Русија ante portas!

Неодамна на страниците на британски „Гардијан“ се појави бомбастична статија за некаков разузнавачки Ликс (leaks), навидум налик на Викиликс, кој открил голема и страшна тајна дека лошите дечки од Русија речиси десет години работеле на оддалечување на Македонија од Западот, користејќи и старомодни средства (чудни и мистериозни шпиони и конспиратори) и нови средства на влијание преку јавна дипломатија и „мека моќ“. Овој крунски „доказ“ се вклопи совршено во суптилната кампања која веќе подолго ја води еден број домашни медиуми, низ која се пласира едно „застрашувачко сознание“ дека Македонците гледаат на Русија како на пријателска земја. Едно нарачано истражување на јавното мислење околу надворешно-политичките ориентации покажа дека дури 17 отсто испитаници искажале позитивно мислење за Русија. Замислете, овие безобразници го спуштиле оној неверојатен процент од 95% поддршка за Западот, типичен само за Албанија под Енвер Хоџа и Бугарија под Живков! Тие се дрзнале да не припаѓаат на другите 83 отсто кои во Западот гледаат најголем пријател. Оваа теза почнува да се повторува ad nauseam (до згадување), и тоа со двојна цел: од една страна, со тоа би требало да се докажат штетните ефекти на перфидната политика на лажните патриоти од ВМРО-ДПМНЕ; и второ, ваквиот пристап на искрена шокираност и загриженост на новинарите е превентивна дисциплинска мерка во однос на сите оние кои – не дај Боже – би се осмелиле да го критикуваат Западот. Интересно е што статијата на „Гардијан“ се занимава со „самопротекување“ од македонската агенција за контраразузнавање, а текстот го обработиле познати македонски новинари. Приказната за руското влијание преку медиумска пропаганда од наши новинари, кои мислат дека одработувањето за Западот е доблесно, земјата (одново) ја подметнува како паричка за поткусурување во трансакциите на Големите сили. „Фабриката“ создава вест и ја објавува во Британија, за потоа овде како извор се цитира угледниот „Гардијан“! Кругот е затворен! Поттикнувањето стравови е самоисполнувачко пророштво. Ако Русија навистина сака да го наметне своето влијание во Македонија, ваквите „вести“ имаат повеќе ефект на бесплатна реклама одошто на демонизирање.

Обвинувањата на сметка на Русија и нејзината класична (вклучително и тајна), и особено за јавната дипломатија се во најмала рака смешни, и тоа од неколку причини. Прво, ако некој верува дека амбасадите/дипломатите постојат од алтруистички причини и дека дејствуваат за интересите на земјата во која се испратени, тоа е несфатливо големо незнаење и наивност – или лицемерие. Тоа што доброволно сме се одрекле од суверенитетот, па и од државноста, и сме станале не само протекторат, туку и колонија на Западот, е наш проблем, а не проблем на тие што тоа го прават систематски и смислено. Да ја обвиниш Русија за некакво конспиративно мешање во нашиот (демек!) сигурен пат кон НАТО и ЕУ, па уште и за негово попречување, е исто така патетично – бидејќи, ниту сме на патот, уште помалку на прагот. Внатрешните делби се наше оригинално дело, а оддалечувањето од НАТО/ЕУ го правиме доволно добро и без руска помош, иако придонесот на Атина, Вашингтон и Брисел не е за потценување. Тоа што странските дипломати и разузнавачи овде се однесуваат како во село без кучиња е наша вина, а не нивна – тие покажуваат дека го заслужуваат секој цент со кој се платени. Тоа што нашите амбасадори и конзули мислат дека се на неколкугодишен одмор во странските земји, е повторно наш проблем. Второ, присуството на Големите сили е старо колку што е стар и Балканот – неговата тешка историја не е случајна и е последица на нивниот судир на интереси. Дејноста на разузнавачките служби од соседните држави е исто така историски факт, а ефектите видливи уште пред Балканските војни, па до денес. Трето, Русија е аматер кога станува збор за дипломатија, особено за јавна и културна дипломатија. Американските амбасадори се одомаќинети и прифатени како зачин во секоја манџа, но ако руското МНР објави две соопштенија во врска со драматични настани, тоа се смета за скандал и мешање во внатрешните работи (а внатрешните работи беа смена на режим, со западна асистенција). Никој не му замери на Џон Кери што со реторика од Студената војна нѐ смести на линијата на фронтот, но виновна е Русија што го прави она што го прават големите сили – ги бранат своите себични интереси. Што се однесува до јавната дипломатија, ако одликувања им доделуваа(т) на луѓе како Миленко и Мирка, тогаш е повеќе од јасно дека тоа е пукање во (руска) нога. Некој ќе ги спомене и ордените за Иванов и за ректорот на УКИМ, но во што се тие позначајни од, на пример, ордените за храброст за војниците кои учествуваа во империјалистичките операции во Ирак и Авганистан? Или наградите за новинарите-еврофили, кои пишувале „истражувачки“ стории со кои ја популаризираат ЕУ како рај на земјата? Кога прочитав какви страшни завери ковале Русите, почнав да се преиспитувам, бидејќи пред неколку години направив голем грев против Западот – напишав неколку колумни за „Руска реч“. Готова сум! Раскринкана со мојата субверзивна дејност за сметка на Русија – особено што сум позната по моите анти-НАТО ставови! (Колумните се и натаму достапни, но глупавите Руси наместо да ми истурат куп пари на сметка да ги популаризирам, го згаснаа проектот по неколку месеци.) Но, ако Џереми Корбин е руски колаборатор, која сум пак јас да бидам поштедена?!

Со децении се мантра дека нема друга алтернатива освен НАТО и ЕУ затоа што „отсекогаш сме биле дел на западната цивилизација“. Тоа е рефрен типичен и за многу земји, кои се дистанцираат од своето „источно“ минато и култура, и докажуваат историска блискост со Западот. Тоа не е ништо друго, туку самоприфаќање на западните стереотипи за Ориентот (за кои пишуваше Едвард Саид) и за нас самите. Се шминкаме и самоодрекуваме од својот културен идентитет во надеж дека Западот ќе ни прости што сме биле дел на Византија, Отоманската Империја и социјалистичкиот свет. Во свет во кој маршира турбокапитализам е бесмислено и да се зборува за глобални поделби. На Западот јакнат антикапиталистички тенденции, и тоа однатре, од енклавите на сиромаштијата. Во земјите на светскиот Југ јакне корпоративизмот. Русија одамна не е Исток, а тоа уште помалку се Кина и Јапонија. Теоретичарите зборуваат за настанување на мултиполарен поредок, со белези на нова Студена војна. Левата идеја е оцрнета до степен на неможност од морална и политичка рехабилитација, но преку Сандерс и Корбин дава знаци на (нов?) живот. Нашите вљубеници во Западот со глава в песок не признаваат дека победата на Капиталот е Пирова: доведува до милитаризација, уништување на животната средина и социјална неправда. Најсубверзивната идеја денес е да се деконструира вештачката поделба Исток и Запад, Север и Југ. Манихејската верзија на светот во кој постојат Добрите и Лошите е со цел да нѐ спречи да ја видиме глобалната слика на човештвото во заложништво на малцинството богати и моќни.

Напишано за Нова Македонија