Француски крај на ЕУ?

Ги гледам очајните родители на деца со посебни потреби кои протестираат пред зградата на парламентот. Велам зградата, бидејќи парламентот е сведен токму на тоа, на гола фасада, на зграда која треба да ја симболизира народната волја и власта создадена од граѓаните, со граѓаните, за граѓаните. А во неа се одвива циркус: луѓе кои никако не можеме со гордост да ги наречеме наши народни претставници, со денови или ништо не работат или се караат, глумат, одолговлекуваат – додека земаат високи плати. Пред зградата делче од националната несреќа, поглед на една и само една од бројните ранливи групи, за кои никому не му е грижа, освен ако не треба да се искористи за добивање политичка симпатија. Додека некои глумат држава и институции, сето останато е препуштено на себе, на беззаконие, на очајни потези, и да биде иронијата најголема – станува предмет на милосрдие на политичарите, кои се најголемите виновници за нивната (и нашата) бедна состојба. Веќе сме на работ да се откажеме од секоја надеж ние кои влегуваме во пеколот – нема ни трага од владеење на правото, нема ни сеќавање на тоа што беше емпатија и солидарност. Ако нема закон, како ќе има морал? Сето она што треба да ја сочинува смислата на постоењето на една политичка заедница е веќе одамна прокоцкано. Државата е и самата Потемкиново село. До кога ќе издржат кулисите? Политичарите, вкопани во своите ровови, се подготвени да се борат до последната капка крв на своите поддржувачи. Ние, останатите, истрошени и уморни од долготрајните и бесмислени протести на еден народ против друг народ, од навредите и делбите, веќе отапуваме во чувствата. Зарем е чудно што ненормалното веќе не може да изненади, што сме се закопале во сопствените интимни кругови со надеж дека барем таму останало нешто благородно и човечко?

Позната мисла на Бертолд Брехт гласи: ако ти не се занимаваш со политика, биди сигурен дека таа се занимава со тебе. Сличното може да се каже и за геополитиката. Ние можеме да се договориме да ги игнорираме, но тие процеси од кои зависи и опстанокот на (оваа каква-таква) држава, имаат свој незапирлив тек и логика. Токму затоа непоимливо е што ова општество одбива да ја види големата слика, и како слеп за стап се држи за истрошени мантри во кои не веруваат ни граѓаните на ЕУ, додека таму се случуваат драматични нешта. После Брегзит и Трамп, на ред се претседателските избори во Франција, кои можат да означат крај на ЕУ или нејзино претворање во Четврти рајх. Иако е неблагодарно да се прогнозираат резултатите (во времето кога ќе ја читате колумната тие ќе бидат познати), сепак очекувањата се дека нема да има победник во првиот круг, но дека во вториот круг ќе одат претставниците на двата „екстреми“ – крајната десница (Ле Пен) и крајната левица (Мешелон). Извештаите велат дека француската нација се соочува со криза на идентитетот, со целосна дезориентација и длабока недоверба кон традиционалните и центристички партии – оттука и успехот на бранот антиестаблишмент чувства, без оглед дали се на едниот или другиот крај на оската. Не така далеку од нас, во Турција, неодамна заборавените (од Анадолија) со мала маргина ги победија напредните (од Истанбул и Анкара). Веројатно е сосема соодветно Ердоган да се споредува со султан, и да се зборува за крај на модерна Турција, но моделот и расположението на гласачите не е многу поразлично и во секуларна и развиена Франција. На луѓето им е доста од лаги, корупција, отуѓена елита – и стравови. Гласаат повеќе со емоции, отколку со разум. Дури и во „националната дисциплина“ за која верувавме дека сме на првото место – песимизам и депресија – истражувањата велат дека Французите се попесимистични од Авганистанците или Ирачаните. Иако треба да се почека на новиот француски претседател (претседателка?), двајца од водечките кандидати ветуваат референдуми: Мешелон вети референдум за излез од НАТО, а Ле Пен – за излез од ЕУ. Несфатливо за наши услови, Мешелон застапува комунистички, или барем антикапиталистички тези (Ле Пен е блиска до фашистичките). Евроскептицизмот е вкоренет и во двете крајни позиции: Ле Пен го брани суверенитетот од силите на глобализацијата, но и Мешелон вели: „Европа од нашите соништа е мртва“ и повикува да се стави „крај на кошмарната диктатура на банките и финансиите.“ Франција на своите плеќи ја носи тешката дилема на квадратурата на кругот, т.е. со речиси невозможна мисија да се избегне самоубиственото статус кво, кое создава осиромашени и гневни граѓани, а притоа да не западне во профашистички кошмар или социјалистичка утопија (чија неостварливост, и покрај сиот шарм, ќе донесе уште поголеми разочарувања). Овие избори се и гласање за судбината на ЕУ. Сиромаштијата во ЕУ и таа на Балканот не можат ни оддалеку да се споредуваат, но популизмот е единствената заедничка нишка на политиката таму и ваму. Времето на „демократија без народ“ (или поточно со заспан народ, залулкан во комфор, е дамнешно минато. Кризата на капитализмот значеше крај на демократијата заснована на социјална правда. Француските избори можат да значат крај за ЕУ.

Од аспект на едноумието кое владее овде, и во кое веќе со децении се анатемосува секоја помисла дека на ЕУ или НАТО може да им дојде крајот, Франција дава истовремено и фасцинантна и помалку застрашувачка слика на слободата на политичкото уверување и политичките визии кои слободно виреат и добиваат легитимитет. Фасцинантноста се должи на тези кои овде би биле осудени и од внатре и од надвор како еретички, а стравот пак се должи на апсурдниот факт дека за гласачите крајната десница и на крајната левица ги дели само тенка линија, тешка за препознавање (национален суверенитет, напуштање на ЕУ/еврото, итн.). Нашите еврофили дури одбиваат и да ја земат предвид можноста од фатален крај на ЕУ, додека од наводната закана од Русија прават неоснована драма, шират ставови и русофобија. Млади проамерикански академски перјаници прават истражувања врз основа на твитер пораките на руското МНР и предупредуваат дека Русија така активно промовира антизападна реторика и профитира од дестабилизација на Македонија. Ги вади од памет некоја куртоазна средба на Груевски со рускиот амбасадор (небаре тој е persona non grata и мора да седи во изолација во амбасадата) или фактот дека постојат популарни спортски клубови со руски сопственици (небаре такви нема во Велика Британија!). Тие, се разбира, не можат да го видат изворот на проблемите, бидејќи антизападно расположение расте на Западот, затоа што оној нивен Запад кој носеше прогрес и благосостојба е мртов – заедно со милионите мртви во земјите во кои се извезува/ше. Да бараш изговори во путинизмот додека Трамп ја доведува во опасност егзистенцијата на планетата Земја е не само кусогледо, туку и неодговорно. Сепак, такви какви што сме, вејка на ветерот, ние можеби и нема ни да забележиме што се случува во светот, фокусирани на ситни души и бедни политички макроа кои земјата ја нудат како во проституција, заедно со сите нејзини (преостанати природни) ресурси.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: bht2000/Fotolia