Капетан Америка

На еден популарен филмски ТВ канал, во првите часови на Новата година премиерно беше прикажан: „Капетан Америка: Граѓанска војна“. Денот на инаугурацијата на американскиот претседател (Капетан Америка?) наликуваше на филм, на лош филм, со лоши актери, лошо сценарио, и – со одлични режисери! После речиси тривековен развој на демократијата, лидер на „Земјата на слободните“ стана нарцисоиден богаташ и кловн. Навидум, страшен пад од досегашната елоквенција, интелигенција и поза на Обама, професор по уставно право и нобеловец за мир. Но, колку тоа да звучи парадоксално, појавата на Трамп е логичен и речиси неизбежен резултат на долготраен и постепен процес на официјализирање на една грандиозна (национална и глобална) некрополитика, во која суверенитет се остварува во кој свет којшто се дели на луѓе кои се потрошна роба, и оние кои тоа не се; на животи што можат да се потрошат и за кои никој нема да жали и на оние другите. Сите очи беа свртени кон чинот на мирно примопредавање на власта (како што и официјално беше кажано „толку обичен и толку магичен чин“, обичен затоа што изборите се вообичаена практика, а магичен затоа што се одржал толку долго без никаква закана од промена); за тоа време на улиците на Вашингтон (инаку до болка здодевно и бирократско место) полицијата со солзавец се справуваше со протестантите. Ова не беше ниту нормален, ниту магичен чин. Ниту пак изненадувачки. На говорницата претседател (велат дека во споредба со него и Буш личи на Ајнштајн) со силни пораки против естаблишментот, ги посрамува претходниците (од ВИП ложата) и порачува дека власта веќе нема да биде концентрирана во Вашингтон, туку ќе му биде вратена на народот, на осиромашениот, неслушнат и заборавен обичен Американец. Наспроти тоа, на импровизирани говорници по улиците се слушаат Мајкл Мур, Де Ниро и други славни актери и активисти како објавуваат стодневен отпор, промовираат (не)обоена револуција против тукушто инаугурираниот претседател. Со таква страст зборуваат за загрозените права на жените, афро-Американците, ЛГБТ, сиромашните, муслиманите итн., што помислувате дека досега сè било во совршен ред, а дека тој монструм и натрапник Трамп, уште неседнат во Белата куќа, е главниот виновник за сите неволји! Зборуваат за тоа колку е непопуларен, освоил помалку гласови, но добил поголема поддршка од изборниот колеџ, зборуваат во духот на „ние“ (мнозинството, добрите) и “вие“ (политичкото малцинство, лошите) – заборавајќи дека досега никогаш не протестирале или барале измена на изборниот модел! Неодамна, уште една славна актерка (актерите играат најважна улога во јавниот живот, позначајна од таа на професорите или интелектуалците – факт кој зборува сам по себе), Мерил Стрип одржа силен и плачлив говор во кој опиша колку била потресена од подбивна имитација на Трамп на сметка на новинар-инвалид, лице кое таа го опиша како немоќно и како симбол на сите нејаки над кои Трамп врши насилство – заборавајќи дека новинарот е добитник на Пулицер, а не некој слаб и инфериорен човек. Навидум, половина Америка слави, а другата протестира! Тоа е сценската постава, театарот на политиката зад кој стои невидливата влада во сенка на длабоката држава. Во суштина, со Трамп или Хилари, па и пред нив, ништо битно не се менуваше во однос на симболичните 99% наспроти концентрираната моќ во рацете на 1%. Иако Трамп некому можеби му зазвучи како човек на народот, неговиот кабинет е составен од класата на 1%, која можете да се обложите дека нема онака одеднаш да почне да работи против сопствениот себичен интерес.

Се сложувам дека Трамп е добра вест за светот: Хилари (наречена Килари) е претставник на интервенционистичката Америка, зависник од војните, политички репрезент на воено-индустрискиот комплекс – и шансите за нова војна ќе беа реални. Да не зборувам за опасната конфронтација со Русија. Доколку воено-индустрискиот комплекс не го затегне јажето околу вратот на Трамп, добри се шансите дека ќе престане ширењето демократија со бомби и дронови, а и Третата светска војна како да станува помалку веројатно сценарио. Но, Трамп е ужасно лоша вест за Американците! Многу скоро ќе се разголи празната популистичка реторика, па неговите претходници навистина ќе почнат да наликуваат на социјалисти (иако тоа никогаш не биле, ниту сакале да бидат). Но, Трамп е само резултат на една империја во фаза на дегенерација, тој самиот е одраз на трулежот, но не и негов причинител. Toj може да биде гробарот на Империјата, која постепено се втурнува во внатрешна имплозија, но за смртта на демократијата во Америка тој е најмалку виновен. Не може објективен посматрач да не се запраша како тоа на овие демонстранти, активисти, холивудски ѕвезди и гласни интелектуалци (со ретки исклучоци) да не им падне напамет дека патот до Трамп го поплочија сите негови претходници: почнувајќи од медиумите, од образованието, од милитаризмот и насилството во сите негови облици! Зарем не е парадоксално тоа што за време на нобеловецот се водеа војни, се продаваше оружје на диктаторски-пријателски режими, започна бегалски бран без преседан, деца пукаа во училишта, афроамериканци беа убивани како зајаци од милитаризираната полиција, нивото на социјална нееднаквост се продлабочи не само во САД, туку и глобално? Каде беа активистите да се згрозат од таквиот вид насилство, а сега запрепастени од нешто што само го антиципираат, а за кое Трамп е виновен уште пред да го стори – само затоа што се однесува како типичен сноб и каубоец без манири? Трамп ќе биде одговорен за она што ќе го стори во иднина, но не и за она што веќе го сторија неговите фини и културни претходници. Доколку е и автентичен анти-трамп отпорот (во што се сомневам поради дежа ву ефектот на веќе видени потези на обоените револуции), тој е жално задоцнет и реактивен. Наводно прогресивните либерали ја убија секоја шанса за вистинска промена, па дури и Берни го гледаа како закана. Го митологизираат Обама, не се подготвени да го оценат неговото наследство, сето зло кое му беше нанесено на светот, но и на американското општеството, но знаат дека Трамп е олицетворение на Злото. Тие бранеа status quo, ама со некој кој изгледа подобро од Трамп и Меланија. Напротив, мислам дека овој претседателски пар го отсликува вистинското грдо и патетично лице на Империјата во сегашната фаза на дегенерација. Посакувам тој да отвори пат кон тотален колапс на сето старо, извалкано и изневерено; но, слабоста на граѓанското општество, неукоста и пасивноста на збунетиот граѓанин-консумер, подаништвото и ненавикнатоста на борба за своите политички и социјални права, самобендисаноста и вљубеноста во нивната „грејт нејшн“ и немањето желба да се запознае светот, оној свет кој го експлоатираат и бомбардираат неговите лидери, сето тоа го наметнува најсериозното прашање: има ли Америка сила да се демократизира? Дали земјата чиј најголем извоз е во оружје и демократија (каков оксиморон, нели?), земјата која поттикнуваше смена на режими, сега е во очај и неспособна да ги употреби демократските средства за сопствена демократска ренесанса. Можеби светот (и Македонија) ќе здивне од овие каубојци, ама падот на Колосот поради внатрешната битка на елитите ќе предизвика земјотрес и крвави последици. Тоа е она што мора да го загрижи секој човек, без оглед дали е Американец или не. Капетан Америка е и онака фиктивен лик, никогаш не постоел и не е пожелно да постои.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: Associated Press