Македонија: Унитарна или бинационална држава?

На покана на Школата за јавни политики „Мајка Тереза“ пред неколку дена одржав предавање за учесниците на оваа генерација, и тоа под наслов кој ми беше сугериран (што е намерно и наслов на оваа колумна). Бидејќи е ова тема околу која се кршат копја во јавноста, решив накусо да ги изнесам размислувањата кои си споделив со моите слушатели. Најнапред е важно да утврдиме дали е ова вистинска или лажна дилема. Дали проблемот постои или е наметнат од дневно-политичките случувања (всушност, дали станува збор за спинување на една доминантна агенда од изминатите две години и свртување од борба против автократска власт и криминал кон етнички прашања и редефинирање на уставниот поредок? Кога би зборувала низ академска/теориска призма, би спомнала неколку дилеми: дилемата на етнокултурниот диверзитет, етничката безбедносна дилема и дилемата за силата/одржливоста на државата. Мултикултурните општества кои се соочија со конституирање независни држави по распадот на мултинационалните федерации (СССР, СФРЈ) декларативно тргнаа по патот на либералната демократија (и економија), а донесоа и либерални устави, кои послужија како смоквин лист со кој се покрија побудите за формирање национални држави. Така беше речиси насекаде, па и во Македонија. Националната држава, пак, требаше да послужи како зашеќерување на сите негативни последици од криминалната приватизација, социјалното раслојување и настанокот на новата капиталистичка класа. Дилемата на етнокултурниот диверзитет (Рошвалд) се однесува на проблемот на откривање на тенката линија во која јакнењето на диверзитетот нема да доведе до уривање на политичката заедница како таква, т.е. до нејзино дезинтегрирање во уште помали сецесионистички ентитети. Етничката безбедносна дилема (Рое), пак, се однесува на речиси неизбежната спирала во меѓуетничките односи, во ситуација кога еден етницитет се обидува да се афирмира и докаже (особено кога е оспоруван од повеќе страни, како македонскиот), а тоа се доживува како закана од асимилација или потиснување од друг етницитет. Почетокот на спиралата може да е и бенигнен, но трката во докажување на тоа кој е постар на дадена територија, кој е автохтон, а кој дојденец, кој има побројна популација и сл. – на крајот секогаш завршува трагично. Освен, ако наместо етничкиот/националниот не се изгради граѓански идентитет и уставен патриотизам. Конечно, дилемата за силата/одржливоста на државата (Холсти) е оној маѓепсан круг во кој државата која се соочува со етнички сепаратизам и сопствена распад сѐ повеќе се потпира на употреба на репресивни мерки за да го сочува својот интегритет, а тоа всушност води до нејзина сѐ поголема внатрешна слабост.

Македонија се соочува со сите три дилеми, и никако да го најде вистинскиот баланс. Во тоа не помогнаа ниту лековите препишани од меѓународниот фактор. Рамковниот модел на Македонија е во основа консоцијациски, и затоа е сосема небитно дали е таа унитарна држава или се движи кон федерација. Консоцијацијата ја има во двете верзии на државно уредување, но многу поважно е што речиси и нема познати примери на демократски консоцијациски системи. За одговорот на клучното прашање од почетокот (унитарна држава или бинационална, т.е. држава (само) на Македонците и Албанците) е значајно тоа што теоријата и емпиријата покажуваат дека унитарниот или федералниот модел не кажуваат ништо за типот на режимот (демократски или автократски), затоа што примери има и вакви и онакви. Со други зборови, секоја унитарна или федерална држава е приказна за себе.

Тоа што во основните принципи на Рамковниот договор е запишано дека Македонија го задржува унитарниот карактер, односно дека не постојат територијални решенија за етнички прашања, не значи ништо. Тоа беше отстапка на која инсистираа Македонците, но сето останато – особено инсистирањето на децентрализацијата на власта и на етничко редизајнирање/прецртување на општинските граници, широката употреба на албанскиот јазик и симболите – сето тоа фактички значеше територијално решение за етничко прашање. Навистина, Рамковниот договор зборува и за граѓанско општество и за мултиетничност, но консоцијацијата почива на картел на елити, а не на граѓанска партиципација (што се докажа 2004-та), а од мултиетничноста не остана ни М, бидејќи маргинализацијата на помалите заедници ставени во сендвичот на двете најголеми е фрапантна! Ако во земјава има дискриминација и граѓани од втор или трет ред, тоа се токму припадниците на овие „заборавени“ и отфрлени заедници. Пред десет години напишав колумна (за тогашно „Време“) под наслов „Македонија е федерација, ама нема кој тоа да ѝ го каже“. Таа невидлива и уставно невтемелена федерација функционира поради недореченоста и контрадикциите во самиот Рамковен договор, уставните амандмани и законите. Како да го толкувате фактот што во составот на Комитетот за односи меѓу заедниците членуваат по 7 претставници на Македонците и Албанците, а само по еден член на петте останати заедници? Уставот е ригиден и тежок за менување, бидејќи бара двојно мнозинство – што е карактеристика на федералните устави. Формирањето коалициски влади меѓу победниците од двете најголеми заедници стана прагма, повторно налик на федералните држави. Тоа што Ерван Фуере страда од наменска деменција, не земајте го сериозно: јас и Исо Руси бевме на „рибање“ во неговата канцеларија, како претставници на Хелсиншкиот комитет поради тоа што во извештајот за изборите од 2006 година напишавме дека ЕУ амбасадорот се меша во формирањето на владата, т.е. инсистира во неа да влезе поголемата/победничката албанска партија, а не помалата. (Се разбира, не дозволивме „рибање“ од еден арогантен амбасадор, туку ја прекинавме средбата и си заминавме: ние, сепак, бевме од граѓански сектор, а не политички претставници со подвиени опашки пред странски губернатори.)

Накусо, она што е болна точка на македонската држава лежи во неможноста да се определи квадратурата на кругот, т.е. да се обезбеди демократија во услови на етнократија зацементирана со Рамковен договор (кој е Света книга и неподложен ни на промена, ни на критика). Политиката на картелот на етнополитичките елити нема визија, се бори за свој опстанок на врвот, без визија или грижа за општото добро. Таа е политика на бескрајни отстапки и уцени, а гравитационен центар на државната политика не постои – освен фразата за НАТО и ДЕУ. Таа политика е осудена да биде нетранспарентна и неотчетна, а можеби најзагрозената група не се ни Турците, ни Ромите, ни Србите, ни Бошњаците – туку граѓаните кои се избркани од политиката (освен на повик на елитите). Во оваа држава нема уставен патриотизам бидејќи нема Устав: еднаш радикално сменет однадвор и ставен во „рамка“, сега е можно да стане и „пржински“, но никако веќе автентична повелба на граѓаните на Македонија, нивен општествен договор и листа на вредности кои тие ќе ги сакаат повеќе од вождовите и племенските лидери кои ги водат кон бездна.

Напишано за Нова Македонија