Историска трагедија или фарса

Мнозина се склони на СФРЈ да гледаат како на лошо комуњарско минато, дури и како на „зандана за македонскиот народ“ (Албанците си имаат своја верзија). За помладите, таа е далечно минато кое нема врска со нивниот живот, но е дел од приказните на нивните родители. Деновиве не можам да се ослободам од асоцијацијата за последните денови пред крвавиот распад на земјата, која еднаш ми беше сакана татковина (и покрај тоа што беше недемократска, еднопартиска, со многу гревови и грешки). Но, моите сеќавања и емоции се сосема небитни за дадениот миг; она што ми се чини важно, а кое се пренебрегнува во сите анализи на редефинирањето на општествениот договор меѓу Македонците и Албанците од 2001 година, ако не и порано, е сличноста во уредувањето и причините за трагичниот исход. Имено, Југославија беше консоцијација (од федерален тип), Таа ги имаше конституционализирано сите елементи на теорискиот модел: влада на широка коалиција на сегментите/републиките, правична застапеност на припадниците на народите и народностите во сојузните органи (и војската), право на вето во Сојузното собрание, и територијална/функционална и културна автономија на сегментите/републиките. Не само што немаше политички плурализам (имаше еден сурогат наречен плурализам на самоуправни интереси), туку најважно од сѐ немаше демос, немаше граѓани, немаше лепило ниту југословенство. Власта не произлегуваше од граѓаните, туку од два колективитети: работничката класа и народите и народностите. Да ја направам долгата приказна, покуса и порелевантна за нас (иако никој не научил ништо од историјата), само ќе направам кроки на распадот на СФРЈ. Од почеток, постоеше длабока економска криза, која се заоструваше со странските задолжувања и отворањето на пазарот, т.е. изложување на влијанијата на неолиберализмот, со што југословенската економија не само што не можеше да се носи, туку и стана губитник. Неуспехот на властите да испорачаат јавни добра ги отвори ширум портите на национализмот (кој веќе си тлееше од Словенија до Србија и Косово): виновни беа соседите! Се јавија барања за воведување на својот јазик во командувањето во ЈНА, служење на воен рок во својата република, сè до нелегален увоз на оружје. Уставната криза и институционалната парализа беа сапунска серија, која е тешко накусо да се раскаже. Колку што растеше бројот на толкувачи на уставот, толку опаѓаше почитувањето на уставноста и законитоста. Уставниот суд на СФРЈ беше фрлен на буниште. Како кула од карти се распаѓаа институции, дури и оние кои се чинеа бедем на југословенството; политичарите се гледаа преку нишан, а уставните правни празнини беа покана за неуставно однесување. Во јавниот простор се отворија стари приказни, се бараше ревизија на историјата, а некрофилите броеја коски на одамна мртви луѓе, за да утврдат кој бил жртва, а кој геноциден народ. Не помалку важно е и тоа што Југославија се распадна кога веќе не беше потребна во меѓународниот контекст, стана поле на слободен упад на странски геополитички интереси и апетити.

Нашиот галиматијас неодоливо ме потсетува на тие години. Уставно Македонија не е федерација, но не е ни унитарна држава ако се суди според фактичките решенија и правните акробации од 2001 наваму со „креативни толкувања“ (вклучително и амнестија на воени злосторства). Унитарноста беше шареното шеќерче кое им беше понудено на Македонците во 2001 година, за полесно да го проголтаат Рамковниот договор и уставните амандмани (за кои немаше ни дебата, ни преговори, ни менување точка или запирка – бидејќи беа услов за мир, инаку ќе следуваше војна). Македонците се фатиле за унитарноста како давеник за сламка, а не сфаќаат дека бродот одамна потонал, а и сламката веќе не може да ги одржи. Пред десет години напишав дека Македонија е федерација, ама нема кој да ѝ каже. Оригиналниот модел на споделување на власта наметнат од меѓународните стејтбилдери не беше ни теориски одржлив, ниту практично применлив – освен како бинационална држава, во која сегрегацијата и натаму цвета. За 16 години земјата стана прчија на две племиња, чии вождови умешно се договараа кога беа во прашање лукративните интереси и поддршката од странците. Но, национализмот не го испуштија од рака секогаш кога требаше да добијат гласови. Сега и за странците сме само геополитичко прашање и нè дисциплинираат со русофобија на дневна основа.

Заев излезе со некаква владина програма (без договорена влада или коалиција), што се покажа дека е „сметка без крчмар“ (ова му е трето истрчување од 11.12). Обраќањето требаше да биде јавно даден збор дека не ја прифаќа Албанска платформа, дека нуди рака на помирување како „премиер на сите граѓани“, дека ќе има национални отстапки, ама не и такви кои ќе ја загрозат унитарноста, дека ќе тече мед и млеко (500 евра просечна плата!). Но, тоа е задоцнето за човек кој ја отвори Пандорината кутија и не знаеше да ја затвори – дури и надежта му побегна. Не донесе смирување. Половина час подоцна ДУИ ја отфрли програмата, повикувајќи се на „свои уставни експерти“ кои тврдат дека не е противуставно ако армијата, полицијата, граничните премини и банкнотите имаат двојазични ознаки! Меџити беше најјасен: Албанците се вториот народ, и тука нема попуштање! Џафери претходно додаде: не ме навредувајте дека сум македонски Албанец, јас сум Албанец од Македонија (роден тука поради историската неправда од 1912). Политичката метеорологија прогнозира дожд. ДПМНЕ и ДУИ не работеа на тоа, уште помалку СДСМ и Шарените успеаја да обединат околу граѓански концепт (освен пропагандистичко врзување две државни знамиња). Сега се преговара за слаба влада (од едвај 60-тина пратеници) по преголема цена и висок ризик. Може колку сака да зборува за заблуден или примитивен народ на улиците, но и тоа е народот на кого сака да му биде премиер. Фрустрациите се потиснуваат долго време, ама не до бескрај. Македонците се меки и неодлучни (соочени дури и со дилема: дали сме ние воопшто државотворен народ, како што нè квалификуваа во СФРЈ?). Лидерите прагматични и лакоми за власт. Но, сè повеќе луѓе велат: доста е! И во консоцијација се преговара и не се прифаќа секоја уцена со скриена закана (од Албанците зависи опстанокот на Македонија). Редно е и македонските партии да одиграат етнички натпревар, ако веќе никој не е подготвен за граѓански: не смеат (како во 2004 година) да изгубат со службен резултат „3:0“ зошто не истрчале на терен, ги притиснале амбасадорите, а тие желни за власт. Во Македонија нема „лепак“, за жал! Граѓаните беа протерани од уставот во 2001 година, па така наместо за демос зборуваме за нонсенс – демои. Ако веќе Албанците не ја осудуваат Платформата, најмалку 65% (па дури и другите 10%) ќе немаат алтернатива освен да кажат „ние сме Македонци“ (во етничка и национална смисла). Ермира и компанија се фали со матична држава. Македонците немаат таква, и тоа е она што ги притиска до ѕид, позиција во која немаат многу алтернативи. Оваа битка е и за македонштината (збор кој е овде табу, а кој така питомо го користат нашинците од соседството, каде се непризнаено малцинство во битка за елементарни права).

Напишано за Нова Македонија