Изјава за Нова Македонија по повод изборот на Доналд Трамп за претседател на САД

Американските граѓани проговорија, добија власт (претседател) каков што заслужија. Понудата беше lose-lose, а не win-win, кампањата скандалозна, политичкиот систем во колапс. Победата на Трамп беше поплочена со грешките на администрацијата на Обама (кој, се сеќаваме, беше дочекан како народен Месија). Дополнително, Хилари Клинтон стори сѐ да го добие токму Трамп за свој противник, но и да го елиминира Сандерс во нивната внатрешна трка (кој сега ќе беше сигурен победник). Пораката е: внимавај што посакуваш, зошто може и да го добиеш тоа. Во моментов претседателскиот мандат на Трамп се очекува како „средба со непознатото“: човек кој никогаш не бил носител на функција, богаташ кој си ја финансираше кампањата, човек кој едно кажува наутро, а друго навечер, без познати имиња во своето окружување. Би рекла, болното општество го победи корумпираниот, некредибилен и милитантен естаблишмент. Оваа победа ќе биде удар и за граѓаните кои гласаа за Трамп, и за останатите (во делот на човековите права, еднаквоста и изневерените очекувања), раздорот е огромен (иако победата е неверојатно убедлива), и претстои период на смирување на страстите и борба за демократија. (Можеби УСАИД ќе треба да пренасочи проекти и пари кон американските граѓани). Не би ме изненадила и политика на (персонален) континуитет (да не заборавиме, дури и Обама го задржа републиканскиот секретар за одбрана.) Да не заборавиме дека претседателот не е толку моќен како што изгледа; невидливата влада е таа која управува. На надворешен план, САД ќе продолжат да се грижат за своите национални интереси, но се чини ја изгубија Втората студена војна – што засега е големо олеснување и добро за светскиот мир. Трамп сепак значи помалку милитантна политика во светот, отстапување од ризичната политика во најжешките точки на Блискиот Исток, и свртување кон домашните проблеми. (До освестување ќе дојде наскоро, кога граѓаните ќе видат дека тој не поседува решение за нивните социјални проблеми.) За регионот, и особено за Македонија во овој критичен предизборен момент, Трамп значи помалку мешање во внатрешните работи. Нашата опозиција не случајно е во траорно расположение, а власта слави. Избори ќе има, и тие ќе минат со помало директно мешање во кампањата и воздржаност кон активистите и сите кои досега црпеа енергија токму од американската поддршка. Но, генерално земено, кризата на демократијата во САД не е осамена; поттик ќе добие крајната десница и во други земји (во ЕУ), така што на долг рок ова е влез во фаза кога старото одумира, новото е преслабо да се етаблира (или дури и не се артикулира јасно), ова е време на монструми (да го парафразирам Грамши). – Билјана Ванковска/(Фото: Mike Segar/Reuters)