Сите прашања заслужуваат одговор

Груевски ниту е маченик, ниту народен херој, затоа што сега се нуди да биде фрлен в темни зандани само за да ја спасел Македонија. И за Иванов немам подобро мислење: и тој, небаре „заспана убавица“ се разбуди токму во моментот кога Заев поднесе доказ за парламентарно мнозинство. Ни Заев не е херој, кога од антирежимска позиција спадна да преговара за етничка агенда. Платформата стаса на 7 јануари, па колку е Тиранска, толку е и Божиќна: односно, за Иванов и ДПМНЕ е Тиранска (кисело е грозјето), за Заев е Божиќен дар со чие прифаќање може да формира влада. И челниците на ДУИ се како паднати од Марс (или мислат дека ние сме Марсовци): уверуваат дека таа била формулирна во Скопје, дека нејзините постулати биле присутни во изборната кампања (која мнозинството не ја разбрало), но и во нивните партиски програми. Чудно, ама најмногу им верувам на албанските елити дека Платформата е нивно чедо, нешто во стилот I have a dream. Веројатно е дека Еди Рама поентирал двојно со тоа што лидерите ја потпишаа токму во неговиот кабинет: прво, човекот е во изборна кампања (како што, со длабоко разбирање кон колега, укажа Заев) и му е потребно да се прикаже како Татко на албанската нација; второ, и албанските лидери се како рогови во вреќа (во докажувањето кој е поголем Албанец), па им требал „неутрален терен“. Единствено не знам зошто немаа сенс за тоа како Македонците ќе го примат овој абер среде Божиќ. Но, зошто и да имаат, кога македонските елити ни за момент не се двоумеа околу прифаќањето на Платформата. Во ниту еден миг не почувствуваа потреба да поразговараат еден со друг, како што тоа го прават нивните албански колеги. Битката беше и останува за гола власт, по секоја цена – ако треба и македонскиот Титаник да потоне (во крв или без неа).

Планот Б (доколку Иванов не се премисли) е избор на владата во парламентот; како што Иванов искористи една уставна „сива зона“ за да не го даде мандатот (уставните рокови), така и партиите ќе искористат друга „сива зона“ и ќе изгласаат влада без мандатар определен од Претседателот. Тоа фактички ќе покаже дека Иванов, наместо да предупреди и/или успори нешто, е катализатор на процесите. ДУИ веќе одлучи да стане коалиционен партнер на СДСМ, без досегашното фемкање и кобајаги двоумење. Рокот за владина програма и делење на министерски фотелји (и други делови од колачот) ќе се скрати, а сето она што го договараа изминатиот месец, набрзина ќе се официјализира. На крајот на денот, добиваме патетичен претседател, киднапиран и суспендиран парламент (законите се веќе напишани и договорени во партиски штабови) и нетранспарентна влада со слаб демократски капацитет. Речиси е сосема извесно дека СДСМ и ДУИ ќе ја продолжат љубовната афера од 2002-2006, само што наместо Бучковски, на местото премиер ќе седне Заев. Ахмети е „фикс“ – може симултанка да игра со двете партии и да биде непроменливата во секоја владина комбинација и тоа на евтина (или скапа, кој како гледа) етничка карта. Се разбира, граѓаните од албанска националност имаат исти лични и социјални и други потреби како и останатите, ама добиваат проширување на етнички права (во Берово или Свети Николе) и поткревање на националистичка еуфорија. Но, некои Албанци велат: „Вие, Македонците, ќе се ослободите од една мафија, ама ние ќе си останеме со истата.“ Ова покажува дека малку кој очекува единствена и реформска влада. Другите, веројатно, ќе се потсетат на јуначката и резолутна позиција на нивниот Али, кој нема да ги направи побогати и посити, ама на банкнотите „гордо“ ќе блеска и албанскиот јазик. Од друга страна, не смее да се заборави дека тие „придобивки“ се во добар дел и благодарение на широката понуда на СДСМ. Интересно е како сето членство, а особено шарените активисти, забораваат на декриминализацијата и молчат како залиени додека исчекуваат нивните да дојдат на власт. Дел од режимот не само што е повторно амнестиран, туку и има „меѓународни пријатели“ (како што вели Ахмети). Ќе се заборават и судиите од тефтерчињата, и тендерите, и тепачките, и зделките од безбедносниот сектор… На Македонија ѝ треба влада, каква-таква… и ќе ја добие. Колку да не биде територија без управа, дури и ако е управата диригирана од друго место.

Коалицијата во очекување ме враќа 13 години наназад. Едномесечното договарање неодоливо ме потсети на времето кога цели 40 дена преговараа, иако беа дел на иста влада, цртаа внатрешни граници по пат на етнички геримендеринг, спојуваа урбано со рурално, чинеа сѐ спротивно на Европската повелба за локална самоуправа и се колнеа во Охридскиот договор. Преговараа зад затворени врати, без консултации ниту со локалното население, ниту со експертската или пошироката јавност (таа беше советувана да гледа шпански ТВ серии). На експертите по локална самоуправа од парламент им беше порачано да не „солат памет“ и дека се квазиексперти! Ние кои застанавме во референдумското движење бевме en block етикетирани како вмровци, поттикнувачи на насилство, продадени и желни за министерски места! Нѐ озборуваа кај странските колеги дека сме неодговорни националисти, иако говоревме со јазикот на аргументите и граѓанската реторика. Шетаа емисари во „дис кантри“ мафтајќи со часовници за да кажат дека возот за ЕУ ќе замине ако излеземе на референдум. Слоганот „Европа сега!“ излезе „мало сутра“. Најдрската и најарогантна порака за граѓаните беше: „Некои прашања не заслужуваат одговор!“ За таа влада, општинската организација беше небитно прашање, бидејќи ТИЕ знаеја подобро од сите, како тутори, иако не и демократи. Еве нè соочени повторно со преговори на лидери, повеќе налик на поглавици отколку на партнери за реформска влада. Може Заев да зборува колку сака дека преговарале како да ги вратат парите (сигурно не оние кои ги ставиле в џеб челниците на ДУИ) и за повисоки плати, а не за Платформата. Мнозинството не може да ја купи таа бајка за мали деца, бидејќи Ахмети знае економија, толку колку што Заев знае историја (за наводниот геноцид) и колку што заборавил дека тоа го договара со човек амнестиран за воени злосторства од диктаторот Груевски (кога тој беше во негова кожа да бара милост за формирање влада). Можеби Македонците ќе се ослободат од својата мафија (иако не сум сосема сигурна), но сите добиваме влада која ќе владее без да ги консултира граѓаните. Оваа влада си наследува „свој народ“, бидејќи оној другиот е демонизиран; едниот беше шарен, другиот е црвено-жолт. Една професорка ќе викне: „Оваа држава е моја! Моја си е БРЕ!“ – упатувајќи крик кон оние кои маршираат за заедничка Македонија. А колку до вчера, ќе ја уриваше како Картагина. По двегодишна криза стасавме до (веројатна) коалиција која е запомнета по лошо владеење, поделен народ на „интелигентни“ и „небањати“, на „креативни“ и „пијаници“, до (идни провладини) новинари кои веќе вљубено гувеат додека Заев држи партиски митинг среде ТВ студио… Во демократија сите прашања заслужуваат одговор: колку се легитимни шарените, толку се и црвено-жолтите. Се плашам дека на крајот сѐ може да се сведе на црвено-црна шамија на Везилката, со акцент на црното.

Напишано за Нова Македонија