Народи, протести и двојни стандарди

Мајка ми (85 години), едвај стои на нозе, а ме прашува: кога ќе ме носиш на протестите? Буквално, дел од работничката класа (како и татко ми), израсната во дом за сираци, секогаш била социјално освестена и чесна. Долго време гласаше за Бранко, додека не се разочара. Сега има внатрешен порив да излезе, иако никогаш не гласала за ВМРО-ДПМНЕ. До скоро одевме на Првомајски протести, но сега сака на мирен начин да покаже дека е загрижена и дека се плаши од распад на Македонија. Ја убедувам да се чува, ѝ велам дека низ протести ништо нема да се реши, а политичарите се тие кои мораат да покажат одговорност. Но, таа вели дека токму тие се магариња на мост, а дека мостот попушта под нивната тврдоглавост и лакомост за власт. Додека ја смирувам дека нема опасност од граѓанска војна, читаме дека Билт прогнозира дека како Сараево во 1914, сега искрата ќе се појави токму во Скопје; Јункер пак го „плаши“ Трамп дека ЕУ ќе се распадне, а тогаш примитивните Балканци ќе го запалат светот. Кој кого овде застрашува? Која сум јас да тврдам дека нема потенцијал за сериозен конфликт?

Повод за мојата колумна „Протестите како слепа улица“ (март 2014) беше бранот масовни протести во светот (Окупирај го Волстрит, Евромајдан, Арапската пролет, итн.). Ме обвинија дека обесхрабрувам прогресивни граѓански движења и промени одоздола. Мојот аргумент, идентичен со оној на Жарко Пуховски, укажуваше на парадоксот на судирот меѓу „народот и пукот“, меѓу граѓаните и оние кои на легален и легитимен начин избрале власт, која не им е по волја на првите. (Нешто слично неодамна се случи во Романија). Протесните движења се мода, но уште поважно – симптом за фаталната криза на претставничката демократија, за крахот на социјалната држава, и за бескрупулозната моќ и воинственост на корпоративниот капитализам; на светската периферија е уште полошо. Наскоро, се намножија движења и овде: Аман, студентски протести, Протестирам, Граѓаните за Македонија, што наскоро заврши како т.н. Шарена револуција. Ова не само што не беше револуција (беше во одбрана на сите принципи на неолиберализмот, против кој се протестира во напредните демократии), туку не беше ни (толку) шарена: импотентната опозиција почувствува свежа крв и го киднапираше движењето! Она малку автентично исчезна во енџиоизацијата и партизацијата, со помош на меѓународниот фактор (regime change/смена на режимот е феномен близок до либералниот интервенционизам кога како пречка ќе се појави тврдоглав автократ). Опозицијата ја заборави граѓанската агенда, уште во предизборието, кога понуди етнизирано мени за албанскиот електорат (со што се компензираше неуспехот кај неопределените). ВМРО-ДПМНЕ одигра како борговска машинерија. Остатокот од приказната го знаете… Двете македонски партии беа и се подготвени да преговараат за предлог за редефинирање на уставниот поредок на кој му кумувал оној Питер Фејт кого го паметиме од 2001 (како што потсети Артан Груби).

Сега сме чардак ни на небо, ни на земја, со институции во кома, што буди морничави сеќавања на распадот на СФРЈ. Албанската платформа ја запали „чергата“, и отвори лицитација (кој ќе даде повеќе, ДПМНЕ или СДСМ). Не знам дали ЕУ е тотално неспособна или неволна да го види „слонот во собата“ (албанскиот национализам), па одигрува улога како во 90-те. Ни трага од рано предупредување и превенција на конфликт, ама затоа додава масло на огнот зборувајќи за геополитика (Русите доаѓаат!). Зарем е чудно тогаш што толкава маса пристојни луѓе реагира инстинктивно и емотивно? Несомнено, ДПМНЕ ги помага овие протести, како и СДСМ шарените. Многу малку спонтаност има во зачнување протест (дури и кај студентските), но нештата набргу добиваат своја динамика. Пропагандната машина работи турбо: едните допираат каде што Македонците се најчувствителни и најнесигурни (идентитет, името, интегритетот), а другите ги демонизираат сите кои сега го користат правото на мирен протест нарекувајќи ги поддржувачи на криминал. Какви двојни стандарди! Едните беа добри дечки, другиве се примитивци; едните беа убави и млади, другите се грди, стари и небањати; учени наспроти прости, забати наспроти штрбави. И медиумската претстава е соодветна на овој црно-бел имиџ, иако не одговара на вистината. Засега на симболично ниво, „народ против пук“ се претвора во народ против народ, пук против пук, Македонци против Албанци. „Шарените“ станаа бранители токму она што сакаа да го надминат, на етнизирана политика. Страдаат од амнезија, па им се радуваат на твитовите на Хан иако пред една година тврдеа дека е корумпиран. Тие се образовани во странство, посетувале семинари за демократија и ептен се навежбани за ТВ дебати! Ликот на другите демонстранти, кои им буди гадење. Тоа е шутрачкиот, обичен народ, кој е заведен и изманипулиран. Очаен опозиционер се пожали дека наместо епистемократија на улиците имало медиокритети. Небаре општествените движења се полни со епистемократи и елитисти! Затоа и не успеваат. На улица сега е можеби неелитниот дел на општеството, ама затоа е автентичниот, со сите недостатоци, стравови, стереотипи и потиснати фрустрации собрани во 26 години. Да го парафразирам Селимовиќ, тие се мали луѓе кои заборавиле дека се мали. Ги навредуваат шарените елитисти затоа што се осмелуваат да мислат и да чувствуваат. Истите кои до лани зборуваа за правото на протест, сега им порачуваат на овие „мали луѓе“ (како што ги нарече режисерот А. Станковиќ) да седат дома и да им веруваат на уставните експерти на Заев. А Заев, како и Хан и Могерини, никако не сакаат да ги кажат волшебните зборови со кои ќе ја дефузираат оваа насобрана енергија.

Македонија е пред Хамлетијански избор. Кој тоа не го разбира, или ништо не разбрал или лаже! И не само Македонија, туку македонштината (како што ми рече Европеец со македонско потекло; нему му е дозволено да го употреби тој збор, ама ако јас го проговорам ќе ме етикетираат како националист). Потребно е смирување на страстите. Албанците мораат да извршат притисок врз партиите за кои гласале, да ја повлечат Платформата, бидејќи ако Македонците попуштија и во 2001 и во 2004, сега тие треба да се повлечат. Деблокадата на институциите е нужна, како и локалните избори. Да беа мудри ќе разговараа за експертска влада, или барем за нови избори на кои платформата ќе стане дел на изборна програма. Во моментов од оние 67 пратеници зависи дали ќе станеме ВМРО (без ДПМНЕ). ЕУ не смее да биде ној, и ако не упати силен сигнал до соседите да не се мешаат во внатрешните работи ќе биде директно одговорна за сѐ што ќе следува. Криминалот е работа на правната држава, но не е изговор за етничката Платформа која задира во уставниот поредок. Не е време за етничко профитирање и подметнување кукавички јајца, кои не носат соживот, ами раздор и параноја. Ако и се дебатира за нив, тоа се прави во мирна атмосфера, отворено и во инклузивен процес, кој ќе потрае и ќе се води врз основа на заемно разбирање и емпатија, а не во партиски штабови и од политичари кои и родена мајка би продале за три дена власт.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: Sean D Brown виа Pexels