Илинден во банана-републиката

Во бурата реакции во врска со билатералниот договор со Бугарија во очи ми падна една, која во една реченица (т.е. Фејсбук статус) го сумира апсурдот содржан во актот: „Што бара термин историја, а уште помалку заедничка историја, во договор за добрососедство во 21 век? Од политичари заглавени во 19 век си патиме“. Низ призма на модерните меѓународни односи, договор кој „регулира“ односи кои се одамна апсолвирани помеѓу членките на ООН, но и многу други меѓународни организации, е во најмала рака опсолетен. Тој, „речиси перфектно“, да го цитирам премиерот, уредува нешта кои одамна не се никаков проблем дури и меѓу овие две држави. Би бил тој и смешен да не е ова сосема асиметричен договор, во кој како кукавичко јајце се вметнати оние работи кои ги болат уште од поништувањето на Сан Стефанска Бугарија. Веројатно мислат дека разумен човек нема да ја забележи сета перфидија и перверзија со која поголемиот брат му наложува на помалиот да слуша, инаку – нема НАТО и ЕУ (небаре пак само од нив зависи!). Со пријатели како вас, кому му требаат непријатели? Договорот е мала политичка (националистичка) победа на Бугарија, нешто со што Борисов ќе може да ги подгрева националистичките страсти, кога веќе не може да ја подобри благосостојбата на своите сиромашни граѓани. За граѓаните на Македонија тој е спакуван како (прилично голема) зашеќерена лажга, бидејќи е само обланда која го крие „ѓаволот во деталите“, оној за непризнавањето не само на македонската нација и јазик, туку уште поважно – на македонското малцинство. Македонската влада во тајни преговори во Софија, а можеби и на друго место, како и на тајна вечера во парламентот, се сложи да го заобиколи не само Уставот, туку и фактот дека Бугарија го крши меѓународното право во делот на заштитата на малцинските права. Формулата е едноставна: ако сме исто, ако не постои македонски народ, тогаш нема ни потреба од заштита на малцинство на непостоечка нација. И се разбира, тоа не е ниту нешто ново, ниту непознато и за Брисел и за Вашингтон. Дури и судот во Стразбур е добро запознаен со демократските „постигнувања“ на Бугарија на овој план. Но, геополитичките интереси надвладуваат над човековите права и правдата. Веќе е и патетично да се вреска за двојните стандарди. Ако се каже дека Македонија е буквално уценета (и сите нејзини влади, без разлика), веднаш ќе ви го цитираат Тукидид: моќните прават што сакаат, слабите трпат што мораат. Дури и ќе потсетат дека Брисел гледа со огромна радост на чекорите од седум милји на Заев. Реално гледано, настрана емоциите, нема да се случи ништо: политичките врхушки отсекогаш знаеле и да се скараат и да се помират во име на своите граѓани кои не ги ни удостоиле со целосна информација сѐ до „пет до дванаесет“, кога ќе ги стават пред свршен чин. Стереотипите и предрасудите не само што ќе останат длабоко всадени, туку и ќе процветаат. Поради националистичкото слепило можно е да не видиме нешто уште поважно. Двете (европски?) влади се заложуваат за санкционирање на мислата (злата мисла/злонамерата кај поединци!?), како и за ревидирање на историјата. На ум паѓа епизодата на ретуширање на фотографија од која се бришат неподобните од „Книгата на смеата и заборавот“ на Кундера. Пред да се зафатат со читанките и образованието, веќе почнаа да ги делкаат спомен-плочите на народните херои од Втората светска војна. Она што треба да ги плаши и двата народа е сталиновиот шинел од кој излегуваат саканите лидери.

Најмногу емоции подигна прашањето за заедничкото чествување на Илинден и други празници и личности. Ова го бара држава чиј најголем национален празник е поврзан со Договорот од Сан Стефано, со кој ја добила територијата на Македонија, иако никогаш не стапил во сила. Овде, пак, се верува слепо во автентичноста на (инаку, прекрасниот текст на) Крушевскиот манифест, иако бил напишан две децении по востанието. Илинден е речиси исклучиво македонски симбол, иако уште во она време идеолозите на востанието промовирале пошироко значење на зборот „македонски/Македонци“ (во политичка и граѓанска смисла, а не етничка). И постојано помируваме две непомирливи нешта: во исто време на Гоце Делчев се гледа како на апостол на македонската борба, иако бил против избрзано востание, и се слави она што тој сакал да го спречи (давајќи го својот живот) и што донело неверојатно страдање на цивилите. Бугарите на Илинден фактички ќе го слават своето предавство на македонските браќа (во 1903 ги оставиле сами да гинат, а во 40-те години ги окупирале и вршеле злосторства. Ние славиме еден пораз (а не сме ни единствени во регионот, од Косовската битка до онаа за Вуковар) и една победа (од АСНОМ). Но, нашиот најголем срам и пораз за двата Илиндена е ликот на денешна Македонија, раскарана и опустошена поради некадарност и корумпираност на вождови-слепци кои упорно нѐ водат во бездна. Сетете се кога последен пат сте биле среќни и горди за време на празникот. Дали морници ви поминуваат пред онаа старомодна сценографија и уште постерилни говори на безидејни политичари, кои се ротираат од Скопје до Крушево и новокомпонирано (и запуштено) Пелинце? За да циркусот биде поинтересен тука се сега и оние смешни фалангисти, покрај коњаниците. Четврт век на очај и назадување создаде аномија и апатичен народ, кој толку многу го обичаат и Бугарите и нашиве вождови, но кој одамна ни на мртво да плаче и на живо да се смее. На Мечкин Камен, Борисов може да каже што сака, нема кој да го слушне, најмалку „заблудените Македонци“, кои си имаат свои маки. Талат, и самиот востаник од 2001, е вистинскиот човек за главниот говор. Тоа што веројатно ќе се обрати и на албански ќе биде само евтин штос пред локалните избори. Останува фактот дека Албанците „го почитуваат овој македонски празник, ама не го слават“, без оглед на убавата порака од Манифестот и АСНОМ. Она што треба најмногу да вознемири не е овој ритуал пред луѓе донесени со партиски автобуси, туку тоа што Струга и натаму се гуши од дивата депонија, а во гостиварско умираат од епидемија, чии предизвикувачи ја туркаат под чергиче сите влади. Се умира како од времето на Илинден, од нечистотија, од неукост, од немање инфраструктура или здравствена култура и заштита. И што има тука да се слави? Ако нешто не ни е јасно, министерот Таравари ќе нѐ прати на психијатар – и решен проблем!

Пред Илинден американска војска влегува во земјата и го изложува оружјето на смртта пред нашите деца, токму пред Порта Македонија! Ако Илинденците гинеле за ослободување од една Империја, за најнапредните идеи во тоа време, нивните потомци се подготвени да гинат за друга Империја, правејќи од државата – банана-република. Зошто да не ги рехабилитираме Бугарите за окупацијата, кога сега и самите сме соучесници во американските окупациски потфати? Инаку, името на воената вежба (Dragoon Guardian) зборува само по себе: во англискиот јазик, како глагол зборот драгон значи да прогонуваш, вршиш принуда, опресија со воена сила.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: МИА/ЕПА/Влада на РМ