Универзитетски патрдии

Не можам да ја проверам веродостојноста на изворот, но ми се виде многу точна една мисла на професор од Јужна Африка: „За да се уништи еден народ не ви се потребни нуклеарни бомби, ниту ракети со долг домет. Доволно е да го смалите нивото на образование и да им дозволите на студентите да се служат со недозволени средства на испитите. Пациентот умира на рацете на лекар кој дипломирал со мамење. Се урива зграда поради рацете на инженер кој дошол до диплома со мамење. Губење на заработката поради сметководител кој дошол до диплома со мамење. Губење на правдата поради судија кој до диплома дошол со мамење.“ Но, колку и да има вистина во ова, ситуацијата е далеку посложена, без оглед дали ќе се анализира на национално (наше) или меѓународно ниво. Студентите/учениците и нивните измами не се најголемиот проблем во образованието. Зад оваа последица, стојат подлабоки причини и бројни причинители. Образованието е човеково право, и тоа навистина треба да е достапно за секого, без оглед на неговиот социјален или друг статус. Но, секое општество мора да најде одговори на неколку прашања: за што ги оспособува и едуцира младите? Кој и како ги дефинира образовните програми? Какви вредности и цели се вградени во нив? Кои квалитети треба да ги поседува оној што пренесува знаење? Како тоа знаење се вреднува во текот на образовниот процес – и како (и дали) истото се валоризира по завршувањето на студиите? Како се создава научен подмладок? Сето ова се прашања за кои сум пишувала низ годините, а кои ретко кога биле во фокусот на јавноста. Повод за последната (краткотрајна) бура беа измените на законот за високо образование и екстерното оценување. Се раздвижија ученици и студенти, наставници и професори – и набргу сѐ се претопи во политика (борба за власт), уривање на режим, безвремени избори. Во меѓувреме, се „збогативме“ со уште два новокомпонирани универзитети. Објавувањето на ревизорскиот извештај за начинот на трошење на буџетот за образование предизвика реакции, ама и тие добија предизборен призвук (инаку ручеци и репрезентации има и во академските кругови). Сепак, најскандалозната работа беше изјавата на познат професор, кој посведочи дека како министер кинел прекршочни пријави против Мијалков во 90-те, кога овој бил младо момче, од „почит кон неговиот татко“. Изјавата дадена во контекст на политичка дебата поттикната од интервјуто на бивш разузнавач (Македонија е не само виртуелна судница, туку е импресионирана и од разузнавачи), малкумина ја сместија во контекст на образованието. Ако професор на правен факултет така беневолентно зборува за начинот на кој ја злоупотребувал министерската позиција во зората на демократијата, тогаш не треба да нѐ чуди денешната култура на неказнивост. (Тукушто проструи веста за сообраќаен прекршок во кој бил инволвиран заменик-министер, па паѓаат облози дали и неговата пријава ќе биде скината од друг професор во МВР.) Да биде уште поинтересно, неодамна хрватски медиум го опиша Фрчкоски како „икона на македонската транзиција“. Најпосле, можеби навистина овој човек е иконата на таа неуспешна транзиција? Наивните мислат дека не може едно да се зборува, а друго да се прави; не можете во училница да пишувате за владеењето на правото, во практика да го кршите, а во колумни да бидете борец за демократија (притоа неретко ширејќи говор на омраза). Не може нормите да важат различно, зависно од нечија социјална, политичка, етничка или друга позиција – и тоа да го аргументирате (како што веќе професори одбранашки коментираат) со „џентлменство“ или оправдувате со малата општествена опасност на делата за кои бил товарен синот на министерот.

Некои, со право, сметаат дека добар дел од проблемите со високото образование треба да се бараат во објективната интелектуална и професионална немоќ и безначајност на балканскиот простор. Но, на ова мора да се додаде (политичката, моралната или финансиската) коруптивност на голем дел од оваа „елита“. Универзитетски кадри, под превез на битка за демократизација, цели 25 години пројавуваа(т) отворена желба за додворување и приближување до власта, ценејќи дека поголемо достигнување е да си политичар (пратеник или министер) одошто професор/научник. Академска елита или е дел на политичката (во власта или опозицијата, сеедно), или ѝ е доброволен прислужник (и кога молчи). А кетмани – колку ти душа сака! Пред повеќе години, Весна Пусиќ, тогаш на врвот на професорската кариера и нова во хрватската политика, ми рече дека ние, интелектуалците од овие простори, го немаме луксузот да си бидеме само професори, туку дека сме им потребни на нашите општества. Четврт век подоцна треба сериозно да се прашаме колку сме помагале, а колку одмагале во демократизацијата со неискуство, ароганција, неодговорност, хипокризија, кршење на моралните и правните принципи. На прсти можам да избројам професори кои биле во политика и излегле од неа беспрекорно чисти, а зад себе имаат извонреден научен опус. Секоја чест на исклучоците, но фолирантите, и како професори и како министри, превагнуваат.

За жал, јужноафриканскиот колега не напишал ништо за измамите на професорите. Прашањето за немотивираноста и склоноста кон мамење кај студентите го оставам за другпат; впрочем, полесно е да се зборува за студентите одошто за колегите, кои со превари се служат не помалку од студентите. Плагијаризмот е табу-тема, односно нешто за што се шепоти или се кажува во лутина, ама без завршница, иако сите знаат кој кого препишал или едноставно превел. Измама е и непотизмот, корупцијата, пуштање на испит со врски, вработување по партиска линија. Измама е кога избор во повисоко звање се врши врз основа на трудови објавени до Табановце или во меѓународни списанија со импакт фактор (од Аранѓеловац). Измама е да се објавуваат текстови преведени со „гугл транслејт“, а „меѓународни“ одбори ги прифаќаат без забелешка и за одреден надоместок. Измамата е очигледна кај професори чија неписменост се гледа во колумните кои ги објавуваат нелекторирани. Измама е кога магистерски и докторски тези се читаат „дијагонално“ или воопшто не се читаат, а дипломи се штанцаат во неверојатно куси рокови на докторирање или со неверојатно број менторирани кандидати (со нужен лукративен ефект): така создаваат нови професори, полоши од нив самите. Измама е да поттикнеш слаб студент да продолжи со магистратура или докторат, затоа што тоа било добро за факултетот. Листата на измами не се затвора тука, но и ова доволно зборува за тоа дека не секогаш ни се виновни властите. Вистината е дека и самите придонесуваме за ерозијата на образованието, но неволно отворено зборуваме за тоа (поради тоа што сме фини, културни, затоа што не сакаме да се замеруваме меѓу себе, ниту да си го нарушуваме јавниот углед). За новите универзитети нема зима, а и во парламентот и во министерствата и натаму ќе има професори-политичари (или политичари-професори) без знаење и без морал. Нуклеарната бомба е веќе детонирана, бидејќи се мамиме себе си, а не ја разбравме едноставната порака на Мартин Лутер Кинг дека интелигенција придружена со карактер е цел на вистинското образование.

Напишано за Нова Македонија