Абортирана револуција

Кога револуција ќе заврши со реформска влада, сѐ е јасно како ден, освен за оние кои се при очи слепи: револуција никогаш и немало – освен како говорен чин и помодарска појава. Кога во владата на водечките позиции ќе седнат социјалдемократски богаташи, а и по некој хомофоб и теолог, смешно е и да се очекуваат системски решенија од кои бенефит ќе видат најранливите и најсиромашните. Револуцијата беше абортирана уште во мигот кога стана невладина, кога ја навјасаа професионалните „борци за човекови права“ и ги корумпираа оние од студентскиот пленум во кои видоа потенцијал. Американската амбасада ги покани на свечен прием за 4 Јули, и така им ја зацрта иднината. Во минатогодишното интервју за словенечко „Дело“ кажав дека „револуцијата“ ниту допира до најмаргинализираните слоеви, ниту зборува во нивно име; таа ги користеше за себепромоција, особено кога невладини активисти се претставуваа како „Ние, Граѓаните“. Дека биле привилегиран слој на граѓанството се гледа сега кога секојдневно стасуваат вести за заземање некоја советничка позиција или раководно место во државната управа. (Овде нема ни да се занимавам со оној трагикомичен случај на млад член на СДСМ кој два дена пред поставување на чело на Агенцијата за државна администрација си даде оставка од Извршниот совет, за да го задоволи условот носителот на таа функција да не е член на политичка партија. Но, ете и тоа минува – затоа што некои мислат дека јавноста пие нафта.) Тоа дека куртомуртозиацијата е длабоко всаден чип во македонската политичка култура и пракса не е никаква новина. Таа е само плурална верзија на практиката на едноумието кога властодршците мораа да бидат окружени со клиентела, со подобна биографија.

Првите сто дена на новата реформска влада минуваат во знакот на вработувања преку кооптирање на твитерџии, блогери, ФБ поети, заслужни активисти на шарената револуција. Ни нема спас! Во девастирана Македонија по десетгодишно коруптивно владеење, на моменти скарано и со здравиот разум, очекувањата беа дека ќе се заврти нов лист. Но, на дело е профитерство: оние кои проповедаа демократија и човекови права за грантови, сега тоа го прават за државна плата. Менталната матрица од времето на едноумието се перпетуира 26 години во вид на партитокрација. И не само што опстојува, туку и цути со „милиони цветови“ на невладиниот сектор. Одбраната гласи отприлика вака: „А што сакате бе вие? Да ангажира [Заев] некој што си седел по папучи дома додека овие ги гонеа, апсеа и влечкаа по судови? Некој што излегол на протест два пати, оти другите 20 пати му врнело и му студело? Да не завидуваш случајно?“ Така, слоганот „нема правда, нема мир“ се смени во победничка правда, мир со државна функција. За еуфоричните „победници во Револуцијата“ (и нивните вљубени/заслепени симпатизери) ваквото позиционирање на „првоборците“ е сосема во ред! Тие не ни помислуваат колачот и привилегиите (подведени под фразата за преземање одговорност за обновата на земјата) да ги споделат со некој натрапник, а уште помалку пак слушнале за некој друг принцип на регрутација на квалитетни кадри, освен по критериумот „учество во револуцијата“. Очигледно, малкумина знаат или сакаат да знаат што е меритократија во градењето на институционалните капацитети. Во вистинската демократија, граѓанинот учествува во политиката, со протести или низ други акции затоа што е граѓанин, а не затоа што очекува да биде награден по победата. Името на овие вторите е профитери! Се разбира, оние кои биле најзаслужни во политичката/партиската битка против режимот е нормално да добијат ПОЛИТИЧКИ позиции (пратеници, министри, заменици министри). Но, тоа е граничната линија до која треба да се регрутираат кадри по партиски заслуги. Меритократијата во нормалните и функционални држави значи дека на места за кои се бараат стручни компетенции и искуство, а не активизам и паролаштво, треба да дојдат најспособните, дури и ако можеби седеле дома во папучи додека тие, мачениците, марширале. Дури и КПЈ имала повеќе сенс по вистинската револуција (и НОВ): во годините по војната ги искористувале најдобрите и најспособните („милом или силом“), за да ја извадат земјата од урнатините. И тие коишто не биле партизани добиле одговорни места предвидени за кадри со знаење и искуство, а меѓу нив врвни професори, инженери, лекари, па дури и еден Иво Андриќ e рехабилитиран и покрај контроверзната дипломатска кариера.

Критиката која доаѓа од сегашната опозиција е декласирана и без никаков политички или морален ефект, дури и кога (со задоцнување од десет години) зборуваат принципиелно. Оттука прашањето: кој ќе ја опсервира, контролира (watchdog функција) и критикува власта, кога токму оние кои по дефиниција треба/ше да го прават тоа се вдомија во владините кабинети? Веќе напишав дека македонскиот невладин сектор не ја прифати единствената правилна позиција: кога нашите ќе дојдат на власт, престануваат да бидат наши! Овде е обратно: невладините станаа владини, затоа се предмет на критика. НВО секторот го брендираше гневот и создаде привид на „револуција“, ставајќи се себе на услуга на политичката опозиција. Сега го жнеат она што го сееја. Се разбира, од неколкуте илјади луѓе кои протестираа (или шетаа кој со скап велосипед, кој со кутре), создавајќи привид на „случување на народ“, само елитата се офајди. Многу поважно е што онака како што го киднапираа автентичното протесно движење, така сега и го предадоа. Кванго организациите (квази НГО) се претставени на разни советнички, директорски или слични места, па таман бродот и да потоне – затоа што не седеле дома со папучи, туку храбро марширале и воделе „револуција“ во која сѐ е исто, само него (Груевски) го нема. Ми вели пријател (до пред некоја година партиски неопределен): не ми се допаѓа твојот песимизам, дај им шанса на децава, гледај дека се елоквентни и чесни. Па нели ВМРО-ДПМНЕ воведе педократија? Дали елоквенцијата е замена за стручност? Па тие деца со елоквенција добиваа огромни грантови, а ефектите – никакви. Чесност? Чесен е и чистачот на улица, ама никој не го зема за советник, дури ни во Комуналец. Победниците страдаат од кокошкино слепило, но чудно е што дел од протестирачите ја бранат комерцијализацијата на гневот. Разочараните велат: на власт е ВМРО-СДСМ, потребно е нешто ново! Не сфаќаат дека предавството на активистите е силен удар на секоја помисла за нешто такво. Тешко е веќе и да веруваш некому, ќе се дува и на јогурт. За идеале гину само будале, а овие не се будали. Откако гневот стана бренд на обоена револуција, тој се смири вгнездувајќи се во владините кулоари. Бунтот и критиката се сведени на личен акт; во колективите сите се еднакви, но некои се поеднакви (и позаслужни) од другите. Кооптирањето на НВО кремот во парламентот, владата, јавната управа и служби остава неизбришлива лузна. Цивилното општество е кастрирано и компромитирано. Без кредибилна опозиција и невладин сектор, со разочарано граѓанство, и со (слаба) влада на богаташи без идеолошка и политичка платформа – животот лесно ќе се претвори во имитација на животот.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: Getty Images/DNY59