Време е за одмор!

Секое утро во инбоксот на електронската пошта ми стасува редовна доза на куси, интелигентни и духовити стрипови. Меѓу нив, омилени ми се оние за Хагар Страшниот и Кралството на Ид. Ако првиот е згоден за суптилно подбивање со војните и воинственоста, овој вториот е згоден за политички паралели и хумор. Утринскиов, на пример, го покажува волшебникот од Ид кај колешката, пророчица со кристална топка. Ја замолува да му каже кои од нејзините трикови се успешни. Таа вели: „Им велам на луѓето дека нешто лошо ќе се случи, а кога тоа навистина ќе се случи, им велам „нели ви реков?“. Волшебникот е сепак рационален човек, па се исчудува: „Лоши нешта секогаш се случуваат! Зарем луѓето паѓаат на такви фори?“ Таа помалку навредена му подвикнува: „Еј, тоа секогаш функционира со политичарите!“ Се изнасмеав и се препознав како некој/а што постојано дава темни прогнози, па потоа вели „нели ви реков?“. Какво време дојде, не само во замисленото Кралство на Ид, туку и во стварноста, па човек не може да згреши ако прогнозира лоши нешта, иако е малку потешко кога треба да се одбере помалото зло. Пред некој ден, пак, беше прикажана сцена од ова кралство којашто ме потсети на нашето (овој Ид е страшна работа, закопан длабоко во секое општество и во секој човек!) Имено, од врвот на високата кула се јавува јавниот телал со барабан и извикува: „Еј, народе, сега е 10 часот наутро и сѐ е добро!“. Но, од соседната пониска кула, се јавува опозицискиот телал: „Еј, народе! Ова не е точно! Сега е 9 часот наутро, и ништо не е во ред!“ Мудриот волшебник си коментира за себе: „Денес човек не може да им верува на медиумите за ништо!“

Додека размислувам за колумна која ќе се појави токму на првиот ден на официјалниот почеток на кампањата, овие два стрипа ми се чинат многу важни да се имаат на ум! Ќе се воздржам од прогнози, немам кристална топка, ниту сум гатачка, иако насетувам како ќе заврши оваа двогодишна политичка и општествена агонија. Ако и ме праша некој, лично ми е сеедно како ќе завршат изборите, бидејќи за две години едвај и да се појави нова политичка опција (искра во мракот), поинаков начин на водење политика и битка за власт, никој не очекува нешто радикално ново. Изборите нема ни приближно да доведат до крај на кризата, а ние сите ќе мораме да живееме со истите ликови, со истата реторика, и за жал – истото разбирање на политиката. Многу поиндикативен е вториот дел од стрипот, оној за медиумите. Или како што вели пријател, кој како професор и активист се има среќавано со сите клучни политичари во регионот за време на југословенските војни: сум разговарал со многу политичари кои биле корумпирани, лажговци и со крвави раце, но најодвратни секогаш ми биле средбите со новинарите. Да, на медиумите не може да им се верува, бидејќи со години (и без официјална војна) дејствуваа по принцип на исклучивост, без никакви професионални стандарди или морал, воинствени и сејачи на говор на нетрпеливост и омраза кон „другиот“. Утрово велат дека „паднале“ серверите на неколку опозициски медиуми, и крикот е дека е ова нов удар на слободното новинарство. Претпоставувам дека набргу ќе се вратат онлајн (некои од најбедните се сосема добро – како Доказ и Мактел), и дека ќе си продолжи црно-белиот свет на медиумски лаги и спинови, и до изборите и по нив.

По двогодишна беспоштедна неофицијална кампања, прво за да се добијат предвремени избори, а потоа истите да се одложат до најзгодниот момент, почетокот на официјална кампања звучи како виц или кошмар. По две години живот во клоака, од која се шири неподнослива реа, тече крв и гној, ниту еден политичар или медиум нема да понуди нешто што веќе не сме го виделе или слушнале! Зарем некој помислува дека преку ноќ ќе се упристојат и почнат да зборуваат за политички програми и јавни политики и решенија за натрупаните проблеми? Ни во лудило! Велат денот по утрото се познава, ама нам ни се стемни одамна; сега е пет минути до полноќ! После сѐ што беше кажано и покажано, па и она што сега се најавува како порно-пикантерија (се навестува серијал „секс, лаги и видеоленти), на сцена стапуваат крвожедни партиски војски, кои нема да избираат средства за да дојдат до целта. За жал, активисти на ЛГБТ заедница со злорадост чекаат „аутирање“ со порно-снимки на нивните политички противници, не сфаќајќи дека се исти морални ништожници како и оние против кои се борат. Среде распадната држава, бивши и сегашни разузнавачи, „жбирови“ и луѓе со криминални досиеја се во фокусот, па дури и јунаци, алфа и омега и на она што било злоупотребувано и на она што ќе се злоупотребува во иднина. Разбираме ли ние дека интимата на огромен број луѓе била предмет на систематско сецирање, транскрибирање и ширење од најмалку четири страни? Првите тоа го правеле за гола власт и правење пари; вторите, тоа го правеле за да ги раскринкаат првите и да дојдат на нивно место, и тоа со истите методи и со искусни типови; третите се оние од СЈО (па проценете колку им верувате дека ќе си молчат и нема да трачарат кога ќе се вратат во провинција од каде што никнаа); четвртите се криминални типови кои некако стасале до снимките па ги пуштат во промет за рекетарски потреби. Постои и петти актер: тоа е оној кој поради наводна глобална безбедност на редица авторитарни влади им наложи и им продаде опрема, за да целите на борба против тероризмот и што ли уште не. Тоа е како на пироман да му дадеш бензин и запалка! Оттука, немојте ни да сонувате за македонски Асанж или Сноуден: овие двајца си ги ризикуваа животите за милиони непознати луѓе ширум планетата, без очекување политичка или материјална награда, а никогаш зад себе немале матен багаж како нашиве „свиркачи“.

Ова е кроки на контекстот чии заложници сме. Како да се преживее официјалната кампања? Одговорот не е тежок: секој од знае што ќе прави или нема да прави на 11 декември, тоа е индивидуално право; а дотогаш помалку „висење“ на Фејсбук и гледање платени политички програми. Би било чудно ако после сѐ постојат луѓе кои немаат политички став. Последниот медиумски настап на СЈО дополнително „мотивираше“: дувна толку очекуван ветер во грбот на Заев, а една обвинителка испрати и јасна неправна порака: време е „општеството да возврати“ (на избори). Контрадикторни пропагандни кампањи велат: „Ти гласај по свое, Ти си знаеш, ама Ние одлучуваме и бараме промени“. Вакви емоционални и политички уцени го загрозуваат правото на слободен избор и плурализмот. А, секој си знае како живее и дали му е добро нему и на тие со него. Додуша, во општество во кое грабливците се на цена, едвај и да сме способни да мислиме на колективното добро, на другите и понесреќните од нас. Но, тоа е работа на сечија индивидуална совест и разум. По двогодишна (пред)изборна кампања, потребна е лекувачка тишина. Разговорот со себе е најдобриот начин да се промисли и одлучи на 11 декември, чекор кој никако нема да биде конечен, туку воведен во новата сезона од маратонската сапунска серија „Македонски шпион“. Есента е убава, особено ако си и на возраст во која го цениш и она малку убаво што останало од животот. Никој на политичката сцена нема право врз нашиот внатрешен мир и ментално здравје! Гласам за мудар ескапизам: окружување со благородни нешта, убавина, поезија и литература, многу музика, квалитетно време со најблиските, особено децата кои се контаминирани од сите општествени зла – и природа! Само убавината (можеби) ќе го спаси светот, а и нас во него.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: Dean Mitchell/Getty Images