Бреин дреин ефекти

Се сеќавате ли кога своевремено беше објавена книга на исклучително ступидни изјави на претседателот Буш, наречени „бушизми“? Феноменот на лидери/политичари кои предизвикуваат подбив и смеа е и тоа како присутен (доволен е примерот на Трамп), но она што јавноста најчесто го перципира се конкретните ликови. Ретко кој се прашува како е можно вакви карикатурални ликови да бидат лидери. Еден гаф/лапсус/глупост се заборава, бидејќи е набргу заменет со нов. Ми требаше напор да се сетам на еден своевремено „популарен“ lapsus mentis на Груевски од 2012 година: изјави дека Црвенковски е длабоко заглавен во алтруизам (мислејќи на аутизам). По две години следуваше лапсусот на Иванов дека Ширак е бивш претседател на САД. Опозициските медиуми и интелектуалци велеа: и да е лапсус, многу е… Сега ситуацијата е обратна: молчат како риби кога Заев ќе каже колку е добар „бреин дреин-от“ буквално, т.е. растресувањето на мозоците. (овој англиски израз значи „одлив на мозоци“, т.е. масовно иселување на најобразованите луѓе, феномен од кој нели страда и Македонија). Додуша, тие молчеа и кога покажа незнаење на англиски во Скопје, кога се гаѓаше со падежи во Сараево пред очајните новинари кои се обидуваа да ја одгатнат смислата на кажаното, но и на онаа (не)славна изјава дека кога ќе дојдат на власт ќе јадат живи луѓе. Катица Јанева стана дури и симбол на борбата против режимот, иако станува збор за потпросечен правник, со тешкотии не само во изразувањето, туку и во читањето. Сликата на министер-професор кој не умее да презентира ребаланс на буџет е само најнова епизода во серијалот. Сега сеират провмровските новинари и интелектуалци, небаре „нивните“ беа подобри и поартикулирани. Крајниот резултат е поразителен: се вртиме во круг, како заробени статисти во непрегледната македонска верзија на политичкиот трилер „Глупавиот и поглупавиот“ (велам трилер, бидејќи ова никако веќе не е смешно и не може да се нарече комедија, па дури ни трагикомедија; сѐ уште сме во грч, затоа што не само што не се гледа разрешница, туку во „срцето на демократијата“ – како што Заев го нарече парламентот – се одвиваат и „тајни вечери“). А прашањето не е кој треснал поголема глупост и повеќе се/нѐ посрамил, туку како надвор од криза со вакви луѓе на чело на државата?

Глупоста, неукоста и недоветноста во политиката се стар феномен. Орвел напиша: „дали [британската] владејачка класа е злобна или само глупава е едно од најтешките прашања на нашето време, а во одредени моменти е и исклучително важно прашање.“ Од време навреме, ова прашање одѕвонува во различни земји. Има мислења дека приглупиот изглед и однесување на лидерите не е случајност во демократијата: кога и пошироката јавност им се потсмева, гледа дека не се од некаков посебен ков, туку се обични луѓе со недостатоци, тоа ги прави поблиски и поприфатливи. Притоа, таквите комични фигури не изгледаат ни премногу опасни. Една друга теза вели дека дури треба да сме и благодарни за глупавоста на лидерите, бидејќи поради неспособноста да ги имплементираат нивните најлоши идеи не се опасни. Но, италијанскиот историчар Карло Чипола не се сложуваше со овој бениген поглед на глупавоста, утврдувајќи ги петте закони на глупавоста: 1) Секогаш и неизбежно се потценува бројот на глупави поединци во циркулација низ општеството; 2) Веројатноста дека одредена личност ќе биде/е глупава не зависи од другите нејзини карактеристики; 3) Глупава личност е онаа која предизвикува загуби/штети на други лица или групи, иако самата не само што не извлекува корист од таквите постапки, туку дури и може да претрпи штети; 4) Неглупавите луѓе секогаш ја потценуваат штетноста на моќта на глупавите. Тие особено забораваат дека секогаш и секаде и под сите околности работењето или здружувањето со глупавите станува грешка со скапи последици; и 5) Глупавата личност е најопасниот тип на личност, затоа што нивните постапки не можат да се објаснат со себичниот интерес или рационалност. Или, како што вели Чипола: „Интелигентната личност може да ја разбере логиката на бандитот, бидејќи тој ја следи матрицата на рационалноста: одвратна рационалност, ако преферирате, ама сепак рационалност“. Класификацијата на личности кои ја прави Чипола се состои од пет категории лица: интелигентните се оние кои даваат придонес за општеството и за тоа се соодветно наградени; беспомошните лица даваат општествен придонес, но се искористувани од општеството (и особени бандитскиот сектор), иако во оваа група можат да влезат и екстремните алтруисти и пацифисти кои свесно одбиваат место меѓу интелигентните од морални или етички причини; бандити се оние кои работат само за сопствен интерес, дури и кога тоа носи голема општествена штета; глупавите луѓе прават напори кои се контрапродуктивни и за нив и за другите; и конечно, неефективните се во центарот на оваа поделба. Оваа слика дава повеќе можности за позиционирање на лидерите. Ако цениме според личното богатство кое го поседуваат, а е стекнато во текот на владеењето или уште и пред тоа, па дури и кога ја замајуваат јавноста со недвижнини и друг имот на име на родители или деца, тие луѓе се поблиску до бандити отколку до глупаци. Сосема друга работа е што во современиот свет, лидерите воопшто и не се лидери, т.е. предводници, туку се обични политички претприемачи кои дејствуваат во име на далеку повлијателни центри на моќ. Зошто се одбрани токму тие, со сите нивни (интелектуални и образовни) дефицити е сосема друга работа. Можеби затоа да ни наликуваат на „луѓе од народот и блиски до народот“, затоа што се флексибилни и не прашуваат многу? Со медиумската пропаганда, и пингвин ќе заличи на лидер. Затоа и постојат „фабриките“, порано со обични купени новинари, а денес со луѓе со пософистицирани вештини. Оттука помалку треба да нѐ загрижува привидната глупост и недоветност на премиерот од фактот дека во реформската агенда на владата, на високо место стои токму преземањето на пропагандните стратегии на стариот режим, со цел нивно „реформирање“ и надградување во полза на новиот. Министерството на Вистината на чело со човек кој имаше можност да ги преслушува сите снимени разговори, зајакнат со екипа на твитерџии и специјалисти за комуникации, повторно потсетува на Орвел. Што да се каже кога дури и Бубо Каров, сатиричарот кој се жалеше на страховлада и на тоа дека не можеш да пишуваш сатира во ваква искривена стварност, одеднаш стана дел на К-15 Влада? Тоа што Јована од сатиричната „Фчерашни вести“ (богато спонзорирана од британската амбасада) станала портпарол на оној немушт министер за финансии, повторно прави асоцијација на Британија – ама сега на Монти Пајтон. Позната професорка-активистка извика: „не сакаме замени, сакаме промени!“ – и веднаш ја ангажираа во владин тим за реформа на правосудството. И еден друг познат по фабрички грешки критикуваше СДСМ-овски Филимени, за самиот да стане тоа. Што да се каже? Од овој штоф – толку! Замена нема, а она што наликуваше на нов штоф е веќе кооптирано во удобните коридори на власта. Затоа, brain drain му е лекот, ама оној вистинскиот со куфери в рака!

Напишано за Нова Македонија
Фото: Zoran Zaev/Facebook