Мојата платформа

Албанската Платформа е сè уште на преговарачка маса: „сè или ништо (од власта и бизнисот)“ е најсилниот адут на фактичкиот мандатар, ДУИ. Тоа што барањата ги надминуваат не само рамките на Уставот, туку и разумот, очигледно не е проблем за оние на кои им е најважно да влезат во влада. Од 2001 година, Македонија е втемелена како заедница на етнички заедници, или во најдобар случај на сојуз на повеќе демоси (demoi). Во стварноста, за жал, таа се редуцира на бинационална држава, а ниту еден сегмент нема развиен демос. Уставот е националистички, т.е. индуцира национализам и поделби, па секое очекување во неговите рамки да се создаде социјална, инклузивна, демократска, и првенствено, граѓанска заедница е илузорна. Додека се преговара за албанската Платформа, дебатата којашто ги зафати медиумите и интелектуалната јавност наметнува теза дека е таа легитимна, па и демократска (значи, прифатлива). На самото споменување на т.н. Македонска платформа (што би било нормално во консоцијација), „космополитите“ вреснаа како попарени: на нероден Петко, не само што (не) му скроија капа, туку и побрзаа главата да му ја скинат. Според таа интерпретација, албанскиот национализам е легитимен и оправдан бидејќи барал цивилизациски права, додека македонскиот е по дефиниција е удбашки, крволочен и деструктивен. Завиени во квази-граѓанско руво фактички му се додворуваат на првиот (наводно бенигнен) етнонационализам, со цел да се формира влада по секоја цена, дури и ако е мртвородена, па и по цена на Македонија. По принципот на акција-реакција, никој не може да глуми изненаденост од засилената националистичка реторика кај македонските (партиски) гласноговорници. Ако на ова се придодаде и џиновскиот чекор од сто години наназад на Европскиот парламент, кој препозна „бугарско малцинство“ во Албанија, каде во ниту еден попис немало Бугари, тогаш ситуацијата станува уште подраматична. Благодарение на неговите елити, ама и од историски причини, македонскиот национализам е најслаб, а најуспешно е критикуван однатре, што не може да се каже за албанскиот. Но, сега и кај оној што е најимун (или алергичен) на национализам, се поставуваат прашања: Кој/а сум јас? Дали сум криптонационалист што ова ме боли? Кои сме ние? Дали сме или треба да бидеме Македонци, само под услов да се мразиме себе си, да се посипуваме со пепел за сите сторени и несторени зла, да молчиме за сопствените трауми, а да имаме емпатија, амнезија и амнестија за туѓите? Дали сме последните Мохиканци-космополити во свет во кој неофашизмот избива на површина и во ЕУ? Дали сме ние натепани деца на кои им се забранува да плачат, додека нивните сограѓани уживаат во својата самовиктимизација и се ослободени од секакво чувство на одговорност кон Другиот? Дали мојот/нашиот идентитет влегува во познатата формула за базичните човечки потреби? Дали е (македонски) национализам ако на албанскиот националист му кажеш в очи, особено пред камери, дека е националист? Дали е прифатливо (од позиција на ТВ водител или соговорник) да му климаш со глава на албански интелектуалец кога вели дека немакедонското население сочинува преку 45 отсто? Дали си граѓански интелектуалец ако селективно оценуваш или осудуваш само еден национализам? Дали е воопшто можно граѓански интелектуалец да верува во етничка конфедерација како највисок стадиум на демократија? Можно е, ама тогаш не е граѓански ориентиран, ниту е интелектуалец. Жално е што во една ваква ситуација подобар Македонец од сите нас е Јоргос Пападакис, и тоа што наместо да реагира МНР, само ЕФА, Обединетата Македонска Дијаспора и ОМО Илинден Пирин зборуваат на цивилизиран, ама резолутен начин дека никој нема право да ја дели Македонија или Македонците да ги множи со нула.

Свесна дека на националистите граѓанскиот принцип им се чини како врв на национализам, а и дека отворам табу тема, сепак ја зацртувам скицата за – според мене – единствено можната, иако тешко остварлива Македонија:

– Попис на населението е императив, особено што многу барања се потпираат токму на бројките! А таа статистичка операција која ќе покаже „колку сме и дали сме токму“ (да го парафразирам поетот). Резултатите ќе бидат единственото огледало на кое можеме да му веруваме, и врз чија проценка за вкупните ресурси може да се воспостави политика на одржлив економски и социјален развој. Пописот ќе покаже колкумина останавме во опустошена Македонија и кого претставуваат етничките и партиските вождови;

– Нов граѓански Устав, повелба на „Ние, граѓаните“ (We, the People!), а не на „Ние, деловите на народи“! Граѓанинот е центар на политичкиот живот, пред кого одговара јавната власт. Македонската нација е целина на сите граѓани и заедници, и почива на заеднички интереси, почитувајќи ги различностите. Напуштање на консоцијацискиот модел, кој го устоличи етничкото за сметка на граѓанското. Рамковниот договор послужи за постконфликтна нормализација, но натамошното инсистирање на неговите премиси води токму до она што се сакаше да се избегне во 2001 година. Македонија или ќе стане интегрирана граѓанска држава или ќе се распадне од етнички уцени, јавашлук, корупција, национални клучеви кои на функции носат лица без никакви други компетенции освен „вистинскиот“ ген и партиска книшка;

– Враќање на мултинационалноста како базична одредница на општеството од Крушевската република наваму! Итно подигнување на социјалната, политичката и економската положба на маргинализираните малцински заедници, кои се најголема колатерална жртва на бинационалниот поредок;

– Радикални законски реформи, со кои ќе се забрани организирање на етнички партии; воведување правичен изборен систем соодветен за политичко претставништво на различните групи, а кој ќе оневозможи ниту една партија да има гарантиран преференцијален статус во однос на помалите партии или независните листи и поединци; консолидација на институционалниот поредок, со укинување на сите паралелни институции, кои водат до конфликти, парализа и неефикасност во вршењето на јавните работи;

– Правна одговорност на сторителите на воени злосторства од 2001 година, извинување од Ахмети и водството на ОНА, кривична одговорност за корупцијата и злоупотребата на службената положба на сите носители на функции и ревизија на приватизацијата од 90-те;

– Македонскиот јазик е лингва франка, код на сеопшта комуникација, а не чин на мајоризација. Неговото изучување започнува од прво одделение, а образованието мора да интегрира наместо да сегрегира. Стимулирање на интересот за познавање на јазиците на етничките заедници, особено на локално ниво, без декрети, а со стимулации. Познавањето на јазиците е предност, а не хендикеп.

– Промената на името на државата е прашање за кое НЕ СМЕАТ да преговараат политичките претставници во име на граѓаните;

– Редефинирање на надворешната и безбедносната политика согласно добрите искуства на малите држави; добрососедска политика, демилитаризација и јакнење на дипломатските потенцијали.

Напишано за Нова Македонија