Посткоитална депресија

Кога на пријател од регионот му кажував за тоа дека сите слават изборна победа, тој мудро ми порача: сега е вистинско време за тематизирање на постизборната депресија (како паралела на посткоиталната депресија). На извесен начин, тоа беше и реакција на мојата колумна, во која „од петни жили“ се обидував да внесам минимална верба дека можеме да да се свртиме кон политика која што нема да биде ни дехуманизирана, ни антагонистичка до степен на омраза. Се покажа дека тој бил во право, а јас можам да се тешам дека општествената свест секогаш доцни зад општествената стварност и дека ќе дојде ден на радикална промена на политичкото. Навидум, ова што се случува не е депресија: по првичната изнасилена еуфорија, следуваше кусо затишје, за да набргу кулминира во простотилак, гнев и физичко пресметување. Но, да не се лажеме, ова е само одложување на постизборната депресија, која што се насетува најмногу кај „неопределените“, ама и кај оние кои сѐ уште ја одбираат Македонија наместо една од завојуваните страни, подготвени да бидат кормилари дури и ако бродот да потоне. Велат дека меланхолијата е типична за Македонците, дури и кога објективно ситуацијата не е толку црна. Не знам како тоа воопшто се мери, но до мене стасува голем број такви пораки од познати и непознати. Кој (ќе) победи и каква влада/коалиција ќе состави – сето тоа е неважно, ако колатерална штета е Македонија. Се присетуваме на пророчките зборови на мудрите, кои одамна ја опишале небиднината и проклетијата во која луѓето ги губеле главите поради капите кои ги носеле. Не сум исклучок и јас кога ми доаѓа да им кажам на сите кои се колнат во „нашата убава Македонија“ дека уништија сѐ, па и пирејот; дури и него го истребија за само четврт век државност. Помлад човек ме моли: немојте да ни го одземате пирејот, професорке, па само тој ни остана како симбол, да веруваме дека ќе опстоиме наспроти сѐ! Но, и самиот вели дека на Македонија гледа како на терен на кој две кучиња (пци?) се водени на јамка од газдите кои задоволно се смешкаат, додека ги с`скаат и подготвуваат за битка.

Посткоиталната депресија е само метафора, и не ја среќаваме за првпат. После толку голем број изборни процеси, да сме паметни, таа би била општо место. Политичките фрустрации и страста за гола власт е она што бара климакс (избори); а нивното одложување служи за надразнување (особено на партнерите во општата оргија), па и „оргазмот“ е дотолку поексплозивен (иако, експлозивно е и ако не се доживее очекуваниот климакс). Лондонски психијатар ја поврзува посткоиталната тага со моќта која е присутна пред и за време на коитусот, но која се губи токму кога ќе се стаса на врвот, па буди чувство на „губење на машкоста“. Фројд вели дека сексот не е само биолошка потреба, туку многу повеќе од тоа; човекот бара начин да ја избегне осаменоста, вродената изолација на своето постоење, преку спојување со друго човечко суштество. На крајот, секој останува сам, без оглед на степенот на интима, „сплотеност“ и заедништво со другиот. За „колективниот коитус“ наречен избори најсоодветно е објаснувањето на еден американски психијатар кој тагата по сексуалниот чин ја објаснува со опоравувањето на делот од мозокот (амигдала) кој се носи со емоциите како стравот и тегобноста. За време на сексот, амигдалата ги „придушува“ тие чувства, но кога се враќа во нормала – чувството на страв и тага испливуваат повторно на површина. Можеби ваквото објаснување на изборите звучи вулгарно и брутално, но е далеку попристојно од сето она на што сведочиме две години наназад, а особено овие денови.

Стравот и влоговите на политичките лидери се далеку поголеми од тие на обичните гласачи. Оттука и нивната постизборна хистерија, која ги освестува граѓаните дека тие се повторно „онаа страна“, која нема да добие ништо, освен што ќе остане трудна; иако им се гадело од политичката интима и спојување околу неранимајковци, некадарници и компромитирани, им „дале“ (глас) во наивна верба дека барем за некое време ќе ги остават на мир и нема да ги силуваат со лажен патриотизам и фејк револуции. На крајот, разумните (тажните) ќе сфатат дека изборите се смоквин лист кој требаше да ја скрие сета беда и голотија, „срамотните“ делови на македонското политичко тело, кое гние и се распаѓа. А не само што не ги скри, туку веќе се најавува нова сеанса на интимни чинови наредната година – и на локални и на предвремени парламентарни избори. Сега кога е јасно дека ништо не е решено, како и дека дури и временото решение не зависи од домашните актери (да не употребам побезобразен збор), туку од странците – тагата и стравот јакнат. Стравот раѓа и гнев и желба за одмазда, па гледаме морбидни сцени и слушаме говор на омраза. И тие не се нови, само што сеќавањето е селективно: погребниот крст за Заев предизвикува згрозување кај оние кои пред една година дена приредуваа „погреб“ на Груевски. Повозрасен човек (68 години) е подмолно претепан во темна уличка поради кафеанска размена на различни политички ставови. Додека се вреска за „ноќ на ножеви“ (боже, прости ѝ, не знае што зборува), стасува вест дека е*ачите се веќе во преговори и не се гледале преку нишан!? Каде ли се говорите за уривање на диктаторот? Веројатно стопени во постизборната депресија и итрата прагма.

Ако македонскиот електорат сфаќа дека го одработиле и раскарале, кај Албанците еуфоријата е висока. Наративот гласи дека кај нив постои плурализам, па дури и дека преку ноќ се родила граѓанска свест и етничките бариери се чудесно урнати во поранешните кризни региони. И покрај аплаузите, и на врапчињата им е јасно дека „граѓанското“ беше ставено во етничка обланда за да се голтне полесно, а и зашеќерено со незадоволството од ДУИ; добивката сепак стекната со етнички понуди и надворешна (финансиска и друга верска) помош со цел да дојде до смена на режимот (класичен regime change само без „пролет“ и воени интервенции). Мнозина не сакаат да видат дека успехот на Беса значи внесување на (нов) верски елемент во досегашниот етничко-политички мозаик, а дека Села е човекот кој со запалка во собранието објаснуваше што ќе се случи ако не се усвојат албанските барања. Македонците славеа, а албанските лидери заминаа во Тирана. Не е Рама тој што се меша во внатрешните работи; обратното е поточно. Нашиве демократи имаат потреба од патронажа, покрај американската, бидејќи им е тесно во новото граѓанско руво. Не дај боже да кажеш дека американскиот, британскиот и другите амбасадори се мешаат во „решавањето“ на постизборната депресија (предвидена уште во Пржино)! Лидерите немаат … знаете-што за да му покажат врата на Бејли и да му кажат дека за време на избори на граѓаните не им требаат такви партнери, бидејќи само тие се суверени и претставници на волјата на политичката заедница. И овие избори покажаа дека партиските лидери и натаму се безрбетници кои имаат коитус со народот (или она што го сметаат за свој народ, наспроти стоката на другата страна), ама се лојални на меѓународните „партнери“. Ова е скандалозно, но реакцијата е неискрена, доцни 15-20 години, време во кое Македонија стана протекторат. А во протекторатите, граѓаните не се носители на народен суверенитет. Поетот порача „Македонија, синко, е заорана с`с два црни вола!“, но и дека „уште рика истата мака во мене дека сум роден во смачкано племе“. Но, ова не е време на поети, туку на лажни пророци кои ве викаат на плоштадите, а кришум ви ја кројат капата заедно со нивните вистински газди.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: Shutterstock