Функционално неписмени

Дента кога се прошири „шокантната“ информација дека според Светската банка две третини од нашата млада популација (15 години) е „функционално неписмена“, ја сретнав мојата гимназиска професорка по географија. Топла беше таа средба, ама и тажна: и двете во години, со искуство во образовниот процес, свесни и за благородната мисија и длабоко разочарани од состојбите. Разменивме сеќавања за „она време“ кога во гимназијата предаваа врвни наставници (и личности) како неа (Качуркова), Бидикова, Кранго… Навистина, блескави генерации излегоа „Ѓорѓи Димитров“, но и од многу други. Подоцна, се сетив и на учителката Љубица Михајлова и на наставникот по физика и математика Ангел Жаков од основното училиште. Блескави личности кои целосно се вложуваа во она што го работеа, а ние им враќавме со иста мерка. Жаков даваше „петки“ за паметни прашања, и тоа беше прекрасен стимул за сите кои не се плашеа да кажат ако нешто не разбрале, и да развијат љубопитство за она што следува по предавањето за Њутн. Каде згрешивме ние? Дали е наша вина, на мојата генерација и на оние кои доаѓаа зад нас, што не успеавме да го задржиме солидното ниво на (средно и високо) образование кое го наследивме? Зошто не го надградивме? Кога точно започна сѐ да се стрмоглавува до степен во кој се чини дека сме ја допреле точката од која е тешко да се издигнеме? Вечерта проследив ТВ дебата, во која професори и културни работници, со висока доза на патернализам и интелектуална ароганција разговараа за неписмениот и заблуден народ кој протестира. (Се разбира, тие истите беа дел на еден друг фин народ, кој само до вчера исто така протестираше на улиците.) Не успеав да пресметам колкупати ја спомнаа фразата граѓанска војна и тоа во манихејска смисла. Вината беше најдена исклучиво во образовните политики на владата на ВМРО-ДПМНЕ (ДУИ повторно беше амнестиран, иако студентските протести ги поттикнаа токму потезите на министерот Адеми). Да се зборува за политичката пристрасност и кусогледост на интелектуалната „елита“ сочинета од кетмени е губење време. Најтрагично е што токму тие кои се јадосуваат над неписменоста на деца (кои сѐ уште имаат шанси да станат брилијантни во своите професии), особено по социјалните мрежи, покажуваат елементарна неписменост, а меѓу нив наставници, доктори на науки, новинари, активисти – луѓе не само со дипломи, туку и со некаков углед! Сѐ уште пишуваат „сеуште“ или „неможам“, не разликуваат некој од некои, итн. Лошите резултати не се ништо ново, се повторуваат од година во година (ПИСА тестирањето на ОЕЦД тоа континуирано го потврдува). И без тие показатели, сите сме длабоко свесни дека образованието е уништено системски: од најниско до највисоко (докторско) ниво. Во тоа соучесници се сите инволвирани во образованиот процес, вклучително и родителите. Невини нема ни меѓу оние кои наводно помагаат однадвор. Лицемерно е ова запрепастување пред податоци на Светската банка, организација која е и тоа како виновна за растечката сиромаштија на светската периферија, бидејќи токму нејзините „лекови“ (и тие на ММФ) се одговорни за многу од денешните состојби, вклучително и за елити кои се однесуваат како макроа кои ги нудат ресурсите и евтина и слабо обучена работната рака за корпоративниот капитал. Трагикомично е тоа повикување на Светска банка како да е хуманитарна организација! А дури и не го знаат значењето на фразата „функционална неписменост“ и колку е таа поврзана со капиталистичката логика, а не со хуманистичката. Болоњската декларација не е производ на Вашингтон, туку на корпоративната ЕУ – ама подеднакво успешно го уништи универзитетот. Владата само го дотепа.

Не е до децата, до возрасните е! И не е само до бившата влада, бидејќи меѓу оние коишто се подготвуваат да станат нова влада, исто така, доминираат луѓе со видлив интелектуален и морален дефицит, за писменост и да не зборуваме. Дијагнозата е јасна: четврт век сеопшта стагнација, девалвација на сите вредности, генерална резигнација и непрофесионализам, неодговорност, импровизирање наместо знаење, партитократија наместо меритократија, задолжување наместо произведување. Генерации млади се осакатени, ама и генерации наставници се понижени и зависни од трошките кои ги потфрлаат неписмени функционери или се заменети со партиски послушници. Сиромаштијата е неспоива со добро образование и развиена политичка култура. Но, кога култура и морал немаат ни оние со (странски или домашни) дипломи и вознесени на сопствениот Олимп (обично до Табановце), тогаш тие се последните кои имаат право вината да ја наоѓаат во луѓе со избраздени лица и раце, расипани заби, со поган јазик, па и непримерено однесување. Се нема ни трошка самосвест за своите недостатоци и пропусти додека од височина се гледа и им се попува на неписмените. А токму македонската интелигенција е соучесник во криминалот, бидејќи секогаш била опортунистичка, подмитлива, гладна за власт повеќе одошто била гладна за знаење и докажување (чест на исклучоци). Попознати се како (бивши или идни) политичари, експерти и колумнисти отколку како научници и професионалци. За нив алфа и омега се токму политичките партии и нивните лидери, кои се или исклучиви виновници или единствени можни месии, зависно од перспективата. Едните, да можат, друг народ би избрале, затоа што реалниов е шутрачки, неубав и нечист; другите ќе го туркаат во првите редови, го инструментализираат до бесвест, наводно за негово добро. Политиката на образование е несомнено одговорност на (секоја) влада, но проблемот настанува тогаш кога површно и наменски се заклучува дека нештата започнале (само) со една влада, а дека онаа другата веднаш ќе ги исправи. Општествените прашања се по својата природата такви што бараат време, традиции, кадри, континуитет – и контекст! Образованието можеби и најмногу од сите други, затоа што од образовниот квалитет на кадрите зависи развојот (или пропаста) на сите останати сфери и дејности.

Претходната влада се „прослави“ со толку лоши образовни реформи (но, и здравствени), па ретко кој може биде конкуренција. Но, кокошкино слепило е ако зад тие потфати не се види дека станува наметнат модел, применет во сите земји на регионот, па и во подалеку. А, ако веќе се зборува за глупав и неписмен народ, американскиот би го зазел убедливото прво место, токму затоа што империите отсекогаш сакале неуки луѓе со кои е полесно да се манипулира во политичка смисла, и кои е полесно да се експлоатираат во социо-економска. Дудуша, еден функционално неписмен е избран за претседател. Статистиката вели дека во САД постојат 23 милиони функционално неписмени, што е резултат на лошото и запуштено јавно образование. Приватното е привилегија за малцинството или за брилијантните, ама не и за просечните. На периферијата која се срами од сѐ што е постигнато пред транзицијата се прифаќаа(т) сите „структурни реформи“, кои никако не се во функција на изградба на социјална држава или на активно граѓанство. Ова е држава-колонија со корисни идиоти сега задоени со (друго) едноумие.

Напишано за Нова Македонија