Временска замка

Човек може да замине од Македонија на подолго или покусо време, а може и да се осами од лични причини, но кога ќе се врати ги наоѓа нештата идентични какви што ги оставил. Ги отворам страниците на весниците, порталите и ѕирнувам во социјалните мрежи, а таму сѐ уште трае „бескрајниот ден“. Помладите можеби не се сеќаваат на култниот филм со таков наслов (оригиналот е „Денот на мрмотите“ со Бил Мари во главна улога). Накусо, ТВ репортер, циничен мизантроп, се наоѓа фатен во временска замка, па одново и одново се буди во еден ист ден. Единствено тој е свесен за бескрајното повторување на настаните, прави сѐ да го прекине тој синџир на повторување, но е немоќен дури и кога се обидува да се самоубие. Проклетството завршува во моментот кога ќе дигне раце од намерата да излезе од денот кој се повторува, почнува да ужива во настаните и луѓето (кои на почетокот ги презирал), чини добри дела. Се буди во нов ден, со саканата покрај него. Но, Македонија не е лик, туку театарската сцена за огромен број статисти и неколку глумци, домашни и странски. Ама, ниту карактерите се менуваат, ниту сценаријата, ниту пак актерите имаат желба да се сменат себе си. Поради моќта на мизантропи и деструктивци, преоблечени во патриоти и демократи, легнуваме и се будиме во истиот кошмар. Бомбастичните (наводни) вести и натаму трубат: „НАТО и ЕУ немаат алтернатива“, „Хан е предавник (или објективен европски политичар)“ (зависно од политичката позиција), „Нашиот протест е поголем од вашиот“, „Избори ќе има/нема“, „Ќе победиме (па таман Македонија пропаднала)“. Треба да напишам нешто што ќе ја објасни оваа бесмисла; мнозина ќе речат: не објаснувај, туку понуди решение. (Академик Ќулафкова веќе ме обвини за нихилизам и перверзно размислување.) И јас се соочувам со сопствениот „бескраен ден“: на која тема не сум пишувала, и тоа многу одамна, кога нештата биле во зародиш? Која е смислата од длабоки анализи или од нотирање дневнополитички препукувања, новинарски банди и/или на „глупавиот и поглупавиот“ од некакви квазидебати? Конечно, чита ли некој воопшто колумни (или весници)? Може ли колумнист да смени нешто? Повлијателни се фејсбук статуси кои без прашање и безобѕирно се пренесуваат во портали, зависно од потребата да се потврди нечија партиска теза.

Од „зората на демократијата“ живеевме под анестезија, со хипнотичко уверување дека изборите се врвот на новоосвоената демократија (платена со масовно осиромашување, и материјално и духовно), и со очекување на извештајот на ЕУ за напредокот на земјата или на наредниот самит на НАТО. Во време кога ова беше широко прифатена мантра, бев меѓу ретките кои се осмелуваат да ги деконструираат неолибералните митови, особено оној дека изборите значат демократија. Но, ете, дојдовме до тоа дереџе во кое не само што попис не умееме да направиме, туку и изборите се тотална непознаница. Порано како во транс се втурнувавме од едни избори во други, не забележувајќи дека се вртиме во маѓепсан круг, сега нашиот „бескраен ден“ се состои од кошмарно предизборие. Кошмарно е не само затоа што никој не се осмелува да прогнозира дали и кога тоа ќе кулминира со избори (за тоа веќе не одлучуваат ниту граѓаните, ниту нивните претставници во парламентот, ниту партиите – туку странските посредници-лекари), туку затоа што однапред е јасно дека изборите нема да донесат апсолутно никаква промена на добро, без оглед на резултатот. Познати новинар(к)и заговарале враќање на почетната точка, на 90-те (кои од оваа перспектива изгледаат како вистинска демократија, иако знаеме дека тоа ниту беше така, ниту можеше да биде). Времето може да се врати назад само во научно-фантастичните филмови, а дури и сценаристите веќе ги исцрпеа варијациите на оваа тема. Вреди ли да се повтори дека новиот либерален поредок беше имплантиран врз почва која воопшто не беше подготвена за него? Вреди ли да се потсетува на разните видови инжињеринг низ кои доброволно минувавме без да мислиме со своја глава? Низ годините се случија серија мутации на моделот (ако тој воопшто и постоел некаде), од кои последните две се фундаментални: рамковни и пржински. Тие не се случајни, туку се логички производ на општествените, економските, политичките и социо-културните околности во Македонија и околу неа. Звучи детерминистички, ама…

Во меѓувреме, додека се „јадевме“ меѓусебно и делевме по сите основи, сѐ во интерес на владејачките (бизнис, медиумски и политички) елити, демократијата западна во неповратна криза. Како што во неверица се пишува за изумирањето на Големиот корален гребен, нешто на што научниците предупредуваа години наназад, така и темелите на демократијата пукаат, навестувајќи темна иднина. Илузијата за моќта на демосот, пропагандата и перењето мозоци во интерес на обезбедување на наводен општествен консензус, т.е. покорност кај оние кои се на дното на општествената пирамида, милитаризацијата и идиотизацијата на јавниот простор, со образованието како средство за одржување на моќта, а не како начин на обезбедување еманципација и прогрес – сето тоа се феномените кои одамна ја имаат ничкосано т.н. западна цивилизација (за која ние наивно тврдиме дека ѝ припаѓаме). Затоа е и чудно кога спасот овде се бара од оние кои не само што не можат, туку и кои не сакаат да се ангажираат за демократскиот живот во сопствените држави затоа што се дел на естаблишмент кој со здружени сили го турка човештвото во деградација. Уривањето на сонот за „членството во семејството на европски демократии“ доведува до дополнително губење на сопствениот компас. Водени и третирани како инфантилни, недостојни и неспособни, па дури и примитивни, сега се чудиме што сме токму такви какви што нѐ третираа. Хан бил корумпиран, Јункер корумпиран пијаница, Советот на Европа бил „провмровски“, а и Вашингтон дава пи-ар услуги на диктатори за добри пари… Колку е ова трагикомично во светлина на широката слика! Добро утро, македонски либерали и демократи, вие кои чекорите на чело на колоната по стапките на партизаните, кои веројатно се превртуваат в гроб кога гледаат како капитализмот и империјализмот се идеалот на нивните потомци. Не им пречи ниту багажот на првенците-припадници на тајни служби, ниту милионите евра „чесно“ заработени во време на најголема беда!

Барабаните на војната татнат од зад мрачниот хоризонт, не само над Алепо – тотално небитна тема за Македонија! Можеби еден од знаците на изгубеното време е и нобеловата награда за литература на Боб Дилан. После Кисинџер веќе нема Нобел (да ја парафразирам мислата на Адорно за поезијата после Аушвиц), но еднаш годишно се крева бура. Старците од Комитетот сакале да го вратат времето, да го скршат проклетството на „бескрајниот ден“, сеќавајќи се на Дилановиот (дамнешен) прогресивен и антивоен ангажман, мислејќи дека е ова еквивалент за награда за мир. Или ова е израз на очај и „суптилен“ апел до американските гласачи? Како и да е, Нобеловиот комитет повторно се занимава со Империјата. Ако онаа на Обама требаше да делува поттикнувачки (и поттикна, ама во обратна насока), оваа на Дилан треба да потсети на стиховите кои останаа неслушнати од естаблишментот. Тие треба да бидат инспирација за некои нови клинци, на кои ниту им е грижа за Нобел и пропустите на нивните родители, ниту слушаат ангажирана музика/поезија од некое друго време, ами преферираат бркање Покемони, секс и дрога за да не се соочат со немоќта и бесмислата на своето постоење.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: Yuri Arcurs/PeopleImages/iStock