Мизологијата и смртта на демократијата

Отсекогаш сум мислела дека во време на изборна кампања е недолично редовен колумнист да ги пласира сопствените политички убедувања и колумната да ја користи за да ја помогне партијата/коалицијата на која ѝ е близок/блиска. Поради тоа минатиот понеделник напишав дека е време за одмор и ескапизам, со цел да се обезбеди личен спокој и време за промисла во време кога партиите атакуваат на умот и срцето на обичните смртници. Тоа не беше повик за апстиненција; напротив, поентата беше дека циркусот наречен изборна кампања е не само невкусен, претеран, туку е и недолично расфрлање пари кога (сиромашниот) електорат е веќе две години вклештен во политичко менгеме. Немаше ден во кој не нѐ убедуваа(т) дека противникот е олицетворение на злото, па можевме да избираме помеѓу Хитлер, Милошевиќ, Пиноче – или Ванчо Михајлов, предавници или странски платеници. Од делиберација ни Д, од разум ни Р. Кога се морализира и атакува, нема место за аргументи. Мојот став беше веднаш оценет како уште еден нечесен чин на „подмолниот македонски квазиинтелектуалец“, и тоа од колумнист, кој непрекинато води про-опозициска кампања во секоја колумна. Се разбира, мојата подмолност и грев е што не повикувам собирање околу ребрендираното знаме на СДСМ.

Во фокусот на медиумските, истражувачките и невладините иницијативи се токму „неопределените“, небаре изроди кои во пресрет на уште едни „историски избори, рамни на референдум“, ете, одбиваат на анкетарите или на друг начин да соопштат јавно за кого ќе гласаат. За оваа категорија луѓе која се дрзнала да размислува со своја, а не со колективна (обично хистерична) глава, одамна се измислени и епитетите на „неутралци“ и „релативизатори“. Ќе биде попусто ако по кој знае кој пат објаснувам дека (наводно) неопределените се подеднакво политички суштества како и определените, ама дека е многу поверојатно дека се порезервирани затоа што повеќе промислуваат и повеќе си го ценат гласот, па рационално им приоѓаат на изборите; определените, пак, без оглед на програмите, аргументи или квалитети на понудените кандидати веќе слепо одлучиле дека „еден е изборот“! Изборната кампања, како и сите изминати, на секоја од големите партии (малите и онака никој не ги есапи или немаат пари ниту за митинзи, ниту за платена политичка програма) е заснована на она што Сократ го нарекувал мисологија (misos – омраза и logos – разум, аргумент), односно на кавга со разумот и аргументите, мрзливост на духот и умот. Пробајте да ги апстрахирате оние неартикулирани крици („ДА ЖИВЕЕ МАКЕДОНИЈА!“, „УЧК, УЧК, УЧК!“ и сл.), навредите и патетичните вицови за сметка на архи-непријателите – и ќе видите дека сѐ што ветуваат и нудат е голема шарена лажга. Друга работа е ако човек сака да биде излажан – било поради очај, незнаење или пуста верба.

Покрај редовните „едукативни“ кампањи на ДИК за поттикнување на излезноста, новина и освежување е што, налик на развиените демократии, една невладина организација ни понуди забавна алатка – Изборен компас. Тоа е онлајн тест преку кој одговарајќи на серија прашања од неколку клучни области застапени во партиските изборни програми, ќе дознаете со чии партиски позиции кореспондираат вашите лични уверувања. Авторите објаснија дека е ова начин да се мобилизираат граѓаните и да им се помогне да се ориентираат на политичката сцена и во она што го нудат единаесетте партии/коалиции, да видат каде политички припаѓаат, па дури и да го преиспитаат својот избор доколку увидат дека всушност друга партија им е поблиска (согласно програмата) иако верувале во нешто друго; исто така, и самите партии требало да се натераат да размислат за своите изборни програми. Сето тоа е добро кога би имале партии етаблирани на јасни идеолошко-политички фундаменти, а кога нивните програми би биле конзистентни, а не збирштина на сѐ и сешто (catch-all parties е називот кој во теоријата го користиме за ваквите партии чија единствена цел е максимизирање на изборниот резултат, дури и по цена на нудење за секого по нешто). Да, граѓаните немаат ниту волја, ниту навика да читаат изборни програми (особено ако тие се мегаломански, на 400-500 страници, или лаконски и празно на 1,5 страничка). Циникот во мене се сети на мислата на Иво Андриќ: не е најголема будала оној којшто не знае да чита, туку оној којшто мисли дека сѐ што ќе прочита е вистина! Кога гласаме, покрај прокламациите и демагогијата, не смееме ни да ги заборавиме личностите – нивниот политички, личен и морален „багаж“, но и способности и интегритет. Но, без оглед на граѓанскиот компас, стрелката секогаш покажува кон изворот на финансиска и медиумска (не)моќ на партиите. Демократија нема ако сите немаат право да избираат, ама и да бидат избирани. Не само кај нас, ами секаде сиромашните се само спектатори, на кои не им се дозволува ни да бидат „случајни минувачи“ во привилегираната сфера на големите и богати машинерии.

Разочаран од изборите, еминентен професор од САД праша: која е смислата на изборите (особено ако трката на двата „коњи“ е само пропратно шоу, а кандидатите и нивните глупости или нечисти тајни се далеку поневажни одошто ние мислиме, бидејќи важно е кој вистински управува)? Одговорот е: изборите не се само ритуали кои прават луѓето повремено да му се посветуваат на политичкиот процес, кој ги принудува да мислат за политиката и за својата моќ да одлучуваат; тие создаваат заедници, возбуда и внатрешна кохезија. Како и секој добар ритуал, изборите прават да заборавиш на секојдневните грижи, а те принудуваат да мислиш на големи нешта (татковина, сувереност, етничките права, правда, вистина). Колку и да обединуваат, тие истовремено создаваат конфликт со сите кои мислат поинаку, а особено со оние кои не се определиле. Атмосферата е налик на финале на Лигата на шампионите. Иако навидум попристоен од американскиот карневал, нашиот не води кон мобилизација, туку кон деполитизација и до смрт на демократијата. Големите партии го окупираа(т) сиот јавен и медиумски простор (со пари и заемен запржен договор), а нам ни ја доделија улогата на гледачи на политичкиот филм за гневот на Титаните. Парадоксално, но ниту Шарената револуција не си ни зацрта таква цел, а уште помалку резултираше со шаренило и плурализам. Нејзините главни протагонисти се определија за една боја. По обичај, „демократската“ битка – во име на сиромашните – се води од најбогатите, собрани во султан-партии чии врхушки ги носат најважните одлуки без консултација. Членството е небитно и пасивизирано, освен за време на митинзите, принудено да аплаудира (или во ретки случаи да изрази јавно незадоволство) на кандидатите и нивниот распоредот на добитнички/губитнички места. На појавата на нови партии надмено се гледа со подбив. Тие се дискриминирани во медиумскиот простор (една независна телевизија дури ги смести наместо на дебатно столче, во публиката на студиото). Тоа што се нови и свежи се смета не само за нивен недостаток, туку и причина да бидат видени како „сомнителни лица“, предавници во големата битка. Место за независни листи и кандидати не може ни да има во вакви услови. Како и на пазарот, така и во политиката, играчи се само оние кои имаат капитал. Наместо „власт од народот, на народот и за народот“ зацврстен е црно-белиот свет, кој доминира над народот! На колумнистот од почетокот на текстот само ќе му порачам дека за негова жал нема да гласам за „црвените“, туку за црвените, за вистинска личност и за аргументи. Подмолно од моја страна, зар не?

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: Tara Moore/Getty Images