Заробен Устав

Чесно е веднаш да кажам дека не сум конституционалист (професор по уставно право), туку само професор кој речиси четврт век предава политички систем на Република Македонија. Ако во дебатата за Уставот и уставната криза секојдневно учествуваат луѓе со најразлични профили и нивоа на образование (од медицински браќа до економски аналитичари и бивши новинари), тогаш веројатно имам што да кажам на оваа тема. Претходно, морам да издвојам едно јавно предавање, она на професорката по уставно право, Гордана Силјановска: одекна силно, затоа што беше прецизно, концизно и аргументирано – ретко како бисер. За жал, ехото не траеше долго. Две вечери подоцна, во истото студио, на дебата за „заробената држава“ и владеењето на правото, се слушнаа аматерски толкувања за одлагање на локалните избори (?!) и се покажа тотално незнаење за тоа што е претседавач и претседател на Собрание. Малиот Ѓокица (Андреј) дури и извика: „Ааа, уште ако ги слушаме правниците!“ (Жално е кога новинарот водител е покомпетентен од гостите-експерти). Оттука, и оваа колумна е фрлена во ветер; тоа е нејзината предодредена судбина во општество кое ниту слуша, ниту памети, а најмалку учи од искуството.

Дебата за значењето на уставните норми среде длабока криза е како гоење прасе пред Нова година. Сето ова што го слушаме со недели е задоцнето, па дури и бесмислено! Од каде ваква конфузија и какофонија, и тоа за едно од најважните, фундаментални прашања за секоја држава? Корените се длабоки, проблемите петрифицирани, а секој застој во примената на словото и духот на Уставот досега надминувани на вонинституционален начин. Да почнеме со абецедата! Уставот е само друго име за општествениот договор врз кој се воспоставува една политичка заедница. Тој ги дефинира темелните вредности околу кои се обединуваат членовите на заедницата (граѓаните, а не партиите), а кои се водилка во развојот; го утврдува локусот на власта (граѓаните, велат сите демократски устави, иако кај нас тоа се сега заедниците); ги гарантира слободите и правата на човекот и граѓанинот; ги уредува односите меѓу институциите, и особено принципите на нивна меѓусебна контрола и контрола од јавноста. Но, неретко ќе слушнете како новинар/ка интервјуира некој од нашите „татковци основачи“ (founding fathers е синтагмата која ги означува пишувачите на американскиот Устав), и ќе го нарече „уставотворец“. Кај мене за тоа се „паѓа“ на испит. Ваквото ословување зборува не само за незнаењето на новинарот дека уставотворец, но и законодавец, не е оној кој се ангажира во пишување на предлог или нацрт на овие акти, туку институцијата која е единствено надлежна низ посебна процедури и дебата да ги формулира и донесе (Собранието). Тој е индикација за тенденцијата нештата да се врзуваат за личности и е персонализација на нешто што (треба да) е производ на широка политичка, стручна и институционална дебата. Не е чудно што сè се персонализира, наместо објективизира, и што владе Човекот, а не Законот. За волја на вистината, за Уставот од 1991 година едвај и да имаше услови за демократска и инклузивна дебата. Беше ургентно да се донесе устав, да се затвори процесот на осамостојување, да се потврди правото на самооопределување, и државата да се легитимира во меѓународни рамки. Во кулоарите на Правниот факултет сè уште оѕвонуваат арогантните и лекомислени зборови на младиот доцент дека пишувањето Устав е мачкина кашлица (piece of cake) и дека резултатот на неговиот труд е „бонбона“. Операцијата copy/paste, денес широко применувана од нашите студенти, беше употребена и тогаш: малку од овде, малку од онде, малку компромис околу ова и она, најголем дел вметнат од Европската конвенција за фундаменталните човекови права – и ете го Уставот! Драфтот напишан без удел на конституционалисти, прифатен од сите – освен од албанските пратеници – доби највисока оценка од Бадинтер (кој во 2001 и подоцна се пишманеше повеќепати). Тоа не беше доволно за да тогашната ЕЗ ја признае Македонија (поради грчкото вето), но до почетокот на 2001 тој беше предмет на фалби како либерален, граѓански устав. За само неколку месеци, Уставот стана casus belli: неговите решенија беа посочени како (оправдана?) причина за малата војна. „Уставотворците“ беа промовирани во „пишувачи на Рамковниот договор“ (и платени за тоа, иако беа само советници кои не можеа да менуваат ни точки и запирки, а не пак текстот на Договорот подготвен од Пол Вилијамс, авторот и на Дејтонскиот и на Кумановскиот договор). Повторно, ни уставна ни јавна дебата. Пратениците ги изгласаа амандманите речиси и без право на дискусија, бидејќи Дамокловиот меч на обновување на насилството и притисокот на „меѓународната заедница“ пресудија. Таквиот „килав“, веќе хибриден Устав, донесен под бизарни околности, го определи патот на слабата држава, којашто од избори до избори стануваше сè послаба, сè повеќе дело на непринципиелни етнички уцени, но не и подемократска. Секој застој беше отстрануван од странците, на најчудни можни места – од Маврово до Клубот на пратениците (звучи елегантно, но во основа е ресторан во кој се среќаваа лидерите на партиите). Да употребам орвелијански англицистички новоговор: државата стана предмет на засилен меѓународен ‘стејтбилдинг’, а граѓаните декларативни ‘стејкхолдери’ (акционери). Таа сега личи на сè, ама не на политичка заедница – најмалку демократска, најмалку таква која зависи од волјата на граѓаните.

Неодамна јавноста се вознемири од изјавата на еден американски сенатор дека Македонија не е држава (земја) и дека треба да се подели. Интересно, сите коишто се вознемируваат од небулозни изјави на албански лобисти од САД, се сосема спокојни кога државата се руинира однатре, кога за внатрешната и надворешната политика одлучуваат странци, а политичките претставници се послушни (и инфантилни) марионети, кои молчат затоа што се извалкани и корумпирани. Брисел ја дефинираше Македонија како „заробена држава“, односно киднапирана од корумпираните елити, кои ги држат граѓаните во заложништво и во клиентелистички статус. Колку и да е тоа точно, не смее да се игнорира фактот дека Македонија никогаш и не била слободна држава. Имаме лажни толкувачи на Уставот, кои не даваат збор да се каже против нивното „чедо“ – сите се виновни, освен тие што го (пре)пишувале во некоја викендичка; Уставниот суд се прогласува за ненадлежен за секое жешко прашање; Собранието го крши Уставот и вредностите запишани во него, давајќи автентично толкување (проширената амнестија за воени злосторства) со цел да се формира влада или за да се надмине криза. Никаде во светот нема да најдете законска категорија „четирите најголеми партии“, или прејудицирање на волјата на пратениците кога неколкумина одлучуваат за ‘самораспуштањето’ на парламентот. Овде заробен е Уставот, кој не е света повелба, туку паричка за поткусурување меѓу носителите на моќ (воена или политичка, внатрешна или надворешна). А без Устав (во материјална и формална смисла) нема ни политичка заедница! Некои бараат редефинирање на уставниот поредок (прво албанските партии со Платформата, па сега како реакција и барања од македонска страна за „враќање на одземеното“). Но, и на мало дете му е јасно дека отворањето на постапка за менување на Уставот е Пандорина кутија, бидејќи уставната криза е само благ израз за опасната и длабока општествена криза. Ако не се свестиме веднаш, за Македонија ќе важи theoria sine praxi – таа живее теоретски, бидејќи е практично невозможна.

Напишано за Нова Македонија