He is back!

Олеснувачот во Пржинските преговори и „ренесансниот“ експерт, Ванхојте во последното интервју поред заминување (пред точно една година), во стилот на Терминатор порача „I will be back!“. Тој навистина се врати со отворено заговарање на федерално уредување. За волја на вистината, тој никогаш вистински не ја напушти Македонија; дури и ако не се одзива на името Ванхојте, тој е само парадигма за меѓународните стејтбилдери кои дефилираа(т) со „лекови“ за болестите на уставниот систем кои самите го наметнаа во 2001. Овој пат Белгијанецот напиша текст во кој отворено се залага за претворање на Македонија во федерација. Според него, овој збор бил табу во Македонија, а во одбрана на ваквото уредување, тој наведува многу аргументи во насока на тезата дека луѓето повеќе ќе ја сакаат државата во која живеат ако е таа федерална, а федерациите биле „лек“ за автократски тенденции и централизирање на власта. Со оглед на тоа што Ванхојте веќе нема никаква активна функција, би можел да се игнорира да нема два проблеми. Прво, залагањето за воспоставување федерација токму во миг кога земјата е на коленици потресена од силната криза, создава сомнеж во неговата целокупна претходна мисија, што пак се надоврзува на тивката поддршка однадвор за таквите чекори, особено од 2004 година наваму. Второ, неговите тези можат да се читаат како многу отворено (без ракавици) артикулирање на јавниот дискурс, којшто на крајот на денот се сведува да тоа дали е ова вистински миг за воспоставување бинационална држава со озаконување на елементи типични за федерации (двојазични банкноти, униформи во армијата и војската, итн.). Тековните „црвено-жолти“ протести ја бранат унитарноста (за волја на вистината неретко невешто, па и контрапродуктивно, кога ќе се замеша црната боја на нечии кошули и униформи или кога реториката станува заканувачка и националистичка – линијата помеѓу Заедничка Македонија и Чиста Македонија се чини нејасна и тенка). По правило, оние од другиот табор им се подбиваат тврдејќи дека овие бранат нешто што не знаат да го дефинираат, па се прават недоветни не гледајќи федерални барања во албанската платформа. Тука се и оние кои во Платформата (која одеднаш стана Декларација, небаре тоа ја менува нејзината суштина), којашто е sine qua non за формирање влада, или не гледаат ништо лошо, или ако и гледаат, тогаш авторството му го припишуваат на перфидниот Груевски, кој така ја дефокусира јавноста за да се спаси од кривичен прогон (теза која дури и во МАНУ ја изнесе Ќулафкова!). Кога на ова ќе се додаде молкот од меѓународните фактори, кои редовно се алармираат од повампирување на балканскиот национализам (освен ако доаѓаат од земји-членки на ЕУ), тогаш е појасна јавната фрустрација и несигурност која владее кај мнозинството граѓани. На молкот на странците, го додаваме и молкот на активистите, интелектуалците (кои не сакаат да видат дека граѓанската агенда за која се бореа сега е киднапирана и претворена во етничка) – традиционално плашливи и политичко-коректни луѓе.

Чудно е како некои забораваат дека независна Македонија произлезе од федерација која умре во крв, токму поради авторитарноста и национализмот кој беше резервна карта за легитимација на корумпираните и неспособни републички елити. Луѓето се можеби неуки, ама не се ниту глупави, ниту имаат деменција: сеќавањата од агонијата на СФРЈ се премногу свежи. Уште посвежи се сеќавањата од конфликтот од 2001, во земја која не го отвори процесот на соочување со минатото и помирување; напротив, сите ги затворија очите пред неправдата нанесена на жртвите со чинот на амнестија на оние кои сега сакаат федерација без уставни промени („за да не се сетат Власите“, да употребам една изрека). Наметнатиот консоцијациски модел ги продлабочи делбите и воведе феудално владеење на племенски лидери, кои беа и останаа над правото и над моралот. Ванхојте не (сака да) знае дека во 2004 година се официјализираше своевидна „кантонизација“, по пат на широка децентрализација и со етничко прецртување на општинските граници. Оттогаш, зборот на „Ф“ не се споменува како јажето во куќата на обесениот, но е постојано присутна сенка над секое етничко пазарење: сите македонски партии се натпреваруваа во тоа колку ќе дадат за да формираат влада, по секоја цена. Помеѓу федерализација (како процес) и федерација постои голема разлика. За да дојде до второто, сите народи/групи треба да сакаат доброволно да се реконституираат, „од почеток“, ab ovo, односно да формираат нова федерална држава. Федерализацијата ја живееме и се преправаме дека не постои: и покрај поделбата на општините, училиштата, стопанските комори, итн. Сѐ помалку нешта ги поврзуваат Македонците и Албанците, а се воведуваат нови маркери на поделба. Досега, буквално секоја македонска партија прифаќаше сѐ што ќе им се испорачаше постизборно, а така очигледно ќе биде и во иднина. Додека се обидуваше со фотографии да покаже колкав е обемот на употреба на албанскиот јазик кој го прифатиле „лажните патриоти“, и обвинувајќи го ВМРО-ДПМНЕ за попустливост, Десковска го докажа обратното: ако е тоа вистина, тогаш чуму нови барања на албанските партнери? Каков е ставот на СДСМ по прашањето на двојазичноста, и по која цена ќе формираат влада? Бујар отворено порача: македонските партии нека имаат ум дека никогаш нема да направат влада без Албанците и без прифаќање на нивните барања. Ова веќе не е ни пат ситуација, туку шах-мат! Консоцијација (споделување на власта) постои и во унитарни држави и во федерации. Рамковниот договор е експлицитен: Македонија е унитарна држава. Но, тој стана само стартна позиција за бескрајно и асиметрично редефинирање на односите меѓу две заедници, без никаков обид за интегрирање и создавање македонски демос. Ова денес не е дебата за човекови, туку за колективни права, а преговорите меѓу СДСМ и албанските партии се сведоа на изнаоѓање начин како да се заобиколи Уставот.

Да го оставиме Ванхојте, кој живее во држава која бриселски весници ја нарекуваат „Југославија in slow motion“. Тој го омаловажува (нереалниот) страв од федерализација кај Македонците, а нуди федерација. (Белгија има богато историско искуство на пресликување на уредувањето од метрополата во колониите). Но, белгиските политиколози укажуваат на продлабочувањето на јазот меѓу двете јазички заедници и негативните ефекти врз држава и политиката. Ние сепак треба да мислиме за оваа држава: дали мала и сиромашна држава, обременета со внатрешни делби и без „лепак“ (дури ни крал, како во Белгија), може да поднесе мини-југословенско искуство, во вакво соседство, со непризнаен македонски идентитет? Дали можеме да замислиме две републички собранија и едно сојузно (заедно со сето останато што би следувало)? Дали ќе бидеме побогати ако издадеме нова двојазична валута? Прашањата се реторички… Нашата црвено-жолта линија (треба да) се вика демократија, владеење на правото, институционална кохезија и рационална и компетентна, а не етничка администрација, политичка и правна одговорност на сите (вклучително и на челниците на ДУИ), социјална правда, борба против сиромаштија…

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: Питер Ванхојте (Фросина Насковиќ/МИА)