Пизма

Додека бавно одбројуваат последните денови од изборната кампања, сите се надеваме на некаква катарза со која ќе заврши двогодишната агонија. Поразумните знаат дека дојдовме до таков стадиум на квазидемократијата во која важи правилото (парафразирано од една парламентарна флоскула): ако не можеш или не сакаш да го решиш проблемот, организирај избори! Или можеби треба да се преформулира: ако сакаш ништо радикално да се смени, оди на избори! Најлошото сценарио е токму тоа: да добиеме рециклирана политичка сцена со исти актери (со евентуално променети места на седење во парламентот, или дури и сите турнати во некаква широка коалиција), иста реторика, исти лаги и пропаганди, лицемерие и неспособност. Тесната битка која се води меѓу Голијатите (кои газат првенствено мали Давиди небаре лебарки, а потоа се препукуваат на голема сцена) ја покажува сета бесплодност на „бомбите“, „револуцијата“ и „движењата за промена“. Се разбира, во екот на кампањата никој во опозицискиот камп нема ни храброст ни доблест да се погледне во огледало и да се запраша: зошто разликата не е убедлива во наша полза, зошто и сега во последен миг мораме да се бориме за толку голем број (наводно) неопределени? Можеби до соочувања и преиспитувања (soulsearching) ќе дојде по изборите, но тоа е мала утеха. Мојата куса и неоптимистичка прогноза е дека кризата на миг ќе спласне, но само до следната кривина и пропаѓање во старо-новиот амбис.

Ретроспективата на она со што цело општество се занимаваше во изминатите години покажува пустош: малкумина воопшто и можеа да се посветат целосно на своите професионални и други кариери и амбиции; дезориентирани и несигурни, запрепастени и збунети. Тоа е Македонија после употребата на „доктрината на шокот“ – за наше добро, се разбира, ќе кажат „лекарите“. Пизмата е опиплива во воздухот, па човек се прашува како и дали воопшто можеме да се вратиме во некаква „нормала“ (а што беше тоа нормала, дали и кога тоа живеевме нормално изминатиов четврт век)? Откако политичката поларизација го отслика Хобс, како е можено сега човек на човек да му стане човек, брат, содружник и соработник? Некаква власт ќе има, некакво управување и менаџирање – но, политичката заедница е сторена прав и пепел, а во такви услови нема шанса за будење на работен ентузијазам, желба и волја да се биде подобар, поуспешен (врз основа на сопствен труд), и за себе и за заедницата.

Сега, во очекување политичкиот климакс да мине, па да нема изговори дека сето тоа нѐ држи во тензија или нѐ фрла во очај и депресија, мораме да се свртиме околу себе и да ги засукаме ракавите, конечно да се фатиме за работа. Признавам дека овие две години ми беше исклучително тешко, ако не и невозможно да се натерам да се занимавам со мојата основна дејност, научната. Кога ти се чини дека тлото се движи под нозете и дека има многу поважни нешта од секојдневните задачи и рутини, науката заличува на интелектуален луксуз. Чуму, побогу, да истражувам и пишувам трудови за списанија со импакт фактор? Како тоа ќе ѝ помогне на мојата земја, или мојата академска заедница? Кој тоа воопшто и ќе го чита (или, не дај боже, радува)? Еве, организираме научна конференција („Балканот меѓу Западот и Истокот“), а странските колеги покажуваат поголем ентузијазам од нас, домаќините, кои само гледаме да прокнижиме уште еден меѓународен настан, добиеме бодови за избор во повисоко звање, и да поминеме убаво.

Во таква ситуација, нужно погледнуваш и во ликовите околу себе, во процесите и постапките низ кои секојдневно се движиш. И сфаќаш дека сѐ отишло во Хондурас. Владее неодговорност, ароганција, самоволие – ако таму надвор секој може да чини што сака, и да мине неказнето, тогаш зошто би се почитувале меѓу себе како колеги и соработници, зошто постарите би им биле пример на помладите, а помладите зошто да ги почитуваат постарите колеги, кога лакташењето и византиските вештини се подобра и поуспешна тактика. Со чудење забележувам луѓе кои сѐ и секого гледаат низ некакви претпоставени табори и игри на моќ, позиции, и варијабили (хонорари, кажано поточно). Сфаќаш дека си наивна будала на која секој може да ѝ постави сопка (ако си добар) или удри нож в грб (ако те перципира како закана за своите позиции), само затоа што уште веруваш во етички и професионален кодекс. Веќе никој не може да ме разубеди дека силно ќе светне ден само ако се сменат оние на власт – бидејќи околу нас трулежот е од такви размери што укажува на нашата сопствена негрижа, а не на терор и диктат „одозгора“. Ние гниеме одоздола, а и она што се раѓа како подмладок го носи белегот на деформацијата.

Во приватниот живот сѐ уште донекаде можеш да најдеш прибежиште, топла прегратка и потпора, солидарност и разбирање. Во јавниот и професионалниот – тие се сосема уништени од башибозук, неукост и пизма. Лично, можам да си ги шепотам стиховите на „Молитвата“ на великиот Конески, кој очигледно бил страдалник: „Спаси ме Боже од болните луѓе што се накажани, та не се криви, нивната злоба умерено суди ја, самите од неа одвај се живи. Тие се мислат повикани да водат како Мојсија и другите пророци, а самите не можат да се ослободат и влечат по себе ситни пороци.“ Можам да ја фатам другата страна на улицата, за да го сочувам спокојот и заштитам од злобата. Но, што ако се во право (а чинам, во право се) оние кои стиховите на Конески ги сместуваат во општествен контекст, па дури и дека подразбираат транспросторни и безвременски димензии и вредности (или нивно отсуство)? Велат, за Конески накажаноста (злобата) е метафора за душевната беда и темнина која ги обвила луѓето, односно општеството кое продуцира луѓе кои се лакоми, кои не знаат за доста, егоисти и материјалисти, бедни во душата, скромни со интелектот, а со големи апетити. Ете, тоа ме плаши најмногу! Деновиве разговарам со пријателка околу проблем кој го доживувам лично, затоа што оној кој како Јуда ме бакнува в образ, не само што се одрекува од мене, туку и ми забива нож в грб; од пристојност се преправам дека ножот не боли, ама низ сеќавањата ми се нижат ситуации во кои на оваа личност сум ѝ сторила безброј добрини. Знаете што ми кажа пријателката на која ѝ се доверував? Го цитираше својот дедо, кој знаел да се повика на некаква народна изрека: „Кога гледаш дека некој се дави в река, не му подавај рака да го спасиш, бидејќи тој ќе биде првиот што ќе ти нанесе зло кога ќе се опорави, затоа што ќе се сеќава дека си бил сведок на неговата неволја, а нема да сака да ти биде должник.“ Звучи брутално и е далеку од поезија, но зборува за некаква пизма која ја познавале и во старите времиња, а која ја знаеме и ние денес, а постојано мислиме дека е сега создадена, дека ни е крива власта, партиите, медиумите, сетики некој друг – а дека самите не партиципираме во градење на луѓе кои се мразат и не знаат ни за почит, уште помалку за емпатија. Во такви услови, по некое чудо, да се симне Исус (и за атеистите тој е позитивен лик) – ни тој нема да може да нѐ оправи, ако самите не станеме промената која сакаме да ни ја донесат други.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: Shutterstock