Што по 11 декември?

Електоралната (изборната) демократија, односно сведувањето на демократската транзиција главно на редовни и регуларни избори, отсекогаш било поврзано со минималистичката дефиниција на демократијата. Демократијата внесена буквално преку ноќ (парашутирана, би рекле на англиски) во општества без некои од основните претпоставки за таа да заживее, никогаш не можела да ги даде очекуваните резултати. Затоа, изборите се прогласија за „празник на демократијата“, врвен чин кој – барем во очите на странските ментори и стејтбилдери – докажуваше дека демократијата фатила корен, особено ако во три последователни циклуси власта се менувала ненасилно и една влада била заменувана со друга со инаква идеолошка и политичка провениенција. За суштинската демократија, наспротив оваа формалната, малкумина зборуваа, бидејќи таа димензија тргнува од обратен постулат: демократија не се изборите, туку она што се случува од еден до друг изборен циклус. Изборите се само средство на проверка и (пре)оценување на легитимитетот на носителите на власта.

Но, Република Македонија дојде до еден навистина бизарен ќорсокак, кој ескалираше токму во 2016 година, која ќе остане запаметена по тоа што највисокото претставничко тело на граѓаните и носителот на законодавната власт дури три пати се самораспушташе и се распишуваа (предвремени) избори, за да по кусо време одлуката да се повлече. Во ваков контекст, 11 декември е сѐ уште само хипотетички датум за парламентарните избори – и малкумина меѓу политичките аналитичари се осмелуваат да прогнозираат дали овој пат тие навистина и ќе се одржат. Опструкции се можни најнапред од четирите главни партии, преговарачи од Пржино (иако всушност, реалната „математика“ упатува на само двајца играчи – СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ – бидејќи албанските партии во ниту еден момент не се двоумеа и прифаќаа избори во секое време и под сите услови). Потоа на сцена стапува „меѓународната заедница“, која го дава конечниот збор дали има услови за избори или не. Еден од последните примери кои добро ја опишуваат жалната состојба на демократијата (т.е. владеењето на народот) беше посетата на еврокомесарот Хан, кој требаше да даде конечен знак за распуштање на парламентот.

Ова што се случува во текот на изминатите две години, од кога трае климаксот на политичката криза каква што Македонија досега не доживеала, значи не само дерогирање на сите клучни институции, туку и на уставот. Се разбира, уставниот систем има и сопствени слабости, кои ги „олеснуваат“ ваквите ситуации, а тука првенствено влегува уставното решение дека Собранието не може да го распушти никој друг, освен тоа самото да го стори тоа. Но, за тоа другпат. Поактуелно е прашањето како е можно лидери на (само) четири партии, зад затворени врати, па дури и вон територијата на Република Македонија (бидејќи за амбасадите важи принципот на екстериторијалност) да ја супституираат волјата на народните претставници, и во нивно име да се договараат за „самораспуштање“ на парламентот? Во моментот кога овој механизам стана дел на пржинските решенија, пратениците станаа претставници на партиите, а не на граѓаните, и голи марионети на партиските лидери. Тоа можеби и не е толку скандалозно ако се знае дека во парламентарната историја на Македонија пратениците со слободен мандат, т.е. со сопствен ум и интегритет при гласањето, секогаш биле исклучок од правилото на партиски послушници. Но, овој пат суштината се разголи сосема. Пржинските компромиси доведоа до дополнителна двојна/четворна партизација на институциите, особено на Државната изборна комисија, а паралелните партиски кадри во неколку клучни институции го внесоа семето на конфликтот внатре во телата кои би требале да ги разрешуваат општествените и политичките судири. Накусо, колку што се настојуваше да се дојде до „веродостојни“, „кредибилни“ или „инклузивни“ избори, толку доаѓаше до обратни ефекти – до тотална ерозија на уставно-правниот поредок. Конечно, предизборието е обележано со работата на Специјалното јавно обвинителство, и тоа на начин кој има повеќе врска со политичкото отколку со правното разрешување на кризата.

За поимот криза се врзува и сфаќањето дека таа, по дефиниција, не е негативна појава, туку може да значи и отворање нови можности. Но, после двегодишна криза, која во добар дел беше обележана и со дејствувањето на т.н. Шарена револуција, Македонија тапка во место. Како што се наближува 11 декември, станува јасно дека на политичката сцена нема ништо ново: граѓаните ќе гласаат за истите партии, со истите програми (или отсуство на истите), дури и за истите ликови со мали исклучоци. Некои веруваат дека влегувањето во врвот на партиската политика на новинари или на членови на Шарената револуција ќе внесе нова и свежа крв, како и дека тие неколку освежувања ќе придонесат за мобилизација на граѓаните, особено на неопределените. Според мене, кризата трае предолго и моментумот кога мнозина беа подготвени да гласаат дури и ако порано апстинирале – помина неповратно. Нови опции не се појавија (со исклучок на „Левица“, која на моменти луташе помеѓу социјално движење и политичка партија, а во секој случај е преслаба за да успее да го смени пејсажот; но, и „Беса“ во албанскиот блок која допрво треба да ги покаже своите квалитети на дело). Луѓето се чувствуваат изморено, а политиката како таква им се одмили повеќе од кога и да е порано.

Доколку избори сепак се одржат, и доколку истите бидат регуларни, победниците ќе се соочат со неколку проблеми. Прво, се поставува прашањето дали оној кој ќе загуби ќе ги признае резултатите. Се чини дека стана нова мода, и не само во Македонија туку ширум светот, поразените да не ги признаваат победниците веднаш по изборниот ден или набргу потоа, па политичкиот процес се повтора во нов бран на протести и оспорувања. Второ, ефектите од кризата не се само правни и политички, туку и социјални, културни и економски. Ако порано зборувавме за слаба држава, сега е прашање како државата да се изгради од овој пепел и од релативизацијата на уставните и законските норми во интерес на политичко-партискиот договор. До стабилизација и до воспоставување на нов поредок може да дојде со заедничка волја, а таква за жал не само што нема, туку и долго нема да ја има. Клучните партиски играчи одамна не се само политички противници, туку и архетипски непријатели, па целиот судир наликува на манихејска битка меѓу Доброто и Злото. Партиите стојат на некакви (квази)етички позиции, а не се препознаваат конструктивни решенија на горливите прашања до сферата на јавните политики. Притоа, и предизборието и периодот после изборите се одвива и ќе се одвива под сенката на мечот на Јустиција. СЈО изгуби премногу време, а се чини ја интензивира својата работа (и со истражни мерки, ама и со медиумски настапи) во еден крајно сензитивен период на политичкиот процес. По природата на нештата, правдата е спора, па сите овие процеси ќе се провлекуваат и низ еден подолг постизборен период.

Досега политиката се одвиваше во својата антагонистичка форма, а на Македонија ѝ е потребен општествен консензус и атмосфера за заедничка изградба на сето она што беше разурнато во изминатиот период. Затоа, ако и дојде до избори (сомнеж имам и јас), тогаш час поскоро ќе биде потребна политичка мудрост, разум и подготвеност за соочување со тешки предизвици. За жал, македонското општество воопшто и не гледа и не сфаќа дека светот се соочува со свои глобални предизвици и дека се надвиснале темни облаци, многу потемни од оние над Македонија.

Напишано за весникот „Македонија“ (Торонто, Канада)
Објавено под наслов „Климаксот на политичката криза каква што Македонија досега не доживеала“
Фотографија: PHILIPPE SAUTIER/SIPA