Македонскиот Гаврило Принцип

Велат, детската уста е најумна! Детето ги чувствува вибрациите на контекстот во кој живее, размислува чисто и наивно, а сепак на начин на кој тоа не го умеат возрасните (поради вкоренети стереотипи, испрани мозоци или политичка коректност). За граѓанска војна не се зборува од 11 декември или од неодамна, како што сакаше во ТВ дебата да каже една професорка од Земјоделскиот факултет. Вистината е дека деца ни растат со приказни за (граѓански) војни повеќе одошто со приказни за баба Рога. Некои генерации се сеќаваат на распадот на СФРЈ и на 1999, потоа ја посведочија војната од 2001, која иако мала, остави неизбришливи траги во нивното формирање. Во 2012 година, додека во светот се ширеше еуфорија за Арапската пролет, кај нас опозицијата (сè уште невооружена со „бомби“ и прилично импотентна) му се закануваше на Николае и порачуваше дека ќе му се случи Тунис, Египет, и сл. Последниве две години децата гледаа една фејк (лажна) револуција, која разлеваше црвена боја да асоцира на пролеана крв, создавајќи претстава за виктимизација од „режимот“ на Груевски (сосема наменски „заборавајќи“ го режимот на Ахмети во истата владина структура). Децата ги прашуваа родителите: А зошто овие луѓе фрлаат боја, ги валкаат плочките на плоштадот, и уриваат споменици со шипки? Нели е тоа забрането, мамо? Нели треба да си го чуваме она што е наше заедничко, тато? Секој родител беше во замка: како да му објасни на своето дете дека дома, на училиште или на јавно место не смее да уништува, дури ни цвеќе да скине или улична светилка со топка да скрши, а дека постои нешто што се вика право на мирни протести на кои може секојдневно да се оштетува јавен имот, а сето тоа да не биде продавање двојни стандарди или лицемерие! Се разбира, за дел од родителите, беше лесно да се даде одговор дека протестираат вандали и насилници. Понатаму, откако почнаа наменски да се шири русофобија и приказната за „линијата на фронтот помеѓу Западот и Истокот“ многу (не)одговорни луѓе јавно зборуваа дека ако Македонија случајно одлучи да ги напушти плановите за зачленување во НАТО, тоа ќе значи внатрешна војна, бидејќи Албанците мораат да бидат во НАТО, или… ! Да биде уште поинтересно, вакви пораки се упатуваа ако стаса официјално соопштение од руската амбасада или МНР (на пример, за терористичката акција во Диво насеље), или ако случајно некој политичар се слика со рускиот амбасадор, иако американскиот и европскиот ја кројат и внатрешната политика во Пржино. Пред некое време еден професор Албанец експлицитно кажа дека за Македонија се можни само три сценарија: прво, влада меѓу СДСМ и ДУИ и останување на курсот на евро-атлантските интеграции, второ, украинско сценарио, и трето – сириско сценарио.

Така, не е чудно што децата ни растат со стравови, стравови и само стравови… Затоа што и возрасните се згрчени и исплашени од сето она што секојдневно го порачуваат политичарите: од јакобински мерки за нормализација (какви што заговара Фрчкоски), до кама и револвер во пораките на Тврдокорните, или ултиматум – или редефинирање на уставниот поредок или етнички конфликт. (Случајно, додека ја пишувам колумната, за момент излегов надвор. Сосетката, наместо добро утро ме прашува: „Леле, Биле, што ќе се случува? Опасна е ситуацијата!“ Се обидов да ја смирам, велејќи ѝ да не се грижи, дека сето ова се само воени игри на неодговорни политичари. Не знам колку успеав, бидејќи – искрено – и самата веќе не сум сигурна во она што го говорам.) Но, да се вратам на децата, т.е. на едно омилено брилијантно момченце, кое штом отвори уста кажува нешто што ќе те натера да размислиш. Уште кога ескалираше кризата, шестгодишново дете констатираше дека политичарите намерно го тераат народот да се мрази за тие да се збогатат и да нè осиромашат нас, така што ќе ја ограбат земјата. Сега има најнов бисер. Деновиве, во разговор со мајка му вели: „Мислам дека еден човек треба да се жртвува за да нема војна и да си ја спасиме Македонија. Нека ги убие Груевски, Заев и Ахмети и така сите ќе се спасиме.“ Мајка му му објаснува дека е тоа убиство, дека сторителот ќе оди во затвор. Но, малиот македонски Гаврило Принцип вели: „Па, подобро е еден сè да реши одошто мнозина да страдаат. А после ќе му изградиме споменик за да му се оддолжиме!“ Ова ме потсети на одговорот на Коста Чавошки од пред 20-тина години на прашањето: колкумина Срби се потребни за да се урне Милошевиќ; неговиот одговор беше: само еден, со бистро око и мирна рака. Поентата, се разбира, не е физичката елиминација на партиските лидери, туку во тоа што едно дете нема дилеми за тоа кои луѓе се најодговорни за состојбата на страв и неизвесност. Тој недвосмислено ги посочува виновниците, за разлика од партиски и етнички поделената јавност, која секогаш издвојува еден, а амнестира друг. Така, можната влада на СДСМ и ДУИ значи дека наводните демократи не само што преговараат за етничка агенда, туку се подготвени да го амнестираат ДУИ за соучесништвото во криминалот од изминатите десет години. Ова доаѓа, откако претходно во 2011 година, ДПМНЕ ги амнестираше челниците на ДУИ од воени злосторства. Целите на протестите се сосема заборавени или барем релативизирани (после велат, јас сум била релативизатор!): Груевски и компанија треба да одговараат за криминалот, ама не и челниците на ДУИ. Нели паролата беше „нема правда, нема мир!“? Сега, правдата е селективна, а богами и мирот не е баш мир ако буди вознемир.

Мојот Гаврило е премал за да сфати дека лидерите се само врвот на сантата, индикатори на една структура и контекст кој ги направил лидери. Детски, тој посегнува по едноставно решение, но ние возрасните треба да знаеме дека овие неодговорни и амнестирани луѓе не би биле тоа што се, доколку не ги поддржува медиумска пропаганда, сомнителни пари (од дома и од надвор) и гласачи во кои е индуцирана омраза и страв против ривалите. (Видете го само ставот за јазичен фашизам кој онака во момент на „инспирација“ го исфрли Чомовски – и остана жив!) И така, цели 25 години! Каде е решението никој не знае, бидејќи не постојат структури со авторитет, углед и морал да покренат радикална трансформација. Не знам што ќе стане со саканиот Гаврило, но не посакувам да биде маченик и бесмислена жртва на неумно општество кое одлучило да се самоуништи. Задача на оние кои останаа ментално здрави е да расудуваат со своја глава, да не потклекнуваат пред стравови или наметнато чувство на вина кога национализмот го нарекуваат национализам, а криминалот – криминал, без оглед кој го сторил. Додека се раѓаат мали Гаврили, парламентот е киднапиран. Дури и активистите и наводните непартиски членови оставаат закони да се детализираат тајно, во партиски штабови, без јавна и експертска дебата. Им го одземаат правото на слободен пратенички мандат, на глас и на совест, и молчат. Еден професор изјави дека егзистенцијалните проблеми не биле најважни, бидејќи ако треба и корка сува леб ќе се јаде, ама прашањето на јазикот мора да се реши, бидејќи е ова историски миг Македонија да стане Белгија! Во моментов, топката е во нивниот двор, и одговорноста ќе биде нивна за сè што ќе се случува во иднина.

Напишано за Нова Македонија