Платформа

Зборот „платформа“ има повеќе значења, но следниве може да се издвојат како релевантни за нашиот етнополитички контекст: 1) подигнато место на сцената од кое се обраќаат говорниците или на кое стојат изведувачите за да бидат подобро видени од публиката; 2) декларирана политика за дејствување на политичка партија или група; и 3) средство за гласно искажување на сопствените интереси и/или за покренување акција. Токму ова е содржано во т.н. Божиќната платформа на трите албански партии. Во неа експлицитно се зацртани условите под кои овие партии евентуално би коалицирале со која било партија од македонскиот блок. Суштинската страна на ова писание, кое е во голема мерка израз на етнонационалистички влажни соништа, нема потреба да се анализира подлабоко, бидејќи целта е сосема инаква. Беше потребно да се направи шашма, да се внесе конфузија во политичкиот процес, но и да се потсети на албанштината која ете не била напуштена. Но, дури и најрадикалните кругови не би тргнале во некаква офанзива за реализација на националните идеи. Авторството на платформата е легитимно прашање. После сеалбанските консултации во Тирана и Приштина, како и по ставот на Ахмети дека конечната одлука ќе ја донесе заедно со „меѓународните пријатели“, лесно е да се западне во замката на теорија на заговор. Не дека регионот станал неважен во геополитичка смисла; напротив! За кусо време, само во влијателниот „Форин афеарс“ се објавени два проблематични текстови: првиот беше анализа на неуспешните држави и пропаднатиот мултикултурализам, па како решение се препорача размена на територии и население. А за втората статија – не знаеш дали да плачеш или да се смееш, бидејќи прави споредба меѓу Груевски и Трамп. Би помислил човек дека Груевски е некој Бауч од светски калибар, па Американците треба да се замислат дека избрале негов пандан. Да правиш споредба меѓу Трамп и мандатар за составување влада на една земја која за мнозинството Американци е предизвик и да ја најдат на картата на светот е навистина бизарен потфат кој бара неверојатна интелектуална акробација. Се разбира, поентата на авторот е дека и двајцата се олицетворение на Злото, со големо З – иако публиката за која е текстот објавен секако не е американската. Чудесно, авторот заклучува дека помеѓу корумпираната ДПМНЕ и безидејната СДСМ, фактор на прогресот се токму Албанците, поради тоа што социјалдемократијата пуштила корени од Арачиново до Зајас.

Платформата на албанските партии е димна завеса, листа на националистички желби (кои не се ни нови, освен онаа глупост за геноцидот); таа не е ни замислена како платформа за конструктивна владина коалиција (иако не е исклучено нешто сосема друго да се случува зад сцената). Низ неа поконкретно се артикулираат невештите ветувања на Заев, кој бараше надминување на Рамковниот договор и нудеше повеќе одошто можеше да испорача. Понудата за албанскикот електорат на СДСМ беше етничка, а не граѓанска, и само неук човек или манипулатор би заклучил дека сите 50-60 илјади Албанци се определиле за граѓанска Македонија предводена од СДСМ. Ако на Ахмети му одзема дел од гласачите, оние разочараните, Заев не успеа да создаде предизборна граѓанска платформа која ќе ги обедини сите на наднационална основа. Појавата на нови албански партии доволно покажа дека граѓанската идеја е само пуста желба. Платформата е создадена за да не се реализира (за уставни промени во делот на двојазичноста, бинационален државен ентитет, промената на државните симболи, итн. нужна е согласноста на двете македонски партии). Добрата вест е дека албанскиот фактор испорача барања за кои знае дека се неостварливи (без двотретинско мнозинство, т.е. без дозвола на ДПМНЕ и СДСМ), но лошата вест е дека има визија – знае што сака за во иднина, без оглед колку се делат или множат, и какви идеолошки наметки си ставаат. Сега целта е искористување на моментумот кога иако со помалку пратеници, Албанците можат да формираат влада, а и во пресрет на локалните избори се одржува тензијата на високите очекувања. Заев не само што си пукаше в нога, туку и ја отвори Пандорината кутија, што не е препорачлива работа на Балканот кога условите не се зрели. Албански колумнисти пишуваат дека ова е историски миг за Ахмети, многу поважен од времето кога носеше воена униформа; му порачуваат да не се плаши и да извојува што повеќе за албанската кауза. Дури и „меките“ чаирски филозофи и мулти-култи јунаци зборуваат за 10-те милиони Албанци, за беневолентната и демократска содржина на Платформата. Универзитетски професори од Тетово ја оценуваат како незначајна, само да не го осудат национализмот кој блика од неа. Интелектуалната елита не само што инсистира дека нивниот народ е најнапредниот во општеството, туку одбива да види национализам во Платформата. Тешко им е и да ја осудат дури и онаа глупост за наводен генцоид. Политички, не ја гледаат одговорноста на ДУИ за досегашното коруптивно и авторитарно владеење, па уривањето на режимот се врзува само за ДПМНЕ. Тие се подготвени да му простат сè на Ахмети ако го одбере Заев; ќе го амнестираат исто како што го ослободија од секаква одговорност за злосторствата од 2001. Ништо не укажува на граѓанска свест, на дело е шминкање и туркање на очигледните нешта под чергиче. Најголема колатерална жртва на Платформата е уривањето на митот за разбуденото граѓанство и надминатите етнички бариери. Фрлената ракавица на старите политички лисци внесе забуна, и фактички ја деконструираше приказната за наводната мултиетничка Шарена револуција. Симболички врзаните знамиња на Република Македонија и Република Албанија се разврзаа, а активистите мудро молчат. Ако Груевски и не успее да состави влада, тоа можеби ќе го прави Заев – ама сепак на етничка платформа. Советите до лидерите во македонскиот табор се идентични: најбитно е да се зграби власта без оглед на цената.

Политичката елита, без исклучок, одамна покажаа дека власта им е поважна од кое било национално и јавно добро, и дека се подготвени да ризикуваат сè, да продадат и родена мајка, само да ја задржат или освојат власта. Националистичките барања не се инспирирани од националисти: Ахмети (а и Груевски) е исто толку националист колку што беше Милошевиќ! Станува збор за прагматични луѓе гладни за власт и загрижени за сопствената кожа, а не за колективните права на оние на кои им се обраќаат од говорницата (платформата). Но, тоа сè уште им успева! Изградбата на заедничка платформа е речиси „невозможна мисија“, бидејќи покрај (не)капацитетите и карактерите на лидерите, далеку поважен е врамениот систем во којшто правилата на игра почиваат на основа на конституционализирани етнички разлики. Политичкиот процес се сведува на перпетурирање и рециклирање на етничките агенди. Ваквиот уставен систем не почива на граѓанска партиципација, бидејќи на крајот на денот сè се одлучува преку уцени и пазарења на етничките лидери. Засега на сцена се федералистички тенденции. Ако и дојде до нови избори, треба да се има на ум дека од избори до избори државата сè повеќе слабее. Тоа се избори од немоќ, од немање концепција за својата иднина, поради интер- и интраетничка нетрпеливост. Изборите станаа бесмислени бидејќи не се излез од кризата, ами закопување сè подлабоко – веројатно до целосен протекторат, кој (за жал) и самите граѓани ќе го дочекаат со аплауз. Така згаснува и банана републиката.

Напишано за Нова Македонија