Не бистри политика!

Пишувам среде атмосфера на неизвесност, не само околу резултатите, туку и текот на изборите, вклучително и дали исходот ќе биде прифатен од поразениот. Со денови се плетат сценарија, интелектуалци ветуваа дека сами ќе се справуваат со прекршителите на законот, американската амбасада ги предупреди своите граѓани. Го знаеме она што измина, но ако ја следиме логиката на филозофот дека всушност само она што минало можеме да го видиме јасно, а дека напред не можеме да гледаме, тогаш далеку е времето на одишка. Начинот на кој стасавме до (фразите за) „празникот на демократијата“ и „неговото височество Граѓанинот“, зборува за дното од кое се обидуваме да излеземе, и поединечно и како општество. Тоа дека дваесет и пет години подоцна за демократската политика знаеме помалку од кога било порано, се манифестираше прегнантно во двогодишната агонија и аномија. По сѐ што се случи, бројот на неопределени остана зачудувачки висок сѐ до последен миг. Мобилизацијата не успеа, „пролетта“ заврши далеку пред декември. Причините се не само во тривијалните митинзи, отровните кампањи, заканувачките изјави (за „Николае“ и за „Ќосето“), празните пароли на ребрендираните лидери. Сета какофонија покажа дека заедницата е во парампарче. Доцна е да оди на играта на заемно обвинување; моментот е толку ургентен што се потребни сили кои ќе успеат да го склопат македонскиот Хампти-Дампти од сиот оној лом по неговиот стравотен пад. Големи демократи повикуваа(т) на деполитизација на политиката. Кампањата на ДИК користеше дубиозна фраза, честа и во секојдневниот говор: престани да „бистриш политика“. Креаторите сакале да порачаат: престани (само) да зборуваш за политика, туку преземи нешто, гласај! Бидејќи сѐ друго е „млатење празна слама“ (би појаснила). Најлошо од сѐ е што токму во изминатиот период имаше и порадикални изблици, кои политиката ја посочуваа како најголемото зло, кое што ни се вовлекло во животите и нѐ труе, наместо да си живееме како што доликува на човек. Недовербата во партиите, во елитите, естаблишментот и институциите, се должи токму на деполитизираната политика – или поточно, отуѓената, дехуманизирана политика, која повеќе се грижи за бизнисот отколку за човечките животи. Ова можеби се чини како најнезгоден можен момент да се зборува афирмативно за политиката, а и чудно што тоа го прави остар критичар на политичката сцена. Но, нашиот колективен спас, како заедница (а не само или исклучиво како држава) зависи токму од способноста да живееме заедно и да одлучуваме за јавните работи како субјекти, а не поданици. Политиката е веќе во сферата на безбедноста, таа е високо секуритизирана (да се биде или не, живот или смрт!) – па затоа не е ни политика. Во нејзината суштина, уште од Аристотел, се смета дека треба да биде доблеста, односно грижата за општото добро, како и за доброто на секој член на заедницата. Ќе рече некој дека е тоа утопија, и со право: но, ако е нешто неостварено, не значи дека не треба да се стремиме да му се приближиме што повеќе, а по патот да се социјализираме и препознаваме како луѓе. Тоа што политиката е испразнета од суштина, и стана фасада за сокривање на односите на моќ кои се надвор од политичката сфера, е одамна позната работа. Но, тоа е работа која либералните демократии во време на економски подем успеваа да ја „продадат“. Кризата доведе до забрзан развод на демократијата (политиката) од капитализмот; незадоволството се артикулира сѐ почесто во вид на движења против естаблишментот, протестни движења. И сосема е нормално, па и добро да се биде против потемкиновите села на парламентаризмот, кои давајќи празна слобода и формална еднаквост, ја укинаа идејата за братството. Проблемот отсекогаш бил: со што да се замени овој неправичен систем? Одговорот, очигледно, не го најдоа ниту граѓаните на САД, ниту на Велика Британија, Италија или Грција.

Бистрењето политика е најважната работа за секое општество кое сака да биде демократско. Пежоративниот однос е начин да се обесхрабри секое продлабочено промислување на заедницата, на односите на моќ во неа, начините за сузбивање или елиминација на доминацијата на моќните над слабите. Политиката стана матна работа, валкана, па затоа ѝ е потребно бистрење, прочистување и освежување. Бистрењето политика е делиберација, расправа, средство преку кое заедницата размислува за себе и за тоа каде сака да се види во иднина, какви односи да воспостави меѓу своите членови. Ласкањето за „неговото височество Граѓанинот“ е безобразно, бидејќи лажната титула доаѓа само како мамка за време на избори – кои не треба да сменат ништо освен евентуално персонализираниот израз на една иста политика – политика која нема да ги наруши „светите принципи“ на капиталистичкото владеење. Дури и кога има избори, владее ЕДЕН ПРИНЦИП, а тој гласи „нема друга алтернатива“ – сѐ што можете да смените е персоналниот состав на елитата, и евентуално некоја козметичка јавна политика, но не и неправедниот систем. Кај нас на дело е вулгаризираната верзија и тоа на европската периферија, која и не гледа што се случува во центарот. Таа е вулгаризирана поради оголеноста, примитивизмот, непочитувањето и на елементарните правила на игра, и поради смешниот факт дека нашите „центри на моќ“ се само филијали на некои далеку помоќни. Од програмските ветувања и настапите на лидерите е јасно дека сѐ уште владее оптимистичко уверување дека „слободниот капитализам“ е синоним на демократијата, заедно со НАТО и ЕУ – проблемот е само во предавството, односно криминалот на елитата. Не навлегувам во неверојатните и трагично лажни ветувања, кои се фолклор на секоја изборна кампања. Но, она што вреди да се земе сериозно е што лидерите и од десно и од лево, се однесуваа како претприемачи, или макроа на неговото височество Капиталот. Како да реагирате на идеја на лидер на лева (социјалдемократска) партија, кој вели дека ќе го скрати школувањето во средното образование на 2-3 години и „ќе ги пуштиме децата на пазарот на трудот“? За него Македонија била компанија (не спомна дали како оние во кои се умира во нечовечни услови). Така, зборува политичар-бизнисмен, богат човек чии деца испраќаат бакнежи од монденски центри преку социјалните мрежи. Владејачката партија е самата корпоративен играч, тежок десетици милиони евра (имотот на поединечните членови сѐ уште не е откриен), а политиките не многу поразлични кога станува збор за економијата, ама и политичките решенија, особено во делот на изборите. Најдобра илустрација беа пораките од политичарите од земјите членки или од бриселскиот естаблишмент: онака како што е ЕУ поделена, така беа распределени и поддржувачите на сините и на црвените.

Ова е навистина „заробена држава“, ама не (само) како што толкуваат „интерлокуторите“ (соговорници на странците, истите кои го сковаа зборот „антиквизација“). Заробени сме во црно-бел свет, во бипартизам и бинационализам кои флертуваат, замислувајќи дека моќта е во народот. Медиумите се соучесници во конструкцијата на привидот: уредници изигруваа експерти, а на социјалните мрежи и низ програмската шема, им порачуваа на малите партии дека се рамни на статистичка грешка, и дека не заслужуваат место на дебатна маса со „големите“. (Секоја чест на исклучоците.) Изборите покажаа најјасно, можеби поради „искрата во мракот“, дека за „аутсајдери“ (сиромашни, помлади, неискусни) нема што да бараат на јавна сцена. Не, не знам кој е резултатот, но знам дека оваа фарса не е доволна за да ја одржиме и очовечиме нашата политичка заедница.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: Paul Taylor/Getty Images