Заедничка историја

Како што можеше и да се очекува, посетата на владината делегација на Софија ја разбранува македонската јавност многу повеќе од средбата во Атина, иако таму добивме студен туш, а во Бугарија – топла братска прегратка. Ништо чудно, бидејќи близината е токму оној фактор кој ја буди нарцисоидноста на малите разлики и стравот дека со нејзиното признавање го доведуваме во прашање сопствениот национален идентитет (поточно, посебност). Тоа е така е со сите мали нации ширум светот. Премиерот Заев се појави како божјо провидение за националист како Бојко Борисов: со својата прва посета испорача многу повеќе одошто овој можеше и да очекува од новата влада. Пораките на македонската делегација дека го признава концептот на заедничка историја, како и дека ќе ги ревидира учебниците по историја и од нив ќе отстрани сѐ што не е во духот на добрососедството и соработката, создадоа оргазмички ефекти во бугарската јавност. Божидар Димитров веќе ја гледа остварена неговата мечта за еден народ во две држави, кој нужно ќе се обедини во една. Но, македонската јавност се сеќава дека оваа мечта своевремено ја промовираше и еден друг Димитров (Димитар), кога во 90-те ги спозна своите бугарски корени и повикуваше токму на концептот на заедничка историја. За да биде уште поинтересно, тој е таткото на денешниот министер за надворешни работи.

Но, што е проблематично во тезата за заедничкото минато на бугарскиот и македонскиот народ? На прв поглед, ништо! Два народа со словенско потекло, со сличен јазик и култура, а кои со векови живееле во ист државен контекст, нужно имаат заедничка историја, па и заеднички (анти)херои. Историските текови се преклопувале, за добро или за зло; културните дејци дејствувале и таму и овде. Иконите на македонската национална борба и култура, како Гоце Делчев и Крсте Мисирков, своевремено се декларирале за Бугари. Проблематично е нешто друго. Тоа е уценувачката политика на Софија, која отсекогаш стоела на националистички позиции кон „најромантичниот дел на бугарската историја – Македонија“. Проблематично е што во заедничкото чествување на Илинден се ставаме во шизофрена положба: како да го славиме првиот (1903) во кој наводно заедно сме се бореле против турската власт, заедно со вториот (1944) кој меѓу другото значи и победа над бугарската окупаторска власт? Бришењето на зборот „фашистички окупатор“ од спомен обележје на жртвите на окупаторот е само рехабилитација на темните страни на бугарската историја. Од супериорна позиција, Бугарите наметнуваат историски ревизионизам, а историјата ја третираат како самопослуга од која се земаат само добрите и позитивни настани/личности, а негативните се запретуваат длабоко в земја. Ако се спомнат, тоа се смета за непријателски чин. Прифаќањето на заедничка историја само со Бугарија е негирање на заедничката историја на сите балкански народи (за добро или за зло), па дури и заземање непријателски однос кон некои (Србите се архетипскиот историски непријател на Бугарија, а Македонија е позната како јаболко на раздорот меѓу нив).

Да се разбереме, не станува збор за „споделена историја“ (како што нѐ убедува Фрчкоски), туку за заедничка историја на еден искривоколчен начин. Историја на наводен заеднички происход, односно за Македонците како заблудени синови/ќерки, заведени од Југославија (Србите) кои заборавиле дека се всушност Бугари. Концептот на споделена историја е нешто сосема друго! Тој означува одземање на ексклузивното право на историчарите да го толкуваат минатото, со вклучување на други општествени актери и доаѓање до историските факти по принцип „одоздола нагоре“, а не обратно – со сервирање на готови (и обично, неприкосновени) историски наративи. На Балканот, за жал, никој не е подготвен за споделена историја (shared history), па ни Бугарите, бидејќи доколку се прифати, нужно ќе се дојде до болните точки – воени злосторства, кршење на човековите права, итн. Доказ дека Бугарија (која не е исклучок) не се европеизирала, па затоа и нема морален кредит тоа да го бара од соседите, е токму положбата на македонското малцинство кое со децении се бори за своите права. Не помогнаа ниту пресудите на Европскиот суд за човекови права! Тоа што Заев се поклонил пред помпезен споменик на Самоил (нашиот е поголем!), нема никакво фактичко значење за македонско-бугарските односи, исто како што и евентуалното поклонување на Борисов на Мечкин Камен нема да значи извинување за злосторствата од Балканските војни или окупацијата во Втората светска војна. Работите мораа(т) да се постават на вистински колосек, па да се вооружиме со трпение за да тргнеме по мачниот и долг пат на заемно помирување. Инсистирањето на некакво лажно помирување, кое едната страна го смета за виткање рбет, а другата за национална победа, само остава зло семе кое и натаму ќе го подгрева национализмот и исклучивоста на двете страни.

Владиното избрзување, како прле пред магаре, пред истекот на првите сто дена, пред воопшто и да се обезбеди позитивна општествена клима, е погубно и за внатрешната и за надворешната политика. Владата ниту има силна парламентарна поддршка, ниту пак може да смета на јавната; оттука, ова се ветувања кои не произлегуваат од силен, туку од слаб премиер. За да се добие некој позитивен поен во Брисел, Македонија оди „грлом у јагоде“, ризикувајќи ја внатрешната стабилност и легитимитетот на власта. Но, не смее да се заборави дека доктрината на шокот на која сме изложени е резултат токму на погубната политика на апропријацијата на позицијата „бранители на името/идентитетот“ од страна на ВМРО-ДПМНЕ. На крајот на денот, двете најголеми партии ги деградираа(т) и сведуваа(т) националните прашања на паричка за поткусурување во меѓупартиската битка и на пуста надеж дека некако ќе се стаса до НАТО и ЕУ (без оглед на цената што треба да се плати за влезница). Сега, кога ВМРО-ДПМНЕ е посрамена и фатена со рацете во медот (на корупциски и други скандали), секој збор на критика против необмислената и наивна (не сакам да мислам на она другото, дека ова не е од наивност) соседска политика се девалвира како дпмнеовштина. Нашата Ахилова пета е неможноста да оствариме помирување и соживот во рамките на земјата, а нудиме ветувања кон надвор. Особено загрижува оној „мал детаљ“ (прашањето на јазикот) за кој лидерите на двете земји употребија езопов речник, за да не се сетиме. Со компромисно име (за да се задоволат Грците), без јазик (за да се задоволат Бугарите), Македонците (о)стануваат аморфна маса. Наместо да служи за остварување на националните интереси и промоција, надворешната политика постојано докажува дека сме недржавотворен народ, кој за надвоешно-политички цели е подготвен да се откаже од себе. Еден познат борец за малцинските права во Грција ми вели дека треба да се гледа напред, а не назад; дека е време за отворање (европски) перспективи и ставање акцент на развојот, а не утврдување чиј е Самоил. Ако не сосема, тогаш во голема мерка се сложувам со него, но овде надворешно-политичката агенда е таа која ја крои домашната политика, а не обратно.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: Zoran Zaev via Facebook