Доле влада, да живее владата!

Отсекогаш, а особено по конституирањето на нова влада, ми доаѓала на ум мудрата мисла на еден драг пријател и колега од Хрватска: кога нашите ќе дојдат на власт, тие престануваат да бидат наши. Со други зборови, критичката јавност има должност да ја држи на око актуелната влада која и да е, уште од нејзиниот прв ден. Критичкиот однос и дистанца помагаат објективно да се опсервираат јавните политики, но и кадровските решенија и нивните перформанси. Но, кај нас се заговара нов историски почеток, небаре Македонија дури сега почнува процес на транзиција – со што се негира тажниот факт дека дереџето во кое се наоѓаме е резултат на неуспешна транзиција, т.е. регресија за која се виновни колку домашните актери, толку и надворешните. Добивме нова власт (барем номинално, додека не се загребе под површината) која веќе доби епитет на „добрите момци“ (за жал, жени едвај и да има) кои ги замениле „лошите“, што е доволен успех по себе. Партијата која е столб на оваа влада едно време себе се перципираше како „државотворна партија“ (небаре Македонија од нив почнала), за да сега биде видена како партија со религиски елементи: партија која го вратила животот. Целата еуфорија помалку ме потсетува на доделување Нобелова награда за мир за идни дела (кои на крај се покажаа и како празни флоскули). Во ваква атмосфера како да нема место, ниту трпение за критичарите на власта. Голем дел од оние кои се бореа за смената на режимот, сега се кооптирани (или ѝ се нудат) на новата. Со други зборови, изреката за тоа дека нашите веќе не можат да бидат наши затоа што се власт, а ние (критичарите и аналитичарите) мораме да држиме критичка призма, во Македонија не само што не важи, туку е и забранета. И ова покажува дека уште долго нема да станеме нормална земја.

Сепак, со сиот ризик, да кажам нешто за новата влада. Ако изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ и партнерите најчесто наликуваше како план за работа на градежна фирма филуван со популизам, сега слушнавме само манифест. По две години битка со „бомби“, (наводни) консултации со граѓански сектор и експерти, и по петмесечно доцнење на процесот на нејзино конституирање – не може да не се забележи дека многу работи останале на ниво на општи места. Би очекувале дека времето на борба со режимот не било само парадирање, туку и време на тешка и конструктивна работа врз проектот како да се решат хималајските проблеми во секоја сфера на општествениот живот. Она што остана од блиските врски со „граѓаните“ (како што себе се нарекуваа оние силни активисти од НВО секторот за време на Шарената револуција) се инкорпорирање на нивните првенци. И тоа остава помалку горчлив вкус и впечаток на профитерство. Што се однесува до составот на новоизбраната влада треба без пардон да се каже дека таа е во старт полуинвалидизирана. Имено, до радикална промена (барем персонална засега) дојде само во македонскиот етно-политички блок. Непроменетиот и непрочистен дел од старата власт става и белег и сомнеж во квалитетот на новата влада. Циник би помислил дека ДУИ се подбива со оние кои бараа промени, давајќи министри од тврдото, некомпетентно и воено крило. Ако во министерска фотелја седна (по вторпат) командант Вентили, кој во 2001 година предизвика хуманитарна криза, тогаш станува јасно зошто Заев разговарал за принципи – за кадрите не смеел ни да се изјасни! Силен мандатар ќе одбиеше вакви предлози во влада од која се очекува толку многу (впрочем ќе одбиеше и етнизација на владината програма). Оттука, може да се очекува дека реформите ќе бидат килави. Видете го примерот со оние два универзитети измислени во партиските кујни. „Дамјан Груев“ ќе се преиспитува, но „Мајка Тереза“ останува неприкосновен, иако и тој служи за вдомување партиски доктори на науки. Пола невладин сектор влезе во владините структури или се подготвува да го стори тоа. Ако ВМРО-ДПМНЕ воведе педократија, луѓе без никакво искуство стануваа министри и директори, истото веќе се гледа и во новата.

Меѓу оние на кои им течеле солзи радосници при формирањето на владата (како што сами рекоа) се само „страдалници“ – истражувачи, активисти, професори, новинари… Колку покрупни солзи радосници, толку се тоа луѓе од повисоките општествени скалила. Оние кои врескаат „не им простувам за живот што ни го одземаа, што ни ја цицаа крвта, што со памук ни ја собираа радоста“ (и сѐ во тој стил) реално се луѓе кои виделе најмала мака во изминатите години. Како и за време на Шарената револуција, токму тие го земаа(т) правото да зборуваат во име на најобесправените. Најпатетични ми се оние кои секогаш молчеле и се криеле во глувчешка дупка, а сега крикнаа: „конечно, слобода и крај на стравот!“ Демек, немањето слобода и стравот ги инхибирале, ама сега кога ќе почнат да критикуваат! Море, пак нема уста да отворат, освен за да се додворат и да аплаудираат. Јунаците се познаваат на мака, а не кога нивните ќе дојдат на власт. Демократијата умира кога нема опозициска и критичка мисла, а во демократија мора да се слободни и оние кои не размислуваат како мнозинството или како победниците. ВМРО-ДПМНЕ е толку длабоко компромитирано, до исчезнување; СЈО и активистите не се воздржуваат партијата да ја наречат злосторничко здружение. А кога бивш министер и пратеник стане цел на вооружен напад, демократската јавност или жали што не бил усмртен или попристојните се радуваат што е жив за да доживее судска казна. Кој ли ќе остане да ја критикува оваа влада, а да не е на некој начин поврзан со ДПМНЕ и со тоа дискредитиран?

Во време на огромни предизвици во осиромашена земја, владата е на стаклени нозе. Притоа, се луксузира со министерства и министри без ресор, вицепремиер заштитник на интересите на капиталот, само четири жени, сомнителни ликови итн. Заев е слаб премиер, токму што беше и Хари Костов. Уште попразна е владината програма, во која изостануваат структурни и суштествени прашања (алтернативни извори на енергија, инфраструктурни проекти, враќање на долговите, промена на изборниот систем). Постои и евидентна колизија во генералната визија: граѓанска Македонија наспроти етнизирана. Над влада со мнозинство од само два гласа виси Дамоклов меч. Парламентот ќе се бори за кворум (а можеби и Ахмети конечно ќе почне да си го заработува лебот чесно, а не од Шипковица), а владата со постојани заемни уцени. Таа инстантно ќе носи популарни решенија не само затоа што тоа е најлесно, туку затоа што се ближат локални избори. Ова е почеток на нова изборна кампања, па затоа нема да биде време за промислени чекори и тешки одлуки, туку за блед популизам. Впрочем, експозето на премиерот беше егзалтирано наведување ветувања создадени да се прекршат. Така е кога ниту имаме Черчил, ниту нацијата е обединета. Само расипувачите на забави (партибрејкерите) ќе кажат дека далеку е сонцето, а прогнозите се лоши. Но, како во митот за Касандра, никој нема да ги земе сериозно додека не стане предоцна. Сега сите сакаат да веруваат во митот за стоте дена и бајките од експозето.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: МИА