Политика на помало зло

Македонската политичка сцена сѐ позабрзано се подготвува за големото и долго очекувано крешчендо – парламентарните избори. Само површен поглед на листата на имиња на политичари кои се нудат како носители на листите (речиси сигурни патници во парламентот) и/или спасители, покажува дека нема ама баш никаква причина за преголеми очекувања. Се оцртуваат контури на групи кои живееле и не можат да живеат без политика и функции, небаре да го стекнале тоа право со мајчиното млеко и сега љубоморно го чуваат од т.н. случајни минувачи во политиката. Не знам кој ќе победи (ако изборите воопшто се одржат), но знам дека нема да дојде до никаква значајна промена, бидејќи како најголем дострел се поставува персоналната страна на политичкиот процес. За жал, во целиот изминат период на превирања, па дури и наводна револуција, никој не ги оспори фундаментите на еден деформиран систем, кој не може да продуцира ништо ново, а може успешно да го перпетуира веќе дефинираното и благословено од т.н. меѓународна заедница.

Сепак, сега сме сведоци на американското крешчендо, на (наводно) епската битка помеѓу Хилари Клинтон и Доналд Трамп – бидејќи сите останати (како Џил Стеин) медиумите и јавноста веќе ги имаат избришано од политичкиот пејсаж. Првиот впечаток е дека нашите политичари дури изгледаат и пристојно и невино во споредба со сето кажано и сторено од овие двајца. Познатиот писател и уредник, Том Енгелхарт, вели: „Да ги опишете овие избори како избори од пеколот е навреда за пеколот“. Актерката и активистка Сузан Сарандон го објасни најкошмарниот изборен процес во историјата на САД како резултат на предолгото водење на политиката на помало зло. Според неа, не само што американските граѓани немаат квалитетна понуда, туку имаат кандидати на кои однапред не може да им се верува. Тоа е есенцијата на изборот на помалото зло – бидејќи зло е зло, без оглед на дозата во која е присутно. Помалото зло победува будејќи страв од поголемото, па така ја замаглува суштината дека неговата победа е сепак победа на злото кое се легитимира и оправдува како добар избор, па и спас од полошо. Дури е и тажно кога Чомски е опфатен со ужас и навива за помалото зло, она кое низ годините го критикуваше жестоко само затоа што Трамп ги има надминато границите и на најголемиот песимист. Во еден кус период, пред неговиот прв избор, Обама изгледаше како предвесник на нешто сосема ново, па затоа и излезноста на изборите беше навистина голема за американски услови. Тоа практично значеше и поголем легитимитет на институцијата претседател (односно, исклучивиот носител на извршната власт). Во време на масовна еуфорија бев меѓу ретките кои изразија скепса за „кандидатот наречен надеж“, и потсетив на фундаментите на еден фактички еднопартиски систем во кој две фракции (демократи и републиканци) се борат за власт. Сега, после два мандата, доволно е да се види промената во ликот на Обама, стврднатите брчки и згаснатиот поглед, за да се види како изгледа кога кандидатот на надежта ја губи маската од неговото лице. Хилари и Доналд како да немаат ни маски: one gets what one sees (го добиваш она што го гледаш), иако користат различна реторика (и во тој натпревар Хилари изгледа попристојно и поцивилизирано и покрај крвавите раце и корумпираноста). Доналд е приказна за себе, бидејќи е навидум невин од злата кои се врзуваат за досегашната работа на Хилари, но затоа пак ако власта корумпира (теза докажана низ вековите), тогаш неговото евентуално корумпирање заедно со неговата примитивност и налудничавост навестува тешки облаци на хоризонтот. Од друга страна, популарноста на Трамп е логичен производ на општество во кое за општествената неправда и сопствената несреќа и сиромаштија се бара лек во организирана омраза (кон маргиналните групи, мигрантите, инаквите, но и либералите кои барем на зборови ги поддржуваат). Тоа е наводно антиестаблишмент движење бидејќи оној кој го предводи бил отсекогаш не само близок туку и интимен со естаблишментот, а по изборите е сосема веројатно да му се приклони поради одржување на статус кво-то.

Со помлада колешка честопати ги анализираме случувањата во големите и значајни држави, особено низ призмата на ефектот на нивната национална политика врз меѓународните текови (прашањата за мирот и војната, првенствено, но и глобалната социјална маргинализација, деградацијата на животната средина и сл.). Иако главно се сложуваме во суштината, разликата се појавува во однос на тезата: дали личностите (главните протагоности) се оние кои имаат пресудно влијание за насоките во кои се води политиката за време на нивниот мандат или пак тие личности се резултат на историските, општествените, социополитички и други фактори, кои всушност создаваат предуслови за токму такви личности да испливаат на површина како државници или предводници на елитите. Не омаловажувајќи ги личните (не)квалитети, предиспозиции, амбиции, етика и слично, мојот став е овој вториот. Хитлер не бил тоа што бил исклучиво заради својата личност, туку затоа што за таквите општествени околности токму таквата личност била најсоодветна да ги артикулира и предводи во насока во која општествената буица веќе тргнала. Змиското јајце веќе постоело кога тој стапува на сцена, и само чекало рептилот да порасне и да ја покаже грдата глава. Последниве години имаме доволен број слични примери во нашиот регион, па и дома. Војните во бивша Југославија не почнаа заради Милошевиќ или Туѓман, туку поради целосната ерозија на политичкиот, економскиот и општествениот систем. Вождовите беа како создадени за такви времиња, за состојби за кои придонеле многу генерации кои веројатно молчеле и мижеле пред злото кое растело.

Не им завидувам на американските граѓани, оние разумните и свесните. Огромното мнозинство можеби на миг ќе се вознемири околу резултатите, и нема ни да забележи дека без оглед кој ќе победи САД остануваат Империја во пропаѓање, која се заканува со себе да го повлече и остатокот од светот. Она што е најтрагично за остатокот од светот е што тој нема никакво влијание врз исходот на изборите во земјата која има пресудно влијание за тоа кој и како ќе ја решава неговата судбина – со колку крв ќе се освојува нафта или вода, колку деца ќе треба да умрат за тоа да биде прифатлива цена за демократијата (да ја цитирам Медлин Олбрајт), кој пион ќе стане крал, и обратно во периферијата на американската Империја. Хилари или Доналд се само експоненти на т.н. невидлива влада, затоа што невидливиот дел од политиката одамна завладеа со видливиот, кој се сведува на спектакл, пропаганда и согласност кај граѓаните. Затоа, во денешната т.н. демократија можете да критикувате сѐ и секого, ама не и системот, кој е недопирлив за и кој постои за гарантирање на социјалната неправда, експлоатација, доминација и милитаризација. Изборите се одамна само екстраваганца која постои за ништо да не се смени, но во случајот на САД – прашањето е како е можно системот да се деформира во застрашувачки степен кој е застрашувачки. Кој и да победи, за доброто на американските граѓани иза доброто на светот, борба за промена на системот кој одамна ги предал и продал сите идеали поврзани со демократијата тукушто почнува.

Напишано за Нова Македонија