Синдром Сорос

Прозивките и/или етикетирањето се национален спорт, а најновиот се нарекува десоросоизација. Повикот упатен од бивш (а можеби и иден) премиер предизвика бранување кое го фрли во сенка дури и формирањето на владата. Операцијата не е ниту оригинална, ниту смислена таа студена декемвриска вечер. Слични кампањи беа водени во времето на Милошевиќ и Туѓман, но сега се меѓународен феномен поради променетиот политички контекст и јакнењето на крајната десница од двете страни на Атлантикот. Македонското здружение за десоросоизација (СОС) е патетично: таму се речиси истите ликови од движењето за одбрана на Македонија (ГДОМ) – за кое ниту разбравме од што ја бранеа, ниту пак ја одбранија (ако се суди според состојбата во која се наоѓа земјата). Од друга страна, и начинот на кој претставниците на Фондацијата Отворено општество Македонија се бранат зборува многу за нив самите, но и за тоа како ја сфаќале/сфаќаат својата (според нив, спасувачка и месијанска) мисија. Прозиваат и тие, најчесто членови на ДПМНЕ, нивни грантисти и членови во управните тела. Затоа, пред да кажам нешто на оваа тема, редот налага јавно да ги исповедам своите „гревови“: и јас сум била грантист на ФООМ. Бидејќи не сум членувала во управувачкиот борд, очекувам да се најдам во редот на помалите грешници кога ќе се формираат морални или преки судови. А секогаш кога ќе сум кажела нешто критично за ФООМ, како на неблагодарница ми било посочувано какви добрини ми биле сторени. Колумната не дозволува детална исповед, но доволно е да кажам дека не сум се збогатила од тие грантови.

Немам сознанија, ниту право да зборувам за тоа како Џорџ Сорос и Владе Милчин ја спасувале Македонија во 90-те; го оставам тоа на некои подобро информирани. Но, факт е дека тоа не била само борба за преживување, туку првенствено за инсталирање на либералниот поредок, во економска и политичка смисла, заедно со Вашингтонскиот консензус. Акцентот на тековната хајка само навидум и декларативно се однесува на опстанокот на државата, бидејќи доколку сакаа државата да биде пристојно место за живеење, одамна ќе впереа прст кон самоуништувачките политики на владејачките елити, а дури потоа на меѓународните фактори. Денешна Македонија е продукт на меѓународен стејтбилдинг (градење држава со меѓународна интервенција), но со тоа се согласуваа редум сите елити, потпишуваа договори, записници, Пржино 1 и 2 (а професор по уставно право препорача и Пржино 3 ако треба). Апелот СОС (Стоп за Сорос – или спас за нашите души, Save Our Souls) е не само задоцнет, бидејќи душите се одамна продадени за власт и привилегии, туку е и удирање по самарот наместо по магарето. Соросовата фондација отсекогаш дејствувала како алатка на американската политика, во делот на она што се нарекува јавна или културна дипломатија. Џорџ Сорос не е моќен џин од Аладиновата лампа, туку пресметан шпекулант врзан за американскиот естаблишмент (анти-естаблишментската платформа на Трамп е нешто сосема ново, барем засега, и останува да се види како Сорос ќе се постави во однос на неа.) Нашите јунаци кои дигнаа глас против соросовите зла, го прават тоа поттикнати и охрабрени од политиката на Трамп, онака како што некои колаборационистички клики своевремено го поздравувале Хитлер како поддржувач на државниот суверенитет на нивните марионетски држави.

Пресметката со ФООМ е прагматична, одмазничка и инструментална за внатрешните меѓупартиски случувања, иако инспирацијата и куражот стасуваат однадвор. Но, во оваа локална битка нема невини. За перцепцијата за ФООМ како експозитура на СДСМ не е виновна (само) ВМРО-ДПМНЕ и нејзините мегафони. Промовирајќи демократски вредности и изборна демократија, четврт век на нејзино чело седеше незаменлив претседател, кој во еден период истовремено беше и член на највисокото тело на СДСМ. Подоцна се повлече, но симпатиите останаа. Дури и тоа што првиот човек/жена има плата од неверојатни 3,500 евра не дури ни грев, ако така решил газдата. Она што заслужува сериозна критика (но не и хајка) е лапидарно напишано во еден одличен текст на Апасиев за тоа како НВО секторот го уби активизмот. Тажниот крах на т.н. Шарена револуција најдобро го потврди тоа. Покрај сите добри проекти и „прошверцувани“ напредни идеи во едно патријархално и тесноградо општество, сателитите и клоновите на ФООМ почнаа да дејствуваат како месии, како единствени просветители, па дури и како еманација на самиот народ. Цивилното општество – оставено во лимбо, осцилирајќи помеѓу либералниот и радикалниот модел – на крајот капитулираше. Најнапред се професионализираше со странски фондови, доби елитистички ореол, и стана извор на добри примања за избраните, а сосема отуѓено од општеството на кое му проповеда за демократија, човекови права и борба против сиромаштија; стана, пандан и сијамски близнак на СДСМ. И тоа не е тајна. Во целосно партизираната држава (во текот на четврт век) и тоа си доби партиски предзнак, си одбра страна. Тоа најдобро ќе го видите при појава на каков било обид за независно, неконтролирано движење, партија или индивидуа – веднаш следува хајка за неутралци, релативизатори и манипуланти. Во манихејски поделеното општество, така не остана слободен простор за автохтоно, отворено и плурално цивилно општество. ФООМ е еманација на приватизирана политичка акција, која се поврзува само за Доброто, т.е. за она што таму се смета за пожелно и либерално. Сè останато е демонизирано.

Најнесериозниот дел од критиките на Сорос и неговите филијали е дека поддржувале левичарски идеи, односно дека се јадро на некаква еврејско-нацистичка-комунистичка секта. Наводниот левичар (и уште полажен филантроп) е всушност икона на либералниот интервенционизам, човек кој верува во наметнување на демократија одозгора, или во промена на режим/и. Но, истовремено се залага за непроменливост на економскиот поредок кој создава супербогати и сиромашни. Во интервју, за себе ќе изјави: јас сум тука да правам пари, и да не се грижам за социјалните последици од мојот бизнис. Тој нескриено зборува за својата аморална и морална страна, за бескрупулозниот капиталист и за човекот кој сака да им помогне на нејаките. Одговорот на дилемата дали победува мистер Џекил или доктор Хајд, лежи во општата слика на неолибералниот поредок, во кој капиталот ја победи демократијата и којшто доведе до целосно разочарување на граѓаните. Можеби малите локални „сороси“ можеа поинаку и помудро да ја реализираат мисијата на изградба на отворено општество, но сепак нивното конкретно дејствување може да се припише на специфичните околности, конкретните личности и политичките елити. Но, глобалниот Сорос е загрижен само за финансиската криза (освен ако од неа не успее да профитира), како и од уривањето на идејата за непостоење друга алтернатива (TINA – There Is No Alternative). На Груевски не му е важна ФООМ, колку што му се важни политичките непријатели преслечени во НВО активисти. А што се однесува до казино-капитализмот, тој има сосема пријателски односи со секој богат шпекулант, без оглед дали се вика Џорџ Сорос, Субрата Рој или Карлос Слим. Проблемот настанува тогаш кога тој е во фокусот на операција за смената на режимот, поради тврдоглавост или некооперативност, сеедно.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: Џорџ Сорос (Joshua Roberts/Bloomberg/Getty Images)