Постфактички свет

Покрај личности на годината, сега се појавија и зборови на годината. За изминатата тоа беше терминот постфактички. Барем така одлучија британската и германската јавност (post-truth, postfaktisch), а штом е таму популарно – веднаш се копира и во други земји. Накусо, неговата смислата е тоа што наводно живееме во свет во кој фактите (вистината) не се важни, ами побитни се емоциите кои ги предизвикуваат честопати лажните информации и полувистините. Тука се мисли првенствено на масовните медиуми, кои станаа уште помасовни откако буквално секој може да стане „новинар“ (уредник), па преку интернет-страници (како Викиликс), порталите и социјалните мрежи да пласира лажни вести, со големо влијание врз политичките и другите процеси. Впрочем, и Велес (а со него и Македонија) се прослави за време на претседателските избори во САД. Од огромниот наплив на информации и „информации“, право чудо е и да се дојде до вистината (која е најчесто сложена, напорна, а и болна). Пред да го збогатиме речникот со прифаќање на термин по пат на помодарство и некритичкото мислење, пожелно е да праша: што е тука ново? Дали токму 2016-та година беше точката на пресврт на бришење на границата меѓу фактите и илузиите (лагите)? Зарем не е ова уште една интелектуална кованица, која звучи „секси“, а всушност одразува веќе постојна стварност? Па, дури и звучи наивно или како оправдување за наводната заблуденост дека живееме во свет на факти. Постфактичкото објаснување на светот е токму постфактичко: не се заснова на факти, туку на перцепции. Тоа е уште една политичка манипулација која сака да нѐ увери дека некогаш постоел свет заснован на факти и рацио. Тоа е збор со кој се бришат големите лаги поради кои страдале милиони луѓе: од Виетнам до Ирак и Сирија, поради свесна политичка пропаганда.

Да не одиме назад во историјата, доволно е да се сетиме на стариот добар Орвел и Министерството на вистината, кое има единствена цел вистината (фактите) да ги прилагодува на новата политичка стварност: она што до вчера било света вистина, од денес не постои и никогаш не постоело. Информацијата е моќ, а тоа го знаеле сите владетели – Орвел само го сублимирал историското искуство и ја прогнозирал надоаѓачката дистопија. Во последниот текст од 2016 година, Роберт Фиск, брилијантниот новинар на „Индипендент“, напиша: „Ние не живееме во постфактички свет; ние живееме во свет на лаги. Ние отсекогаш сме живееле во свет на лаги.“ Една од најсвежите епизоди околу кои (лицемерно) се згрозуваше светот беше „падот“ (или „ослободувањето“) на Алепо. Всушност, Фиск со право зборува за поразот на новинарството, кое се предаде пред социјалните медиуми, кое го изгуби сиот кредибилитет, па и дури и желбата да ги потврди фактите (погледнати низ сите призми, и сите делови на Алепо) пред да ги соопшти. Но, тој сведочеше и за Сабра и Шатила, а пред 10-15 години зборуваше за т.н. „инкорпорирани новинари“ кои интервенциите во Авганистан и Ирак ги следеа или од безбедни хотелски соби (некогаш и далеку од земјите за кои наводно известуваа), а во најдобар случај – како дел на воените експедиции, со брифинзи од воени офицери. Она што современиците на развиениот запад ги зачудува или вознемирува не се таму некои цивилни жртви во далечни земји (на нив се навикнаа одамна, па дури тоа и го сметаат за нивна историска судбина, па и вина). Тие се вознемирени што постфактичкото толкување на домашната стварност им чукна на врата, најевидентно преку политичките (референдумски или изборни) кампањи. Еден филозоф на медиумите неодамна напиша дека „нечесноста на политиката во 2016 година беше неверојатна и поради нејзината дрскост и поради нејзината ефикасност“. Да се биде фатен во лага не значи ништо, ни за Буш и Блер (кои лажеа за меѓународни теми), ни за Фараж (кој лажеше за домашни); да се лаже успешно е своевиден доказ/печат на автентичност на застапникот на одредена позиција. Политичката лага и нечесност, исто како и војувањето под претекст на демократизација, стана нормално, ставено под превез на „различност на перспективите“, одомаќинет дел на секојдневието, во кое владејат лажните пророци кои зборуваат од плоштадите или од говорниците. Ние ги имавме нашите патетични лажговци на 11 декември.

Но, ако веќе политичарите отворено и дрско лажат, зошто им верува публиката? Дали е одговорноста кај оној што лаже или оној што е излажан? Од наша позиција, би додале, па зарем тие не се зрела јавност со политичка култура? Како е можно кловнови и морони да станат лидери во демократски општества? (Причината поради којашто се фокусирам на развиените демократии е едноставна: ние демократија никогаш не сме ни биле, а се стремиме, или барем така велиме, да станеме подобри, да станеме како нашите идоли на развиениот Запад. Ако таму се верува во некаков постфактички свет, тогаш како да веруваме дека тие се морална вертикала и достоен политички пример? Ако тие дома манипулираат, зошто овде би вложувале фондови за независни и објективни меидуми?) Одговорот треба да се бара во медиумите, образованието и популарната култура – во механизмот на генерално заглупавување. Што да се каже кога еден „Вашингтон Пост“ во рок од само шест недели фабрикува две стории без никаква фактичка подлога и тоа минува без никакви последици? (Сѐ уште мислите дека проблемот е во нашите телевизии или во некои „Курири“, „Докази“ и „Мактели“? Тие се само примитивни верзии на западните пандани.) Гринвалд, уште еден исклучок меѓу новинарите, меѓу ретките со прст покажа на т.н. мејнстрим (корпоративни) медиуми кои се спуштија на ниво на аматерски портали кои продуцираат „лажни вести“, а со цел вршење политичка пропаганда од најнизок тип. (Кај нас нема Гринвалд ни за лек, ама има мнозина со тренинзи на запад.) Новинарството доскоро умираше, за да конечно изврши самоубиство, станувајќи дел на глобалната машинерија на перење мозоци. Не е кој знае каква храброст да „опалиш“ по Груевски; ајде да видам некој да се осмели да каже нешто за западните ментори кои нѐ влечкаат во нивните геополитички игранки!) Денес потрагата не е по знаење, туку во изучување на агнотологија (наука за незнаењето). Авторите на едно истоимено дело од 2008 година поставија суштински прашања: што е она што не го знаеме и зошто не го знаеме? Што е она што го одржува незнаењето во живот или коешто му дозволува да стане главен политички инструмент? Ако порано клучното прашање гласеше „како доаѓаме до знаење“, сега тоа гласи: зошто не знаеме за она што не го знаеме? Незнаењето не е само отсуство на знаење, туку е резултат на политички, економски и културни фактори. Понекогаш, тое е резултат и на отфрлање на фактите и на нивното поврзување во систем на знаење поради попривлечните лаги. Незнаењето има историја и политичка географија. На пример, додека Западот и Истокот водат постфактичка битка, во вид на наративи, а заснована на голи интереси, без трошка грижа за човечките судбини, тие – жртвите на теренот – се единствените кои ги знаат фактите, но немаат никаква корист од тоа, ниту можат да се борат против приказните во кои тие се централните ликови за кои сите се борат да ги спасат. Бидејќи светот живее со очи ширум затворени! Нештата треба да се постават „на глава“, наопаку: постлажното време е име на новата утопија, а потрагата по фактите ќе биде новата археологија со која ќе се занимаваат идните генерации. Ние сме со толку затапени чувства и заглупавени, што не сме способни за таквата мисија.

Напишано за Нова Македонија