познава Стајковци повеќе од GPS); видов сиромашни луѓе кои несебично даваа; видов девојче кое не можеше да го одмине пунктот без да остави три шишенца со вода од џепарлакот. Мнозина рекоа дека им е смачено од политичката криза, но дека сега ќе сторат сѐ за да им подадат рака на други луѓе, но не на институциите; прашуваа: ама, ова ќе оди директно кај оние во мака, нели? Не се знае бројот на оние кои со сопствените возила (и бензин) разнесуваа пакети, храна и лекови, понекогаш после три искинати гуми (платени од свој џеб) и до 5 наутро. Затоа, среде национална катастрофа имам силна потреба да бидам позитивна (ќе критикувам подоцна). Политичките пресметки се недолични додека се спасуваат животи; впрочем веќе неколку години само тоа и го правиме: критикуваме, протестираме, мрчиме – и не функционираме! Сѐ до целосно нормализирање, фокусот мора да е на жртвите! Не е важно кој со која боја е, сѐ додека работи! Без позитивен однос и верба во хуманоста, засекогаш ќе нѐ поплави очај! Кога им помагаме на другите, си помагаме себе си! Се детоксицираме од гневот, се облагородуваме и оснажуваме за вистински акции. Ако успееме во хуманитарна криза, ќе успееме во сѐ. Ние не сме замена за институциите, ама без нас нема заедница, нема ни држава. Конечно, на 13 август Рамковниот договор беше фрлен во сенка, од една нова стварност и стана симбол на нешто ново и заедничко, бидејќи и жртви и спасители се луѓето кои пред 15 години некој ги натера да се гледаат како непријатели. Има надеж за нас, сѐ додека има емпатија и љубов!

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: Boris Grdanoski/AP Photo