Quod licet Iovi, non licet bovi

Изреката на латински од насловот буквално значи „Она што му прилега на Јупитер, не му прилега на волот“. Во друга варијанта таа гласи „она што им е дозволено на боговите, не ѝ е дозволено на стоката“. Во нејзината суштина таа зборува за двојни стандарди, за правила кои важат за едни луѓе/групи/народи, ама не и за други луѓе/групи/народи. Токму оваа изрека ми падна на ум кога го прочитав обраќањето на комесарот Хан до граѓаните на Република Албанија, која иако љубезна и полна со европска вредносна реторика (бла-бла), во основа, значи дека ЕУ инсистира на одржување на парламентарните избори (кои се веќе закажани за 18 јуни), без оглед на најавениот бојкот на најголемата опозициска партија. Премногу малку време измина од моментот кога, во слична ситуација, истите бриселски елити испратија порака до граѓаните и политичарите на Македонија (пардон, на „јуар кантри“) дека Унијата нема да признае влада добиена на избори кои не се „инклузивни“. Токму таа кованица за инклузивни избори имаше за цел да порача дека цело е кога има сè, односно дека демократски избори не може да има без учество на најголемите политички партии, особено без опозицијата (во време кога СДСМ одбиваше да оди на избори – по вторпат). Да се потсетиме дека претходно беа измислени и други атрибути за изборите, како ефикасни и кредибилни, наместо фер и регуларни.

Што е тоа што македонските граѓани ги прави волови во овој контекст? Зошто изборите мораа да се одложуваат сѐ додека опозицијата не сложи да излезе на мегдан? Дали во Албанија нема населба како нашето Пржино, а во која би се потпишале договори, кои не само што се непринципиелни, туку се и противуставни – но се донесоа во интерес на постигнување на повисоко добро? Се разбира дека има елитни населби во кои живее дипломатскиот кор, а за волја на вистината, некои нам познати европски ликови продефилираа и таму, во обид да обезбедат компромисна спогодба помеѓу власта и опозицијата. Дали е можеби Албанија подемократска држава? Дека не е така, не треба да се слуша само она што го велат опозициските челници, туку и на пример „Фајненшл Тајмс“ кој ја именува нарко-држава во настанување (и тоа токму под палката на Рама). Како тоа тој згоден шмекер Еди Рама станал, ако не самиот Јупитер, тогаш барем негов фаворит? Европскиот бог, ете, одлучил дека за да изборите бидат празник на демократијата во оваа земја е сосема доволно ако учествува партијата на власт заедно со помалите партии! Ваквиот потег значи благослов за прејудицирана победата на „доброто момче“, Рама – без оглед на неговите националистички испади. Прашањава се реторички, бидејќи во црно-бел ракурс (кој не владее само кај нас, туку и во ЕУ), моќните сакаат да играат на сигурно и отворено ги поддржуваат ним симпатичните (или помалку лошите), наспроти другите политички актери. Директната споредба со Македонија е донекаде неможна, бидејќи овде не владееше шмекер, туку црни Грујо. Овде беше поттикната смена на режим и дадена отворена поддршка на опозицијата; во Албанија обратното е случај. Накусо, ЕУ покажува дека може да типува за едни или за други, што не е ништо ново. Ако пак и случајно победи непосакуваната опција (како Сириза во Грција), тогаш отворено се порачува дека изборите и програмите немаат значење, бидејќи ЕУ ја водат други (финансиски, банкарски) интереси, а не народната волја. Некои ќе се сетат и на многу други избори кои не им биле по волја, како на пример победата на Хамас во Палестина. Впрочем, и француските претседателски избори не минаа без отворено навивање само за едниот кандидат.

Навидум нема ништо лошо во тоа што ЕУ се обидува да едуцира, дисциплинира, наградува или казнува зависно од тоа дали „локалците“ постапуваат во согласност со европските вредности или барем декларативно се заложуваат за нив. Но, кога меката, „нормативна моќ“ на Унијата бледнее, односно самите општества не ги интернализираат европските вредности и стандарди, тогаш се применуваат малку поконкретни мерки и тоа без ракавици. Всушност, кога нормативната (вредносна, инспиративна и насочувачка) моќ на ЕУ нема да ги даде посакуваните резултати, што поради внатрешните контрадикции и неможноста демократијата да падне од небо и да пушти корења, тогаш на сцена стапуваат помалку суптилни методи, а демократски стандарди за изборите, медиумите, итн. се оставаат за подобри времиња – кога ќе победат и ќе се устоличат „нивните“, а тогаш сѐ ќе се врати на свое (европско) место.

Па, каде е тогаш проблемот, ако уставот и законите се дерогираат онака малкуцка и за повисоки цели, а големиот и убав план опфаќа и инклузивна демократија и владеење на правото? Проблемот е во тоа што ваквото директно мешање во интимниот однос на граѓанинот со неговите политички репрезенти е во најмала рака непристоен, и соодветен само за банана републики. Уште поважно е тоа што ваквото „олеснување“ на политичкиот процес не само што е контрадикторен и не остава можност од демократско владеење, туку и создава експлозивна ситуација. Семето на делбата и длабокиот политички конфликт, порано или подоцна, ќе изроди несакани плодови на гневот. Затоа, не треба воопшто да ѝ се завидува на Албанија, па дури ни на владејачката партија, која досега владее со акробатика и фрлање во воздух на албанштината и европејството. Проблемите се длабоки и ќе донесат тешки времиња, без оглед што саботните масовни протести минаа без насилство од кое се плашеа сите. Странски аналитичари велат дека избори со однапред јасен победник и со бојкот на опозицијата значат премногу моќна влада, но без никаков легитимитет. Навидум, се чини дека она што не ѝ доликуваше на Македонија, ѝ доликува на Албанија – и обратно! Но, поважно од тоа е што двете држави се во „сос“, ЕУ нема поим што треба да направи во т.н. Западен Балкан, кога и самата си има грижи и тоа со сопствените граѓани кои стануваат гневни и сѐ поотуѓени од власта. Опасно е што мнозина во двете држави, но и пошироко, од пораката на Хан ќе сфатат дека народот е релативна категорија, може да учествува на избори, ама и не мора – битно е да победат „добрите момци“. ЕУ арбитрарно одлучува што се демократски и инклузивни избори, признава влади, па и спикери на парламенти, дури и кога изборот е под темен облак на флагрантно кршење на правото. Тешко е да се верува дека пораката на Хан допре до граѓаните на Албанија, односно опозициски настроените сили, но дефинитивно стаса до македонската јавност. Граѓаните, и таму и ваму, добија уште една „потврда“ за лицемерието, безидејноста, импотенцијата и ароганцијата на боговите од бриселскиот Олимп.

Напишано за Нова Македонија