Денес над Македонија се раѓа…

Доделувањето на мандатот на Зоран Заев означи крај на една од епизодите на политичко-сапунската серија, токму кога гледачите почнаа да стануваат очајни. Чинот донесе извесно олеснување, дури и кај оние кои не се задоволни од исходот. Сцените од 27 април, но и посетата на Хојт Ли доведоа до брзо отрезнување и до сознание дека веќе нема маневарски простор за одложување на неминовното. Најавата за брзо формирање влада во нормална земја, би значело почеток на нормализација, а можеби и нов бран на демократизација. Но, Македонија одамна не е ниту нормална земја, ниту пак држава во која важат вредности, стандарди и принципи. Затоа, на денот на доделувањето на мандатот на Заев, за вечерниот дневник на РТС кусо изјавив дека е ова завршување само на една фаза од кризата, но дека нејзиниот крај не се наѕира. Ова ми донесе голем минус кај демократската јавност во Македонија.

Ако денот по утрото се познава, тогаш има многу причини за грижи за она што ќе се случува. Колку и да е тоа табу тема за која дури и уставните експерти нерадо говорат (или дури и сугерираат нејзино пренебрегнување како незгодна и политички неопортуна), останува фактот дека изборот на претседателот на Собранието беше изведен на полулегален начин. Мнозина не се осмелуваат ниту да го кажат она што го видоа со свои очи. Ако во име на повисоко добро се крши правото, логично е да се претпостави дека секогаш ќе никнуваат вакви цели, реално или по дискреционата волја на мнозинството. Во име на повисока цел (избегнување конфликт, влез во НАТО, забрзување на промените и сл.) правото станува каучук и се моделира согласно актуелниот миг и политичката волја на мнозинството. Ако досега беше така, тогаш што ново носи законодавна власт конституирана на ваков начин? Втора табу тема е опозицијата. Триумфализмот предводен од орвелијанска полиција на мислите (која патролира по социјалните мрежи, медиумскиот простор, па дури и во семејните кругови) ја проскрибира секоја помисла дека ВМРО-ДПМНЕ има статус на опозиција. Се наметнува императив за оваа партија да се зборува исклучиво како за злосторничко здружение, кое не само што треба да се санкционира, туку и елиминира. Се појавија волонтери за укинување или барем ребрендирање на оваа политичка опција, а медиумите му ги простија гревовите од минатото дури и на еден зомби-политичар како Љубчо Георгиевски, со цел негово прочистување и промовирање како лидер на таа наводна нова опозиција. Плуралната парламентарна демократија зависи од постоењето на опозиција (каква и да е таа, а што посилна, тоа подобро), од различните мислења и интереси и од делиберација. Наместо индивидуална вина низ судски процес, овде се заговара колективна вина и народен суд. Третиот феномен кој добива јасни контури е апотеозата на новата власт. Култот на Пастирот Груевски нè доведе до ова дереџе. Но сега се соочуваме со забрзано идеализирање на новиот Лидер, без оглед на сите негови недостатоци и на фактот што реално тој ќе има позиција на слаб премиер (во коалицијата постојано ќе зависи од каприците на помалите партнери). Пријателка духовито изјави дека тоа што Заев станува премиер конечно ќе ѝ овозможи непречено да го критикува, без да ја напаѓаат. Досега, дури и за најбенигна критика бевме опоменувани дека е невообичаено да се критикува лидер на опозиција, бидејќи острицата мора да е насочена кон власта. Тоа важеше дури и кога опозицијата стана власт во пржинската влада. Но, критиката (макар и после првите 100 дена) нема да биде лесна задача. Во контактни емисии може да се слушнат егзалтирани гледачи: „Верувам во Заев како што верувам во Господ“. Ако потпретседателка на СДСМ му пишува поетска колумна за Човекот со душа како Шар Планина, тешко дека султан-партиите ќе станат минато. Во интервју и самиот лидер (зборувајќи за себе во трето лице еднина) вели „Заев е симбол на Вистината.“ Кога имаме работа со верба, симболи и восхит, мал е просторот за рационален однос, уште помал за несогласување. Полицијата на мислите веќе ги лови јавните личности и интелектуалци кои не покажуваат доволна доза на воодушевување. На таквите им се лепат етикети како на непријатели на демократијата и им се припишуваат психијатриски дијагнози, па дури и им се навлегува во (женската) наводно мазохистичка психа која, ете, била страдна за груб алфа-мажјак в постела. Ова деновиве го напиша новинар кој докторирал на говор на омраза во медиумите; поверојатно е дека ‘докторирал’ на практична примена на говор на омраза во медиумот во кој работи. Интересно ќе биде да се следи престројувањето на медиумите. Во земјата на Алиса од другата страна на огледалото сѐ е наопаку: провладините стануваат опозициски медиуми, и обратно – притоа не напуштајќи ја истата матрица на пристрасност и непрофесионалност. „Сончогледите“ се во забрзана трка да си ги најдат старите диоптрии и/или партиски книшки. Позната водителка на дебатна емисија деновиве ѝ подвикна на гостинката-експерт за истражувања на јавното мислење: „Јас не се согласувам со вас!“. Тоа е опомена за сите оние коишто нема да мислат како новата власт, ќе мислат со своја глава или ќе кажат нешто што нема да му се допадне на странскиот спонзор. Зборот „промени“ одекнува како ехо: ВМРО-ДПМНЕ мора да мине низ внатрешни промени ако веќе не се самоукине, дека СДСМ значи промена, па дури и дека граѓаните, медиумите и актерите на цивилното општество треба да се менуваат согласно новиот надежен политички контекст. Зборот промени не се споменува само во контекст на ДУИ, и генерално на албанските партии. Никој не се осмелува да оди дотаму, тоа е суверена и сфера недопирлива за вакви ‘непристојни’ предлози.

Демонизирањето на опозицијата затоа што била озлогласена власт и апотеозата на новата власт, па дури и нејзино прогласување за реформска уште пред да ефективно изведе некаква реформа, не е ништо освен јакнење на постојната манихејската равенка. Тоа е цементирање на статус кво-то, на состојба во која сè се менува за да остане исто. Во таква атмосфера на обичниот граѓанин не му дозволува ниту избор, ниту пак слобода за рационално и критичко промислување, најмалку нивно јавно изразување. Ако досега се плашеа од стариот режим, сега имаат добри причини да стравуваат од новиот. Денес над Македонија се раѓа нешто, но што не може да се каже бидејќи не е сосема видливо поради тешките облаци. Секоја нова влада која би требала да застане зад кормилото би морала да биде свесна за општата девастација и хималајските проблеми кои се таложеа со години, а кои дополнително се акумулираа во годините во битката против режимот. Но, како што кога се пее химната треба да се стои, така и при изговорувањето на новите политички слогани и лажни ветувања за повисоки плати нужно се очекува крик на радост. Песимизмот е или забранет или означен како жал за симнатата власт. За разлика од Северна Кореја во која се броеја солзите проронати за покојниот лидер, овде се бројат насмевките за новиот премиер.

Напишано за Нова Македонија