Хроника на една најавена смрт

На епитафот на Македонија ќе стои запишано само: 08.09.1991-27.04.2017. Друго едвај и да ќе има што да се напише, бидејќи чедата над нејзиниот одар глави си кршеа; дури и за меѓународната заедница е премногу лицемерно да се потпише како ужалена; комшиите нема солзи да проронат, ами ќе се занимаваат со поделба на пленот. Како дојдовме до овде? Тоа е веќе историја – бесмислено е да се пишува за хроника на една најавена смрт. Од 90-те до денес, на дело беше самоисполнувачко пророштво, след на настани и актери кои постапуваа како ликови од античка трагедија, од боговите наведени да ја туркаат земјата во сѐ подлабок амбис под претекст дека ја демократизираат и спасуваат. Крајот на оваа трагедија има примеси на фарса, но ќе остане запомнет со крвави глави (и кошули за кои се пишуваат апотеози). Жална е земјата на која ѝ се потребни јунаци – облеани со крв или кои ја водат земјата во крвава разврска! Уште пожална е земјата во која криминалци се претставуваат како нејзини бранители и како народ. Насилството е негација на демократијата, која е по дефиниција процедура и начин на мирно решавање на конфликтите. Кога во собранието капна првата капка крв, демократијата го напушти засекогаш. Нѐ напушти и мирот. Ако фарсата на избор на претседател на собрание била во договор со Бејли, нејасно е зошто ВМРО-ДПМНЕ не спречи насилство кое и нив и целата земја ја погоди како бумеранг? Би било врв на политички дилетантизам, да не се појавеа ликови на криминалци како извршители! Од друга страна, ако лидерите на парламентарното мнозинство пропуштија да го проценат ризикот (а мораа!) и преминаа на избор на спикер надвор од процедура во зовриена атмосфера со илјадници демонстранти во близина, се поставува прашањето за нивниот капацитет. Ахмети од безбедносни причини не се појавил, пратениците на Беса збришаа, а дел од присутните биле со приватни обезбедувачи. Се соочуваме со безброј непознаници: зошто министерот за внатрешни работи, чиј лидер бил на безбедно бидејќи се очекувале насилства, не наредил засилена заштита на собранието? Зошто немале дојави? Како тоа снимки го покажуваат Груби како спокоен посматрач. Полицајци со добредојде ги дочекаа демонстрантите!! Кој и за чија сметка вршел валкана работа? Дали сите знаеле и сакале да се случи најлошото? Дали некоја страна беше воопшто невина за исходот? Во нормална држава примарна цел би било утврдувањето индивидуалната вина, но и политичката и друга одговорност на носителите на функции. Таму не беше народот, туку толпа. Тврдењето дека сите демонстранти се македонски националисти и насилници, или единствени виновници за крвавиот исход, е еднострано. Странските медиуми ја извртуваат вистината велејќи дека гневот бил испровоциран поради тоа што Џафери е Албанец. Ни збор за тоа дека тој веќе беше министер за одбрана, ни спомен за албанската платформа, најмалку за флагрантното кршење на процедурата во собранието! Чуму избор на Џафери, непосредно по серијата инциденти и пеење на албанската химна? Оние на кои им требаа години, ако не и децении, да ја признаат македонската држава, со брзина на светлината го „признаа“ претседателот на собранието! Политика на fait accompli доби предност пред владеењето на правото, и тоа кај оние кои нè учат на институционализам и процедура. Џафери е небитен за операцијата наречена смена на режимот со избор на (уценета) влада. Ако на ваков дубиозен начин се избра спикер (дури и без мнозинство во моментот на т.н. гласање), низ каква ли процедура ќе се донесат веќе напишаните и проблематични закони. Ниту една операција за смена на режим (regime change е често користена американска алатка) не завршила без крв и со хепиенд. На ред е Македонија. Но, вината е кај нас. Дозволивме клептократи, етнократи, неспособни и тврдоглави „јунаци“ да бидат елита. За (лукративни) интереси, се поделивме и раскаравме до раб на граѓанска војна. Во целата трагедија, светлата точка (ако смее да се употреби тој збор) беше што не дојде до судир помеѓу граѓаните, па и што од оние кои навлегоа во собранието, само мала група насилници ги окрвави рацете, а човечки живот не беше изгубен. Лично, ќе преферирав тепачка меѓу пратеници, какви што сме гледале од Тирана до Токио и Киев (впрочем и Цезар бил убиен во римскиот Сенат).

Најтрауматичниот облик на (физичко) насилство сѐ уште нѐ потресува. Но, четврт век живееме со неговите разни облици. Насилството стана нормала – алатка за менување устав, добивање избори (Кале) или концесии, од Охрид до Пржино. Структурното насилство е во системот и во законите кои ги штитат интересите на моќните. Владее култура не неказнивост. Борбата за власт не е насочена против социјалната и друга неправда, туку е за кормилото. (Неслучајно никој и не помислува на Први мај). Културното насилство е насекаде: во споменици, знамиња, униформи, говор на омраза и од медиумите и од парламентарната говорница. Сѐ што се случуваше од Црниот понеделник до денес беше само покусиот пат до пропаста. Секој обид за превенција се осуди како опортунизам, оние кои предупредуваа беа замолчани како релативизатори и неутралци. Осудата на нападите врз пратениците е нешто што не смее да се доведе во прашање, но легитимно е и да се праша: дали тие сторија сѐ што е можно да не испровоцираат насилни инциденти? Како што провокативно облечена девојка не е легитимна цел на силувачот, така и собраниското сценарио не смееше да биде изговор за бруталност и примитивизам! Велат дека дедото што ја повреди Шекеринска бил татко на загинат од 2001, ама и тоа не го оправдува – тој, како и другите директно вмешани во насилство, мора да одговара. Министерот нека не чека Ахмети да му каже дали има право на совест и морална одговорност – веднаш нека си поднесе оставка. Одговорноста на Чавков треба да се утврди час поскоро. Заслужуваме да знаеме кому му одговараше онаков расплет! И дали изборот на Џафери мораше да се плати толку скапо, имајќи предвид дека е дел на истата тендер-коалиција која владееше со Македонија на начин кој беше криминален и кој предизвика легитимен отпор? Како ќе функционира собранието? Дали санирањето на демолираните сали ќе значи и враќање на пратениците како да ништо не се случило? Нам, на граѓаните, оној ден нешто ни се скрши однатре, нешто што нема да може да се преболи. Оние насилници не се наши претставници, иако и избраните пратеници ни се сè потуѓи, и на нив гледаме како на паликуќи, а не како на одговорни луѓе. Она што претстои е целосен протекторат (можеби наметнат и со вонредни мерки) или граѓанска војна. Можеби најважното прашање кое сега се поставува е дали смртта на државата ќе се проследи со смрт на нејзини граѓани. Имајќи го на ум искуството на другите, политичарите не заслужуваат за нив да се гине. Државата не се чува ни со полиција (која кај нас е одамна партиски поделена и нефункционална, па дури и со ризик да припука меѓу себе), ниту со демонстранти во собранието. Соседите обвинуваат дека сме виновни за „непостоење култура на консензус“ и стационираат трупи. Тој балкански фолклор скапо ќе нѐ чини, кога битката за власт е поважна од општата безбедност. Така и ни треба кога не знаеме ни слога да градиме, ни држава да водиме.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: Boris Grdanoski/Associated Press