Билјана

Токму кога мислев да ѝ јавам на редакцијата да не очекува колумна за понеделник, бидејќи веќе два дена сум во постела со болки и температура, погледнав „што има ново“ на Фејсбук. Ме пресече тажната вест дека мојата имењачка и драга пријателка, нашата извонредна режисерка, Билјана Гарванлиева, починала. Сега веќе станав од постела со намера да напишам нешто; ако не можам инаку, тогаш барем да се простам на овој начин со оваа прекрасна личност, која ја знаев само од 2012 година, ама која со неверојатна леснотија ми го збогати животот. Немам сила да пишувам in memoriam, се надевам нејзините колеги ќе умеат подобро да направат ретроспектива на сите нејзини филмови, добиените награди и професионални планови. Јас во моментов можам само да кажам како ја доживеав и како ќе ја паметам. Билјана ја „сретнав“ на Фејсбук. Стапи во контакт со мене во врска со некаква експертска дебата којашто требаше да се одржи во Берлин, а таа била замолена да предложи учесници од Македонија. Дебатата никогаш не се одржа, но за среќа, набргу, по друг повод (учество на конференција) требаше да патувам токму во градот во кој таа живееше со семејството. Помислив дека ќе биде згодна можност да се сретнеме во живо, откако веќе бевме воспоставиле виртуелна комуникација, па ѝ ја соопштив веста. Таа не само што се израдува, туку и инсистираше да ме сретне на аеродромот (иако организаторот ми беше обезбедил превоз до хотелот со такси). Ме дочека широка насмевка, се прегрнавме како да се знаеме цел живот, и така едноставно, без многу вовед и персирање, започна нашето вистинско дружење. Тоа што таа беше 13-14 години помлада од мене немаше никакво значење: таа ме прегрна мене, а јас неа. Таа ми беше потпора кога малкумина веруваа во мене, а верував дека таа може сѐ да стори. Во текот на тој тридневен престој во Берлин, секој слободен миг ми го посвети мене иако ја молев да појде дома, но таа најде време дури и да присуствува на конференцијата и да ме испрати. Оттогаш се гледавме повремено во Скопје, или барем ќе се слушневме на телефон или ќе разменевме пораки.

Разговорите со Билјана значеа привремено одделување од времето и просторот: за кусо време умеевме да си ги раскажеме и интимните нешта, но и со интерес да слушаме за битките, плановите и предизвиците со коишто секоја од нас се соочуваше. За својот здравствен проблем таа едвај и да зборуваше, или ќе го спомнеше со насмевка – небаре тоа е некоја дреболија во еден целосно исполнет живот. Всушност, ми требаше време за да сфатам колку е сериозна состојбата – но, повеќе сакав да ѝ верувам на нејзината насмевка и храброст. Немаше таа време да мисли за неубави нешта, имаше премногу од животот што сакаше да го прегрне или разбере. Всушност, само оние кои ја познаваа лично, како и нејзините филмови, можат да ја разберат причината за тоа тивко и небрежно минување преку сопствените проблеми: Билјана знаеше да слуша! Таа беше секогаш подготвена да ги разбере радостите или страдањата на другите, и никако не сакаше да ги оптоварува своите соработници и пријатели со нешто небитно, како што е минливоста на животот.

Билјана беше еден од оние бисери, кои не наоѓајќи место во нашите медиокритетски кругови, оптоварени со завист и некакви други мерила за квалитет, по дипломирањето заминала во Германија. Но, таа никогаш не ја напушти Македонија – таа беше Македонија, убавата страна на Македонија: топла, ведра, енергична, харизматична; способна за прошка и за емпатија, но не и за патетика; исполнета со љубов кон својата мала и сиромашна земја, ама и длабоко свесна за потребата да се отпретаат и насликаат сите нијанси на несреќата со која овде се борат обичните луѓе. Затоа, не случајно, таа своите филмови ги изнедри овде. Тие се запис за едно време, за различноста и сличноста на луѓето кои живеат тука, за радоста и тагата со која минуваат деновите, за експлоатацијата на „директните странски инвестиции“, па дури и за климатските промени (за кои сме сѐ уште глуви и слепи додека си вадиме очи поради политички пресметки). Таа беше пример за тоа како се сака својата земја: со очи и ум ширум отворени, со бележеше низ документарните филмови на она што го кажуваат брчките на селаните или потта на шивачките, па дури и она што останало некажано – таму е во нејзините филмови за Македонија на почетокот на новиот век. Колку што ми е познато, сите нејзини дела, од првенчето натаму, беа наградувани на меѓународните фестивали на документарен филм. Таа самата говореше дека македонските телевизии се сосема незаинтересирани за документарни филмови и дека не може да допре до оние за кои всушност и твори. Кој знае, сега кога замина, можеби и ќе пуштат некој филм? Или можеби ќе се срамат од тоа како ја прикажала маката на работничките? Билјана беше далеку за да активно се вклучува во сите активности и протести, на еден или друг начин, особено кога беа во прашање женските и работничките права. Токму денес видов една нејзина фотографија и се сетив дека заедно протестиравме против законот за абортус. Таа беше борец, ама така ги гледаше и жените: како хероини кои опстојуваат наспроти сѐ. Читам од нејзините најблиски соработници дека била активна сѐ до последните денови. Тоа е токму Билјана каква што ја знам! Тоа е жената која ќе ми недостасува, но која секогаш ќе биде инспирација за тоа како треба да се живее со полни гради и да се работи до последен здив – не за пари или слава, туку затоа што творештвото е самиот живот.

Како течат годините, така стекнуваме нови пријателства и губиме драгоцени луѓе. Тоа не е никаква филозофија, толку е неизбежно како дел на животот, зар не? Но, со стареењето, простувањето со луѓето кои што сме ги знаеле, сакале и почитувале станува многу важно, и многу болно. Се сеќавам кога пред 15-тина години преку електронската пошта (за мене, во тоа време, сѐ уште новина и без голем круг на луѓе со кои комуницирав) стаса порака дека починал (постар) колега од Романија, испратена од неговиот син. Човекот го бев сретнала само еднаш, немав време дури ни да оформам посебна слика за него, а дотогаш имавме само некаква ретка електронска комуникација. Сепак, кога дојде мигот да го избришам неговото име од адресарот, раката ми затрепери. Си помислив, и ова е некаква смрт, бришење од сеќавањето. Како минуваше времето, така ваквите ситуации стануваа почести. Признавам, кон оние кои ми беа многу драги и блиски се однесував поинаку, бидејќи дури и не доаѓав во искушение да ги избришам: ете, не сакав дури ни симболично да ги „избришам“ од email адресарот, од листата на пријатели на Фејсбук или од мобилниот телефон. Иако, на тие луѓе мислам и без повод, а особено кога ми недостасуваат, сепак повремено, додека ги разлистувам контактите или пребарувам нешто, самиот поглед на нечие име ми буди топлина околу срцето. Човек на мои години ја прифаќа смртта и не се плаши од неа, а за оние кои ги познавал почнува да негува не тага и јад, туку благодарност што воопшто имал можност да ги сретне и да ги сака. Билјана е едно од тие мои животни искуства: личност која ме допре, која ме збогати и – се надевам – ме направи подобро човечко суштество. И да сакам, нема да можам да ја избришам од никаков адресар, најмалку од срцето бидејќи таму се вдоми нејзината насмевка уште при нашата прва средба. Но, ќе знае ли Македонија да ја запомни како што доликува за успешна режисерка која твореше од оваа земја и за неа?

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: Biljana Garvanlieva/Facebook