Каламити Џејн

Тоа што политичката/партиската јавност е на спротивни позиции во однос на Катица Јанева не е изненадувачко. Но, кога демократската и интелектуалната јавност ќе се претвори во хор – тоа е феномен кој Катица Јанева треба да ја направи недопирлива за каква било јавна критика! Таа стана икона и предмет на апологија, колумнисти ја портретираат како хероина и жртва, а само пред само една година ѝ се потсмеваа. Луѓе познати по елитизам ќе протестираат во знак на поддршка за ЦрвенКатица нападната од волците-садисти во парламентот. Мислењето од ланската колумна „Игорче и Кејти“ не сум го сменила ни за милиметар, само што „Игорче“ (Македонија) е поретардиран од порано, а Кејти е разгоропадена. Попусто споредби со романската обвинителка: тие се разликуваат како ден и ноќ (погодете кој ја претставува ноќта). Дел од јавноста е подготвен да мижи пред јавно манифестираната професионална и интелектуална инсуфициенција; ако и не ја бива (ова го признаваат само приватно, јавно не смеат да зуцнат), тогаш надежта ја ставаат на мистериозниот тим на соработници и советници, кои треба да успеат во она за што главната е очигледно неспособна. Најискрено се надевам дека нивните надежи ќе се исполнат, а мојата скепса ќе се покаже неоснована. Оваа колумна е само знак на отпор кон замолчувањето на секој критичен глас, против глорификацијата на просечноста и заложба за непречена опсервација и очекување одговорност од секој носител на јавна функција. Повторно се наметнуваат лажни дилеми: ако на Јанева не ѝ припишеш способности кои очигледно ги нема, тогаш мора да си со режимот и го штитиш криминалот. Не ми гине етикета, а веќе ми порачуваат да замолчам, и ако веќе не ѝ помагам на Јанева (како, побогу?), тогаш да не ѝ одмагам. Но, Јанева не е божица, за фактите да замолчат пред неа. Уште во старт видовме неука обвинителка од Гевгелија (чија кариера започнала во судот кај тате, претседател на истиот). Цветаше од насмевки како да добила на лотарија и се фалеше дека добила шофер (!?). Секој и малку разумен и искусен професионалец ќе се замислеше пред сериозноста на предизвикот – прогон на највисоки државни функционери за најтешки кривични дела! Но, таа им се поклони на политичарите и на странските центри на моќ (кои ја одбраа без јавен конкурс, по пат на пазарење и со притисок). А кога го спомена „авиончето“ кое летало (со указот), веќе сѐ беше јасно. Шарената револуција ѝ даде ореол на Валкирија, хероина и маченичка уште пред да покаже каков било резултат – и со тоа и додели политичка, а не правна функција. Јанева со право се жали на опструкциите и аболицијата, но некои од нас не можат да ги заборават и неодложните велигденски обврски, свадбата, прошетките до Рим, Дубровник, на воркшопови и конференции. А сега таа го обвинува парламентот дека ѝ го одзема времето за дребулии како што е извештај за отчетност. Впрочем, и сега расправата ја заврши во ист стил: имам неодложни лични работи за време на викендот.

Каламити Џејн позира во студио во Еванстон, Вајоминг, меѓу 1884 и 1893 © Denver Public Library
Каламити Џејн позира во студио во Еванстон, Вајоминг, меѓу 1884 и 1893 © Denver Public Library

Јанева е мит во кој сме принудени да веруваме (тешко на Неверен Тома кој ќе се посомнева; веднаш ќе го острахираат и анатемисаат токму оние кои му се смееја на Иванов што пелтечи или што арогантно гледаат од висина на секој кој е недоветен, па дури и оние кои посакуваа да видат јавна личност која не чита кога говори). Јавната слика која се исцртува со беспрекорни потези на „фрескоцртачи“ ме потсетува на легендата за Каламити Џејн. Онаа (наводно) опасна жена од времето на Дивиот запад, не била ништо друго туку обичен мит, па дури и не сосема доблесен (а познато е дека и самата учествувала во креацијата на својот јавен имиџ од комерцијални причини). Западот сега не е див, ама сака да продуцира легенди. Бизарно е сред примитивизам и салиерштина, да очекуваме Јанева да отскокнува. Наивни се оние кои веруваат во постоење проблесоци, брилијантни и чесни луѓе, со интегритет и морал, ама и со стручност и професионалност кои ќе гарантираат правично судење, дури или особено за омразени ликови – бидејќи тоа е функцијата на делењето на правдата! Велат дека Катица не е оратор, ниту ораторство ѝ е потребно, што е извртување на тезите и девалвација на правничката професија. Ако е така, зошто им се потсмеваме на неписмените во адвокатските канцеларии, обвинителствата и судовите кога ќе им ги прочитаме списите и пресудите? Јанева е продукт на високото образование и жив одраз на севкупниот амбиент! Не е проблемот во неа, туку во фактот што градиме општество на неизвонредност. Немав привилегија професор да ми биде Иво Пухан, чие име денес го носат Ораторските денови на кои идните правници ги покажуваат своите вештини. Добро е што постојат предмети како Правна реторика и ораторство. Во мое време, во морето осредни (и такви кои читаа), имав неколку извонредни професори, од кои научив што е ерудиција и зошто вербалното изразување е важно за правничката професија. Сега ме убедуваат во спротивното, и дека „доказите сами ќе зборувале“ или дека „можеби нема вербални вештини, ама е добар менаџер во СЈО“. За менаџирањето, симнувам капа: изменаџира за себе највисока позиција, буџет како за НАСА, други попаметни од неа работат за хонорарчиња. Патем, и покрај одбивањето да поднесе финансиски отчет, јавна тајна е дека нејзината плата за 1,5 месец е колку годишната на универзитетски професор, за „обичните луѓе“ (како што ги нарекува) и да не зборувам. Човек не знае дали да плаче или да се смее пред хорската пофалба на ограниченоста и потребата од неуки херои! Обична артикулација на мисла за сопствената работа се изедначува со ораторство или елоквенција! Па тие се „виша математика“ за Јанева (како и за политичарите и функционерите)! Но, да не се знае правната квалификација на делото за кое го гони Заев и да се чита од хартија, тоа е скандалозно! За тоа се паѓаше на испит кај Марјановиќ и Камбовски! Ако е ова превисоко барање, тогаш ова е навистина општество кое сака неуки, но тогаш нека не биде селективно кога се подбива со други од нејзин или повисок калибар. Фоксуирани на јавниот настап, малкумина забележаа многу позагрижувачки знаци, како политичката ароганција, непознавањето и непочитување на уставниот поредок и на својата позиција во него, но и неподготвеноста за отчетност. Дека пратениците се „волци“ (примитивни, потпивнати и наапани) е одамна познато, но страшно е колку совршено Јанева се вклопи во амбиентот: како лонче и поклопче! Еден наслов пишува: не е добра за интервјуа, ама во собрание беше одлична, им покажа „заби“! Небаре наддржавен фактор, таа делегитимира институции и имплицира колективна вина, доведува во прашање мандат на независни пратени(чк)ци поради нивната партиска предисторија, сељачки итро се заканува на пратеници (им го познала гласот од снимките) за кои не покренала обвинителен акт. Оперетата со патетични извици дека никому не му се плаши, па и тоа што ѝ слоши, не ги коментирам – но, во неа навистина чучи политичарка! Но, сега е обвинителка, па иако специјална – она што важи за сите носители на јавни функции мора да важи и за неа. Таа не презентираше извештај, туку испорача ултиматум. Силата не ѝ извира од легитимитет добиен на избори, јавен конкурс или протести. За жал, ароганцијата се должи на свеста дека Собранието е тигар од хартија, реално не ѝ може ништо, а Уставот е одамна дерогиран, и со воведувањето на СЈО по сила на политички волунтаризам. Зад решетки треба да се најдат сите за кои во правична судска постапка ќе се утврди вина, но нашата Каламити Џејн (создадена од недивиот Запад) мора да ја почитува поделбата на власта и принципот на владеење на правото, кој едноставно кажано гласи: „никој не е над правото, па ни СЈО и/или Јанева“.

Напишано за Нова Македонија