НАТО, ние доаѓаме!

Во очите на македонската јавност последниот мини-самит на НАТО во Брисел мина како и другите – со фокус исклучиво на тоа дали со промената на власта се отвора можноста од брз прием (до крајот на годината, како што се шпекулира) под референцата БЈРМ. Нашите експерти за меѓународни односи и национална безбедност се застанати во времето: проблемот почнува и завршува со името и членството во НАТО (и ЕУ). Ако е за утеха, и светската јавност посветува повеќе време на тривијалности, семејни фотографии, модните детали (како била облечена Меланија за разлика од сопругата на Ердоган, и како Брижит ја потценила средбата на сопругите на лидерите) и сл. Сцената која покажа како Трамп го турна физички црногорскиот претседател без пардон го обиколи светот, но сама по себе не е ништо ново. Уште од Тукидид… Тоа што е Трамп примитивец (наспроти Обама кој беше фин), не ја менува сликата на Марс (богот на војната). Од планетата Венера (европските членки) негодуваат поради пораките на Трамп дека не го плаќаат она што им го должат на САД за својата одбрана, укажувајќи дека дел од нив веќе ги покачиле воените издатоци, а и дека националната безбедност не зависи само од воената, туку и од економската, политичката и нормативната моќ, која е на страна на европските сојузници. Обидувајќи се да ги помири Марс и Венера, познатиот професор на Принстон, Ендру Моравчик, порачува дека наместо да ги критикуваат Европејците, Американците треба да им се благодарни што тие своите 2% од бруто домашниот производ го трошат на начин кој „така совршено ја надополнува политиката на САД“. Колку е тоа совршен спој ќе видите со прост преглед на најважните вести од светот.

Малите и послаби членки на НАТО се сателитите кои создаваат привид на здружена алијанса. Црногорскиот премиер речиси му се извини на Трамп за тоа што беше турнат од него (како јагнето кое му ја матело водата на волкот); Колинда пак ги туркаше останатите за да биде во близината на Големиот лидер, трепкајќи со убавите очиња, а лицето на Орбан блескаше додека го гледаше каубојскиот стил на својот истомисленик. Притоа, никој и не помисли да заусти нешто за Саудиска Арабија, за најголемата зделка за продажба на оружје на земја која врши агресија врз Јемен и е закана за светскиот мир, уште помалку за онаа спрема Израел. Човек треба да е навистина слеп (љубовта е слепа, особена таа кон милитаристички вождови) или глупав за да не види дека колку што се САД опасни, уште поопасни ги прават сите овие послушници кои се им се додворуваат. Политиката на НАТО не е ништо друго туку сегмент на американската надворешна и безбедносна политика. А политиката на Марс не може да биде комплементарна со меката моќ на Венера, освен ако таа себе не почнува да се перципира и да се однесува како машкуданка. Вашингтон ја наметна политиката на прв удар, кога станува збор за евентуален нуклеарен напад, па затоа Тереза Меј, без око да ѝ трепне, зборува дека не би се двоумела да го притисне црвеното копче. Нуклеарни бази постојат на тлото на Европа, која пак кон надвор сака да продава имиџ на мека невоена моќ, додека дома може да се однесува поинаку. Барањето на Трамп (кое не е различно од она на Обама), членките на НАТО да издвојуваат 2% од домашниот производ, е само еден од знаците на натамошната глобална милитаризација, бидејќи тие средства не можат да се издвојат од друго, освен од социјалните потреби на граѓаните на тие земји. Освен што САД не се демократија, во НАТО членуваат и други земји кои страдаат од сериозен демократски дефицит; ако Турција, Унгарија и Албанија се членки, тогаш не треба да се набројува натаму за да се поентира. Во Брисел се демонстрираше повеќе против Трамп и неговиот однос кон жените, отколку против агресивните политики на НАТО. Членките, и индивидуално, со пасивен или активен благослов на алијансата, поддржуваат терористички организации (како во Сирија), за да потоа се заложат за решителна битка против тероризмот. САД ја опремуваат Саудиска Арабија, за големи пари и на среќа на воено-индустрискиот комплекс и „длабоката држава“ – но, никој во Европа не гледа зло во топлите врски со најголемиот финансиер на исламистичкиот тероризам на светот, ниту пак приговараат што најголем произведувач на неволји се токму САД, по што од Европа се бара да помага да се расчисти она што тие го уништиле. Појавата на ИСИС, како и таа на Ал Каеда претходно, не е случајна: таа е последица на катастрофалните последици на милитантниот империјализам и освојувањето на земји од геостратегиски и лукративни побуди. Паѓа на ум една стара изрека: НАТО претставува аНАТОмија на војната. Во пресрет на бриселскиот самит на НАТО, загриженост покажа дури и прилично про-НАТО Данскиот институт за меѓународна безбедност, поставувајќи ја дилемата: „Зомби НАТО: Јакнење на мускулите, губење на душата?“.

Да не се лажеме дека евентуалниот влез на Македонија во НАТО би имал врска со демократијата, мирот во светот или со влезот во ЕУ (која и самата веќе не знае како да ја одржи политиката на проширување без проширување, т.е. како да ја задржи тортата и да ја изеде, во исто време). За вака девастирана Македонија (во економска, политичка, социјална и морална смисла) дури ни бајковитата верзија на НАТО нема да биде лек. Евентуалната покана за членство под референцата (Грција е во уште една сеанса на финансиско самоубиство, па се очекува дека е послаба од кога било порано) може да биде само ветер во грб на новата влада, која се формира како резултат на операција за „промена на режим“. Парадокс е што токму оние кои сега најмногу лобираат за овој план, како клучен аргумент ја користат пресудата на Меѓународниот суд против Грција. Тужбата пак беше квалификувана како национално предавство, непријателски чин кон „нашите сојузници“, па дури и како антиевропска пракса (како што своевремено во колумна ни порачаа двајца комесари на ЕУ). Исходот би требал да го задоволи и волкот и јагнињата, т.е. Македонија да не биде принудена (веднаш) да се откаже од името. Иако е тешко да се претпостави дека грчкиот национализам ќе биде скротен, она што треба да се има на ум е дека тоа ниту ќе биде резултат на новата реформска влада, ниту нешто започнато од старата власт (и сега остварено, како и автопатите со кои ќе се слика Заев). Тоа ќе биде резултат на геополитиката која на Македонија гледа како на делче на мозаикот кое треба да се пополни со боите на Западот, за да не му го препушти на Истокот. Aко е вистина она за „линијата на фронтот“, земјата останува и периферија на НАТО и нејзина граница кон Непријателите (некои медиуми работат на создавање русофилија и таму каде што ја нема). Ако успее планот, барем Трамп нема да може да нѐ обвини дека имаме „куп пари“ – но затоа имаме типовско месо во изобилство. Наш приоритет треба да биде справувањето со поделбите внатре, бидејќи повеќе страдаме од нив одошто од Грција или Русија. За нас кои не сме за влез во НАТО дури и со уставно име, останува грижата што во услови на триумфализам и додворување на САД, никој нема да писне за дебата или референдум, уште помалку да го критикува НАТО или да се побуни против зголемување на воениот буџет.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: NIDS/NATO Media Library