Шутраците, џганот и демократијата

По победата на Трамп, како и по Брегзит, фокусот на јавната расправа, особено меѓу образованите и прогресивните, повторно се става на народот, односно на оние кои се (наводно) одговорни за „шокантниот“ исход. Им се припишува грев поради дадениот глас за Злото или поради малата излезност за Доброто. Неверојатно е колку сето ова малку се разликува од начинот на кој се размислува и во Македонија, иако двете земји е смешно и да ги споредуваш. Се чини дека и обоената револуција се враќа дома; сцени, досега типични за други делови на светот, каде што американски функционери делеа сендвичи и чај, сега се видливи во американските градови, па дури и во Берлин. Гневни луѓе протестираат против тукушто избраниот претседател („Тој не е мој претседател“) без ниту еден приговор дека изборите биле нефер или нерегуларни. Академската заедница е шокирана и размислува за (не)возможната „кохабитација“ со антиинтелектуализмот на победниците (не видов преиспитување зошто научно не го прогнозирале или барем објасниле предвидливиот тек на настаните). Поразените елити (особено семејствата Клинтон и Обама; Мишел веќе се подготвува за наредните избори) не ја кријат одвратноста кон оние кои ќе се вселат во Белата куќа, наоѓаат безброј изговори за поразот, но никако да се погледнат себе си и својот кандидат. Досега имале волшебно огледало (пријателски медиуми) кое редовно им кажувало дека се најдобри, најубави и дека сигурно ќе победат онаков глупав противкандидат. Малкумина разумни ја погодија суштината: место за шок нема, ова беше предвидливо уште многу одамна. Трамп не е допир со непознатото, туку допис со темната страна на американската месечина која постои. Се цитираат тези како „политичарите произлегуваат од народот, тој ги избира, тие не паѓаат од Марс, туку се производ на општеството од кое изникнуваат“. Небаре граѓаните одлучуваат кој олигарх ќе влезе во трката! Слични паралели има и овде: „народот шутрачки, цепаница, џган кој не трпи интелигенција, мудрост, интегритет, туку преферира стап, глупави демагози и корумпирани патриоти кои му ги мачкаат очите“.

Но, можна ли е демократија без народ (особено ако е вистинита премисата дека масите се глупави, назадни, лесно поводливи, гневни и кусогледи)? Што е прво: кокошката или јајцето? Дали е сматок народот или политичарите? Кој прв почна? Кој има моќ да моделира? Дали ситиот народ му верува на гладниот? Дали гласачкото право треба да се ограничи? (Некогаш тоа се правело по социјална, имотна, расна и родова основа, а денес да воведеме тестови на интелигенција?) Ваквата (апсурдна) дебата е дотолку побизарна бидејќи се води во земја која досега (кобожем) извезуваше демократија со бомби и осиромашен ураниум, заменувајќи еден диктатор со друг, ограбувајќи цели нации и обезбедувајќи профит за корпорациите, кои потоа ги подмачкуваат политичарите и лобистите. Како е можно УСАИД и други фондации (кои не фрлаат бомби, али нежно потфрлаат грантови за будење на граѓаните), или Амнести Интернешанал и слични, да не видат дека за демократско (но, и општо) образование „плачат“ нивните сопствени граѓани кои со децении (ако не и подолго) се систематски подложени на намерен и свесен процес на идиотизација? Сигурно не е случајно, бидејќи оваа катаклизма не е родена ниту со Буш Помладиот (кој го нарекуваа national embarassment поради очигледниот интелектуален дефицит), уште помалку со Трамп. Дури ни Реган не е таткото на ова што денес се случува. Деградацијата на Републиката е од постар датум и е резултат на здружените напори на (републиканската и демократската) елита да го држи обичниот човек неук, покорен, и слеп пред сето она што моќните ги прави недопирливи и бескрупулозни. Специфичниот изборен систем (со електори) никој не го оспори, па дури и кога Буш победи со одлука на Врховен суд. Елитите уште одамна беа деконструирани од Херолд Ласвел и Рајт Милс, против нив се бореа Мартин Лутер Кинг, Хауард Зин и Ноам Чомски, Еми Гудман и многу други „дисиденти“. На крокодилските солзи не може да им се верува, бидејќи млако или никако не реагираа на милитаризацијата на полицијата, полициската бруталност, пенетрацијата на државата на национална безбедност. Оние кои тврдат дека се најдоброто од Америка, беа/се премногу беневолентни кога во нивно име се убиваа невини луѓе таму далеку, а немаа ниту очи, ниту уши за сите обесправени сограѓани од Флинт до Стендинг Рок. Оцртуваат карта на „Глупчостан“, прават карантин за сограѓаните кои гласале за Трамп, а за чии причини немаат ни слух, ни емпатија, ни елементарна почит. А не дека не знаеја! Низ подвижни слики (филмови), за полесна консумација, сето ова им го прикажа Мајкл Мур, од „Колумбина“ до „Капитализмот: една љубовна приказна“ и „Сико“. Америка почива на структурално насилство, култура на насилство и физичко насилство (криминал и корупција, но и на „хуманитарни“ интервенции). Граѓаните немаат поим од географија, ниту пак знаат дека во моментов нивната држава бомбардира седум држави – или не им е грижа, бидејќи живеат од воено-индустрискиот комплекс. Читам дека безбедносните служби се соочувале со морални дилеми дали да му служат на новиот претседател, бидејќи Трамп ќе спроведувал тортура и ќе го кршел меѓународното право? Ќе умрев од смеа да не се оние милиони невини жртви од нивната политика!

Народот (демосот) отсекогаш бил контроверзна категорија. Истовремено егзистираат две тези: едната за „моќта/гласот на народот“ и предупредувањето „не ја потценувај моќта на глупави луѓе во големи групи“. Така е кога на народот се гледа низ колективистичка призма, низ бројки (гласови) кои треба да се добијат по секоја цена, а не како на збир на уникатни човечки суштества, кои споделуваат базични човечки потреби. И не може од елитистичка позиција да подвикнуваш „Ајде!“ и „Гласај стоко!“, а кога нема да гласа по твоја волја, да велиш дека не ги признаваш резултатите и дека се џган. Умешноста за манипулирање со масите е доведена до совршенство, па најтешката работа во современите општества е да бидеш свој, различен, почитуван за она што си, а не за она во која група (не) припаѓаш, бидејќи против тебе е сиот систем: од образованието до медиумите и индустријата на забава, кои од тебе прават добар граѓанин само ако не им се мешаш во битката на елитите кои ротираат.

Нам, како на раја, ни ги соопштија носителите на листите и веќе се зборува за „битка на Титани“ (!?). Оние на долниот дел од листите се очигледен декор, недобитнички кандидати, лузери – затоа се анонимни. СДСМ настапи навидум транспарентно, ама пост-фестум. Членство ниту знаело, ниту било консултирано за она што го зготвила врхушката, во вид на „коалиција со граѓаните“. Таа е невиден изум во светски рамки: предизборна и судбинска коалиција само со една партија (која повеќе личи на ССРНМ), во која граѓаните не се прашани кој да ги претставува. Познат колумнист вели дека на менито имаме само две јадења (дури не се ни четири?), па ја нацрта (повторно) бело-црната матрица. Во име на Доброто се наметнува авторитарна матрица и императив за кого да се гласа (изборот е еден). Епа, видете сега колку сме различни од САД (каде на менито имаше четворица кандидати), од политиката која не го слуша, ниту претставува обичниот човек.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: Joe Raedle/Getty Images