Докторат по глава на жител

Познат виц оди вака некако: во турканица во градски автобус еден патник случајно нагазува друг и му вели: „Извинете, докторе!“ Овој збунет прашува: „А од каде знаете дека сум доктор на науки?“ Одговорот гласи: „Бидејќи секој втор во Македонија е доктор на науки, а јас тоа не сум, тогаш сигурно сте вие.“ Можеби вицот се однесуваше на секој втор магистер, но секој ден во секој поглед сè повеќе и повеќе напредуваме. Работата е далеку од тоа дека е смешна – трагична е! Комерцијализацијата на високото образование доведе до натпревар помеѓу универзитетите, ама не во научни достигања, туку во запишување што поголем број кандидати за некоја титула. Кажано без ракавици: студентите се извор на дополнителен приход, што за професорите, што за покривање на материјалните потреби на факултетите кои мака мачат со буџетските средства. Хиперинфлацијата на универзитети ја поткрепи надежта дека со тоа парче хартија може да се стане професор. Напливот на докторанди беше особено интензивен пред воведувањето докторски студии (студии на трет циклус); се примаше сè речиси без селекција, со оправдување: да им дадеме шанса на заинтересираните, па ќе видиме дали ќе докторираат. Малкумина ќе можат да си го дозволат луксузот да докторираат (односно платат речиси 5000 евра). Докторските студии и натаму носат студенти, ама не секогаш најдобрите, ама редовно побогатите. Додека „стасуваат“ првите доктори „по ново“, оние другите го бркаат крајниот рок „по старо“. За магистерските студии не зборувам, бидејќи се сведоа на ниво на некогашните факултетски дипломи. Штом една секси студиска програма престане да биде доходовна, веднаш се заменува со поатрактивна, без оглед на општествените потреби – и така во бескрај. Пазарот на трудот ниту ги валоризира дипломите/кандидатите, ниту пак може реално да направи разлика во квалитет при толкава инфлација. Постои недостаток на стручна работна сила, а научна имаме за извоз! Апсурдот е во тоа што сето ова се случува во земја во која всушност никој и не се грижи за наука и иновации, ниту вложува во тоа. Најдобрите заминуваат во странство најчесто веднаш по дипломирањето (веќе гледаат што може да им се понуди овде каде сите сè „знаат“).

Сè уште ми одѕвонува брилијантна колумна „Злосторот образование“ на колегата Венко. Иако само една од низата негови текстови за образованието, оваа ја доживеав многу силно поради искреното признавање на соучесништвото во злосторот. На социјалните мрежи се придружив со сопствено признание, но тоа не е доволно. Да кажам нешто за „последната алка“ во системот, за професорите. Да се биде професор е згодна работа, сè додека не ти стане вокација, животна определба. Тогаш станува фрустрирачка, бидејќи е болно да гледаш како студентите стануваат клиенти, а не колеги кои треба да нè надминат по знаењето и да бидат носители на прогресот и/или критичката мисла. Некои меѓу нас се задоволни со општествениот углед (ако не и почит), слободата без одговорност, ретката или непостоечка контрола врз реализацијата на работните задачи (редовно држење часови, совесно оценување, итн.); ако не си строг, и ако им се додворуваш на клиентите за да бидат задоволни, тие ќе те обожуваат, одбираат за ментор (или член на комисија). Една тезга овде, друга онде, можеш убаво да проживееш до пензија. На универзитетот има шампиони за Гинисовата книга на рекорди по број на кандидати. И сите се среќни: и кандидатите, и тетките и стрините кои дотерани ќе дојдат на јавната одбрана, и професорите, и факултетите. Без бранување, без барање „влакно во јајце“, работата (може да) врви мазно. Феноменот на мали фирми водени од снаодливи луѓе (веројатно со дипломи), кои за одреден надоместок пишуваат сè по нарачка: од семинарски и дипломски, па до докторски тези, е одамна јавна тајна! Речиси е невозможно да докажеш дека кандидатот го купил трудот „на кило“, особено ако го научи наизуст. Па дури и ако не го одбрани она што (наводно самостојно) го напишал, не е позната практика на „паѓање“ на јавна одбрана! Позитивната рецензија е веќе потпишана и објавена, а како кандидатот ќе го презентира трудот и одговори на прашањата е непознаница, сè додека не стане предоцна. Оние кои не читаат „дијагонално“ туку совесно, па и меѓу редови, најчесто се борат со масовниот плагијаризам (софтверот на МОН не вреди ништо; јас самата многу поефикасно откривам преписи од странски извори). Впрочем, оваа појава не е резервирана само за студентите, бидејќи и професорите кои објавуваат до Табановце се препишувачи – можеби затоа не објавуваат надвор. И ова е јавна тајна, ама никој не настрадал за ваквиот злостор, затоа што сме фини, се озборуваме зад грб, ама никој не сака јавно да бранува, бидејќи ќе биде острахиран наместо почитуван. Студентите имаат од кого да учат и лоши работи.

Ако некој се осмели да го прекрши светото правило „клиентот е секогаш во право“, па почне да ја кочи рутината на мазно штанцање дипломи, наоѓа недостатоци во тезите или пишува негативни рецензии, ризикува две нешта. Прво, колегите да го гледаат како баба Рога и да почнат да го избегнуваат при формирање комисии (за нивните кандидати). Ќе добие етикета на незгоден, конфликтен и некооперативен, па сè поретко ќе биде ангажиран дури и на теми од неговата област. Второ, незадоволните кандидати ќе ги искористат сите правни и неправни механизми да се заштитат од наводното неетичко и неакадемско однесување: негативната рецензија е синоним за кршење на нивното право да докторираат по автоматизам! Ќе се обратат до сите можни институции со обвиненија (клевети) за „кршење на слободата на изразување, дискриминација по основа на образование и непедагошко однесување“. Работата е дојдена дотаму што неговото височество кандидат почнува да си замислува дека има право и да ги оспорува научните квалификации на професорот, па бара негово изземање пред наставничкиот совет, инспекторати, омбудсманот, итн. Мотото „професорката ме мрази“ веќе не е шега, бидејќи институциите вредно постапуваат. Неретко сум пишувала негативни рецензии (еден од најголемите „бисери“ во ризницата на глупости кои сум одбила да ги потпишам беше докторат со генијална реченица: „Скопје е главен град на РМ.“) Тие луѓе се сега доктори на науки. Звучи како анегдота, ама кандидат кој доби негативна рецензија ми подметна фалсификувана даночна пријава (требаше да платам данок од 3000 евра; по долга правна постапка случајот се расчисти.) Моментално сум обвинета за психичка тортура од кандидат (полицаец) затоа што не потпишав извештај за теза од 160 страници „научна дескрипција“. Што ли следува? Да барам адвокат или телохранител? Дали е поедноставно да потпишувам сè за општа среќа, или е попаметно да се откажам од докторските студии? Или треба да останам на „фронтот“ во одбрана на квалитетот на научно-истражувачката работа, како пример за помладите колеги, без оглед на цената која ќе ја платам? (Иако, додека ја чувам браната на едно место, буицата тече на друго!) Прашањата се реторички: останувам, макар и сосема сама. Не смеам да бидам нефер: не е сè лошо, покрај сувото гори и сировото. Има совесни и брилијантни и на страната на професорите и на кандидатите. Злосторот е и кон нив: како ќе се диференцира оној со „Скопје е главен град“ од оние кои создале вреден труд? Тоа прашање најмногу ме вознемирува.

Напишано за Нова Македонија