25 години и што е сторено?

Како во колумна да направиш пресек на 25-та годишнина на независноста, на сето она што го минавме, некогаш чекорејќи заедно, а најчесто едни покрај други, или едни наспроти други? Работава никако не е за поезија, туку повеќе за проза, за сатира или трагикомедија, ама деновиве сами ми се наметнуваат стиховите на великиот Конески (оној од кој некои бараат да се одречеме од него и да го заборавиме). Како да го заборавиш „Тешкото“, кога патот и натаму е тежок, а ударите на тапаните силни? А Везилката? Со нејзините конци сѐ уште си ја веземе судбината: „едниот црн е, другиот црвен, едниот буди морничави траги, другиот копнеж и светол и стрвен“; се преплетуваат тие како судбинско нешто, а „едната нишка буди темница што штрека, другата буди вкрвавена зора“. Има ли денес поет кој не станал политикант, и кој со дигнато и мудро чело, без желба да сложи сенка на секо чело, да ни каже зошто и натаму се штрекаме од стравови и темнина? Дали вкрвавената зора е симболот на борбата за слобода (од кого?) или можеби злокобно навестување дека овде може и брат на брата да дигне рака, за темнината конечно да зацарува? Не сакам празници, не сакам ни тешки зборови, а најмногу сакам да ја избегнам и наместената празнична патетика која веќе наголемо ја подготвуваат партиските кујни. Оваа година веројатно сите ќе сакаат да профитираат од новата светица Мајка Тереза, која ќе биде шлагворт на нова лажна митологија и апологија (наместо потребната апорија) за нашето наводно величие. Ете, ќе речат, освен големиот Александар, оваа земја ги дала светците Кирил и Методиј, а сега и Мајка Тереза – и око нема да им трепне пред немилосрдноста на фактите кои зборуваат за тоа колку сме мали, неписмени и непожртвувани.

Сепак, најдлабоко ме допира симболиката на минијатурата на Конески, парафразирана на следниов начин: „Дваесет и пет години. И што ѝ сторивме? Дваесет и пет скршени врчки. Детето во неа е затворено во еден кафез од брчки.“ Младите не само што не знаат што е врчка, како што ништо не би им значело и објаснувањето дека тоа е збор за стомна; врсниците на Републиката веројатно не знаат и некои поважни нешта кои некогаш биле вредни и корисни. Растени во транзиција, социјална беда, карикатура на демократија, бескрупулозност и нетрпеливост – тие имаат своја (рап) песна за својата земја. Слушале тие од постарите за некои други времиња (кои се табу тема, нешто за што треба да се шепоти или кое треба гласно да се псуе), слушале за некаква „оаза на мирот“ среде војни, за независност, за Рамковни и Пржински договори меѓу закрвени слепи вождови; но, младоста нема трпение, ниту време да слуша за некои минати времиња. Таа инсистира на сегашност: ако не овде, тогаш надвор; ако не со труд и залагање, тогаш со бркање Покемони и исправање кликтивизам на социјални мрежи. Со какви вредности и идеали израснаа – тоа ние, постарите, тешко можеме објективно да го посведочиме. Младите имаат право на своја верзија на минатото и визија за иднината, ако воопшто сме им дале ум како да си ги создадат врз темелите на скршените врчки.

Не е ова време за празнување. Најголема храброст и доблест е чесното признавање на сите порази и грешки. Потребна е рекапитулација за она што (не) сторивме со дваесет и петте стомни. Симболиката е јасна: стомните се скршени (некои велат, тоа во оние времиња се сметало за знак на несреќа), годините се попусто изгубени. Македонија е предвреме остарена и запустена, бидејќи детето во неа никогаш немаше ни шанса да порасне и доживее пролет. Што сега? Како понатаму? Ќе плачеме ли над скршените стомни или ќе се преправаме дека се полни со правда, солидарност и демократија?

Одговорот не го знам. Во пресметката која веќе се наслушнува во предвечерјето на јубилејот, ќе доминира реторика на „вашите“ наспроти „нашите“. За жал, има и такви кои ќе речат ова не нѐ засега, затоа што ние си имаме наше „дете“ во кафез од брчки стари сто години. Пред да почнеме (во типично македонски мазохистички стил) да се посипуваме со пепел и да пребројуваме кој скршил повеќе стомни, не е некритички, туку е нужно да констатираме дека не сме виновни за сите стомни: некои беа веќе распукани далеку пред 1991 година, други беа колатерална штета на регионални војни, санкции, и разбудени духови од минатото, наводни хуманитарни интервенции итн. Кога веќе духот на Конески ми ја води раката, можеби тука треба да се спомене цртичката „Бавча“, онаа за дилемата дали на ваква почва може да се израсне англиска (пардон, европска е посоодветен израз после Брегзит) трева, кога на неа од инает ќе изникне магарешки трн (па уште и со убав цвет кој ќе ги сокрие трњата), но и пирејот усвоен како симбол на идентитетскиот код на народ кој не е сосема истребен, наспроти сите обиди за негово искоренување, преименување или „култивирање“. Толкувањето на мозаикот на скршените врчки е претешка задача за мене. Веројатно затоа што сум субјективна, како и читателите. Гледам многу малку со што би се гордеела од изминатите 25 години (со исклучок на уметнички, културни и по некое спортско достигнување). Но, сепак гледам и земја која преживеала тогаш кога никој не ѝ даваше шанси (во раните 90-ти). Често сме нестрпливи и веруваме во прескокнување на историски фази на зреење и учење во градење држава, заедница и демократија. Но, гледам земја која имаше гратис-период на мир, која не успеа да ја научи лекцијата од другите, па наместо трпеливо да гради заедничка бавча (макар и со магарешки трња) се втурна во цртање граници и ровови. Сепак, и тоа го преживеа со многу помалку лузни од сите други! Гледам земја која од кобожем привремено име (и префикс бивша) стана ад хок, со специјални и паралелни институции, неспособна ни попис ни избори да организира, поради некадарноста и лакомоста на вождовите, но и поради експерименталните лекови на „стејтбилдерите“ (специјални пратеници, мачкари или амбасадори), а во желба по секоја цена да никне англиска трева во рок од 15 години (последен пример е договорот од серијалот Пржино на англиски јазик, потпишан од племенски поглавици и богаташи, кои патем не знаат ни да пелтечат на англиски). Не можам а да не видам и мала земја која се жали на своето тешко воено минато, а по 25 години под туѓи знамиња и за империјални цели војникува по далечни земји, за потоа да ја чува границата од оние кои бегаат од тамошната „среќа“ донесена со воени средства. Гледам земја која се одрекува дури и од она што некогаш го изградила (заедно со другите соседни народи), иако е тоа дел од нејзината историја и институционална меморија, а доброволно прифаќа колонијален статус пред држави, и уште повеќе во однос на корпорации. Гледам луѓе во чии глави е втисната нова догма, мантра дека „нема друга алтернатива“ освен капитализам, НАТО и ЕУ, и дека изборот е само помеѓу Груевски и Заев (во придружба на Али и Мендух). Но, најмногу од сѐ, барем во овие мигови на преборјување на стомните, гледам и една мала, и сѐ уште убава питомина, со доволно глина за правење нови стомни, на стамени млади луѓе кои нема да плашат зад скршените врчки, туку ќе почнат да градат одново.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: Знамето на РМ на плоштадот Македонија во Скопје