Македонија: Победа на уште една обоена револуција?

Постохридска Македонија се роди на урнатините на „оазата на мирот“. Победничката Шарена револуција се воспоставува врз урнатините на постохридската творба. Меѓународната заедница има чуден обичај да ги маскира своите неуспешни проекти, и да ги ребрендира во нови успеси. Денешните случувања, колку што се резултат на неспособните и корумпирани политички елити, толку се резултат и на неуспешните „терапии“ (стејтбилдинг) на САД, НАТО и ЕУ. Иако е популарно да се зборува за геополитика, за Македонија (и регионот) на линијата на огнот на Западот и Истокот, сепак фокусот на анализата треба да биде на западната политика на ширење демократија и градење институции во земјите кои ги стави под свое во моментот кога тие се заколнаа дека немаат друга алтернатива. Кога кон крајот на 90-те години се виде дека мирот не е возможно да се сочува поради прелевање на насилството од останатите делови на бивша СФРЈ, македонското чудо со кое толку се фалеа додека БиХ крвареше, беше одеднаш прежалено. Не мина многу кога измислија наратив според кој „успешна приказна на превенција“ стана „успешна приказна на постконфликтна стабилизација“. Атрибутот на „успешност“ мораше да остане, бидејќи, како што убаво забележува Дејвид Чендлер, тие се пречувствителни на неуспеси. Ако и дојде до колапс на стратегијата и готовите модели, вината се префрла на примитивните локалци и малите диктатори, без оглед што тие самите ги поддржувале. Срѓа Павловиќ со право вели дека стабилократијата ги поткопа и онака кревките темели на демократијата. Во таква ситуација, решението се најде во „лек“ испробан во други делови на светот! За разлика од другите обоени револуции, овде протесното движење неслучајно се нарече „Шарена револуција“, што требаше да ја симболизира шареноликоста на „македонската салата“ (т.е. мултиетничкиот состав). Вашинтон и Брисел не само што веќе почнаа да го губат кредибилитетот поради самоволието и непослушноста на една гарнитура, која го јавна бранот на национализмот во отсуство на реална перспектива за европска интеграција, туку почнаа да го губат трпението. Искористувајќи ги внатрешните пукнатини, граѓанско незадоволство, но и широката лепеза на средства типични за обоените револуции се индуцираше организиран отпор и конечно смена на режим.

За среќа, до смена на режимот (на Груевски, но не и на Ахмети) дојде без насилство од поголеми размери, иако Црниот четврток остави впечаток дека малку недостасува да се пречекори во амбисот. Mission accomplished! Би требала да следува рекапитулација на штетите и анализа на она што следува во консолидацијата на новиот режим (како што со фројдовски лапсус се изрази еден од идеолозите на Шарената револуција). Она што малкумина ќе се осмелат да го кажат е дека не постои никакво „македонско сценарио“ (од кое се плашат некои лидери или на кое се надеваат тамошните опозиционери и активисти). Сусман од Портланд универзитетот јасно го посочува сценаристот во одличниот текст „Шаблон револуции: американскиот маркетинг на смена на режими во Источна Европа“, укажувајќи на создавање на шаблонот од Стејт Департментот уште во 2000 година. Тоа што тој смее научно да го докажува, овде е предмет на анатема и потсмев. Сепак, нужно е да се каже дека не станува збор за теорија на заговор, туку за факти кои зборуваат за глобална стратегија на мек империјализам и политички инжењеринг за сопствени потреби. Без надворешна помош, до смена немаше да дојде ни овде, барем не на ваков начин. Дури и обични граѓани велат дека Иванов требал веднаш да му го даде мандатот за формирање влада на Бејли или на Хојт Ји, фактичките мандатари и кројачи на политичката судбина. Од вооружување со „бомби“, преку експерти (Ванхојте), па до пи-ар стратегии, поддршка на опозициски медиуми и НВО сектор – меѓународниот фактор употреби сѐ од познатиот арсенал. Се градеше привид на спонтано случување народ/револуција (со цел да се смени режимот, но не и системот). На новата власт ѝ се даде ореол на херојска (во што ДПМНЕ помогна обилно) и масовно поддржана. Кога и тоа не успеа, настапи мини-булдожер дипломатија со која се скрши и последниот бедем на тврдоглавата власт. Како резултат, полупротекторатот е промовиран во целосен протекторат. Секој момент ќе процвета демократијата, благосотојбата и социјалната правда!

Некои триумфираат, другите се чувствуваат како губитници кои биле изневерени токму од оние кои ги поддржуваа. Двете позиции се легитимни. Она што не се дозволува во овој „историски“ миг е скепсата. Камелеоните, по обичај, навреме се престоија заради спасување на кожата или/и профитирање. Револуцијата кулминираше во типичен (револуционерен) стил: со (за среќа, малку) крв и со уривање на стариот поредок преку газење на правните принципи! Новата власт е конституирана по пат на флагрантно непочитување на процедури, но тоа е неважен детаљ во очите на победниците и на меѓународните фактори, бидејќи било политички опортуно и неопходно. Зарем, големината на револуцијата треба да се доведува во прашање поради такви ситници!? Првата колатерална штета на новиот режим се процедурата и владеењето на правото (но, за нив веќе има доброволци меѓу професорите по право, кои ќе ги адаптираат така за да се вклопат во потребите на новиот режим). Дури е и непристојно да се инсистира на нив, а богами постои и ризик од етикетирање како националист и поддржувач на реакционерните сили во заминување. Втората жртва е слободата на мисла и говор. Црните тефтери за чистки се одамна подготвени. „Новото“ време настапува во миг на најдлабока поделба и нетрпеливост, а дури и симболиката на шареноликоста (инклузивноста и единството во различноста) исчезна со дигањето на главата на триумфалистичкиот албански национализам, што потезите на Џафери само го заверија. Како што инсталирањето на демократијата преку копирање на формалните елементи не даде резултати, така ни смената на режимот помогната и благословена од западните центри на моќ нема да ги даде ветените резултати. Македонија е девастирана и поради лошото владеење на доскорешната власт, но и поради агонијата низ која дојде до смената: економски, социјално, меѓуетнички, интраетнички, институционално, културно. Најмногу од сѐ, таа е уште една во низата неуспешни држави од периферијата на светскиот турбо-капитализам. Многу малку причини за радост, а многу повеќе за грижа. Она што е извесно е дека режимот капитулираше, новиот е во конституирање. На кус рок е избегната катастрофа во вид на насилен конфликт. На среден рок следува владеење на објективно слаба влада, со тесно мнозинство, (по)врзана со уцени и платформи, која се надева дека странците ќе ги зауздаат барањата на коалиционите партнери, и без идеја и капацитет да се остварат преголемите ветувања. На подолг рок, Македонија е во терминална фаза. Кој тоа не го гледа, или има шарени или црвено-жолти очила.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: Robert Atanasovski/AFP/Getty Images