Како станав свиркач

Кога пред шест месеци влегов во лавиринтот, за кој пишувам во оваа колумна, не ни сонував дека ќе биде толку исцрпувачки, толку комплексен, понижувачки и дека ќе ми одзеде толку енергија. Всушност, воопшто не верував дека и станува збор за лавиринт, кога стануваше збор за барање да предавам предмет во област во која работам како професор целата академска кариера. Како течеше времето, заплетот стануваше кафкијански, полн со нелогичности, бизарности и без изглед наскоро да заврши. И додека ги пишувам овие редови ништо не е завршено, туку е само турнато под чергиче. Но, токму кажувањето на вистината во време на општа измама е само по себе револуционерен чин (Орвел) – затоа и оваа донкихотска колумна. Најнапред не бев свиркач, само професорка/колешка која сметаше дека предавањето на магистерски студии по Меѓународни односи и разрешување конфликти на матичниот факултет е нешто не само легитимно, легално, туку и најнормално, за професор кој е постар од секој од членовите на колегиумот. Се покажа дека сум се измамила, а моето барање беше доживеано како закана и упад во веќе етаблирано друштво (да не речам, тезга). Иницијативата произлезе од деканатот, каде ме прашаа зошто одбивам да предавам, па на мое место се ангажираат професори од други универзитети, рангирани далеку под УКИМ (ДУТ, на пример). Бев изненадена, бидејќи никогаш не сум ни сакала ни смеела да одбијам работна задача. На предметите за кои сум компетентна и избрана за редовен професор пред 10-тина години, веќе трета година е ангажиран човек кој неовластено предава и испитува студенти без никакво почитување на процедурата. Името на тој млад колега не ни битно; суштината е во непочитувањето на актите на УКИМ, но најнапред на Законот за високо образование (чл. 112 и чл. 139). Чекорејќи по сите институционални канали, завршив дотаму што на колешката која што е раководителка (чиј кабинет е на два чекора од мојот и на која сум ѝ била член и за магистерската и за докторската теза, во сите комисии за избори во наставни звања, итн.) морав да ѝ се обраќам преку архива. Молкот беше заглушувачки, колку нејзиниот, толку и на членовите на тој колегиум (чест на исклучоците). Оној момент кога се соочив со импотентноста на деканатот, како и со сознанието дека „бркајќи лисица, од дупката излезе мечка“ (се покажаа огромни неправилности), немав друго средство освен да им укажам на надлежните и да побарам почитување на законот. Најнапред бев внатрешен „свиркач“, за потоа да станам надворешен – пред државните инспекторати и судови. Пријател-професор кого уште од самиот почеток го консултирав, ме советуваше: „Биби, туркај ја работата, сите аргументи се на твоја страна, но оди by the book (според правилата и процедурите); дури потоа, ако и тоа не успее, никој нема да може да те обвини што си ја изнела приказната во јавност.“ Го послушав, и трпеливо, два семестра не напишав ништо академски вредно, но се усовршив во управна постапка. Кога ќе го видите сиот обем (длабочина, подобро) на непочитувањето на правото (за Етичкиот кодекс и да не зборувам) во средина каква што е академската, ви станува јасно дека не е до политичката држава, институциите и политичарите кои се над правото и моралот, туку е и до оние чија мисија треба да биде негување и промовирање на Вистината, Доброто и Убавината. По патот се сретнав со византиски игри, партизација, користење лични врски, инспектори кои „не гледаат зло, не слушаат зло, и не говорат за злото“ (т.е. свесно не ја констатираат противправноста, што ја доведува во прашање и валидноста на издадените дипломи), па уште и да даваат непристојни предлози („да не ја правиме голема во овој чувствителен политички момент“?!). Дел од моите колеги или се чудат и шушкаат зад грб, или ме обвинуваат за суета („сето ова го прави не затоа што е правото на нејзина страна, туку зошто е суетна“), а уште пострашно за албанофобија (двајца од тројцата ангажирани се случајно Албанци, иако Законот се однесува на сите, нели?). Се бараше од мене да се стрпам, да молчам, па дури и да прифатам опортунистички компромис за сметка на правото. Кога не застанав, почнаа со анонимни претставки против мене (Државниот просветен инспекторат кој не виде „мечка“ постапува додека ја читате колумната).

Кога за првпат отидов во просветниот инспекторат да поднесам претставка, умирав од непријатност и срам. Тоа беше своевиден пораз: мој пораз да ги уверам колегите, но и пораз на мојот универзитет да реши еден навидум тривијален случај. Пораз на правото и на моралот, но и на професионализмот. Срам ми беше што токму јас, борецот за автономија на универзитетот, бев принудена да ја повикам државата да интервенира во нашиот автономен двор! Ми укажаа дека претставката може да биде анонимна, за да не си правам непријатности. Како чесен човек, инсистирав моето име да стои во потписот – немам од што да се кријам, ниту пак се плашам од последиците. Ако на оваа земја и на мојот универзитет не им треба кадар како мене, тогаш барем нека ми го кажат тоа отворено. И нека се отворат ширум портите за секој што е во другарски или друг однос со професор-раководител, кој може да му „нафрли“ тезга и хонорар. Претставката против мене (ми се оспорува акредитација за ментор на докторски студии) е анонимна и гласи „ од група професори од Филозофскиот факултет“. Во меѓувреме, деканската управа го овласти деканот да ме назначи на соодветните предмети, а ангажманот на останатите двајца ќе треба да се легализира ретроактивно (спротивно на уставот). Замислете, неколку години пред пензија доживувам да ме постават на предмет на магистерски студии со ДЕКРЕТ! И тоа на изборни предмети! Зошто? Затоа што ова е делумно изнудено од инспекцијата, делумно од законот, и делумно затоа што колегата не добил согласност од ДУТ да предава на УКИМ (тоа што и оваа академска година испрашувал и предавал е „црна дупка“, никој и не мисли на неа). На овој трнлив пат, најмногу ме заболе молкот на оние кои ги почитував и од кои очекував да се спротивстават на „јавното-приватно партнерство“ и на самоволието.

За дел од јавноста свиркачите се херои; за другите – кодоши и предизвикувачи на неволји. Не сум Верушевски, не се кријам, не изнесувам кришум политички „бомби“, немам виза за да побегнам. Не сум ни блиску до вистинските херои, како Менинг или Сноуден. Нема ништо херојско во борба на професорка за правото да предава. Додека го пишувам ова, си звучам патетично и помислувам да кликнам „дилит“ (избриши) и да заборавам на ова понижување и срамота. Знам дека ќе трпам последици; негативците секогаш успеваат да се извлечат или ќе ги заташкаат работите оние кои се премногу фини за да се соочат со непријатни вистини. Оние кои се дрзнале да обелоденат непријатни нешта остануваат со лузни, разочарувања и стигма. Но, ако веќе свиркав низ академските и државните институции, зошто на крајот да не свиркам и јавно? Нека се знае дека сѐ е гнило во државата македонска. И дека некој не молчел додека се случувало. Впрочем, ако молчам за работите кои ми се случуваат пред носот, со кое право би барала правда за други нешта?

Напишано за Нова Македонија