Јустиција во Македонија

Додека ја пишувам колумната, јавноста е во очекување на одлуките на судот во врска со барањата на СЈО за одредување притвор на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и на неколкумина од врвот на партијата. ТВ студија се претворени во јавни судници, насловните страници на провладините весници со карикатури на кои Груевски е зад решетки или (уште полошо) насликано е СЈО (во вид на Јустиција) како со моторна пила прави масакр околу себе, а насловот е „Правдата сама ќе си се задоволи себе“. На ова претходеше прес-конференција на Катица Јанева и тимот обвинители, на која таа ѝ се заблагодари на јавноста за сета поддршка – небаре добила легитимитет и мандат на непосредни избори, а не по пат на тајни меѓупартиски договори посредувани од странците! Понатаму, таа вети дека ќе ги продолжи истражните дејствија и ќе ги преслуша снимените разговори кои преостанаа, и покрај тоа што законскиот рок за подигнување обвиненија истече. На крајот, од присутните новинари побара аплауз за нејзиниот посветен тим „без кој ни таа не би можела да си ја заврши работата, ниту тие можеле без неа“ – и го доби! Добар дел од провладините новинари ја послушаа и ја поздравија институцијата која ја претставува само едната страна на судската постапка во која треба допрва да се утврди вистината и изрече праведна одлука. Со тоа се ставија во служба на обвинителството, а не нужно и на правдата – бидејќи (дури и да го запоставиме принципот на пресумпција на невиноста) само судот е и мора да биде најобјективната страна во судскиот спор, кој врз основа на презентираните докази ќе донесе конечна одлука. Во моментов, онаа иста јавност која со години – сосема со право – укажуваше дека мерката притвор се претворила во казна по себе, сега настрвено очекува изрекување таква мерка за омразените политичари. Реформата на правосудството може да почне, ама отпосле, откако овие неранимајковци ќе бидат понижени со испраќање во притвор, за да видат како им било на оние кои досега го имале тоа искуство. Одредени ТВ студија се одамна претворени во јавни/народни судници, па во нив почесто гостуваат (одредени) адвокати и бивши обвинители одошто независни правни експерти (ако воопшто останаа такви). Интересно е што половина од адвокатите се на платната листа на СЈО, јавно се негови гласноговорници и јавни заговарачи, па себе нужно се изземаат дури и од можноста да си ја вршат работата од која заработуваат за живот – а тоа е застапување на одбраната, бидејќи дури и „лошите момци заслужуваат фер и правична постапка/правда“. Всушност, тие знаат дека ризикот до ваквото позиционирање е многу низок кога станува збор за заработката, бидејќи и клиентите одамна се поделени и си имаат „свои“, блиски адвокати, исто како и судии.

Судиите се посебна приказна: постапките уште не почнале, а веќе се шпекулира кои се „нивни/поткупени“, а кои се „наши/чесни“ судии. Кој на која страна е, добро знаат и оние од амбасадите, бидејќи уште поодамна правеа „црни листи“ заедно со предлози за законски реформи. Од прва рака знам за случај во кој од американската амбасада е ургирано одредени учесници на насилните протести од мај 2015 година да добијат „соодветни“ обвинители, кои нема да бараат построги казни. Да потсетиме дека уште во 2005 година, амбасадорот Батлер правеше „црни листи“ на судии/предмети, на што остро реагираше тогашната претседателка на Републичкиот судски совет, Софрониевска. Амбасадорот се правдаше, отворено велејќи дека намерата е само да се поттикне и изврши јавен притисок врз судиите. Медиумите јавуваа дека Батлер само сакал „да ја разбуди свеста кај граѓаните и кај судските органи дека судството мора да претрпи коренити промени ако Македонија сака да стане членка на ЕУ“. Подоцна, дојде и до уставни промени, но состојбата не само што остана иста, туку и се влоши. Судскиот систем е само еден сегмент од девастираниот општествен, политички и правен поредок. Тоа не се случуваше во кус период, или ненадејно. Во неговата ерозија здружено учествуваа и политичките центри на моќ, и медиумите, и бизнис центрите, но и цивилното општество. Со тек на време, улицата стана место на кое се обвинува/ше, брани/бранеше или суди/судеше. Се формираа и Морални судови, кои од правото правеа фарса, а за политички цели. Културата на неказнивост не само што цвета/ше, туку и кулминира со амнестирање на челниците на ДУИ и за воени злосторства и за корупциски дела (содржани или благовремено избришани од прислушуваните разговори). Сега кога се очекува некаква божја правда и провидение, албанските граѓани изразуваат револт поради селективноста на судските процеси: ниту ќе добијат етничка правда (за Монструм, Сопот, итн.), ниту граѓанска (за криминалот и корупцијата во редовите на ДУИ).

Јустиција е одамна прогонета од Македонија, и нема скоро да се врати. Дури и ако споменикот на Ќосето и пораката која тој ја праќаше со камата в рака се отстрани, останува проблемот на метастазите во вид на компромитиран човечки материјал и на правосудните кланови и фамилии. Останува, уште повеќе, општата недоверба во непристрасноста и професионалноста на судиите, и тоа не само на оние кои популарно се нарекуваат „сваровски-судии“. Протестирањето пред судските згради постои со децении, и само зависно од тоа на кој политичар му се суди, скандирале и се фрлале во прегратки на полицајците видни политичари/политичарки. Деновиве се ширеше „скандалозна“ изјава на некој жесток поддржувач на Груевски, кој рекол дека е таму „за да си ги мериме кој има поголем“ (и сите заборавија дека за фразата за „мерењето“ авторски права има некогашната претседателка на Хелсиншки комитет, Најчевска, во времето на случајот Беќиров).

Правдата на победникот е она што најмалку ѝ треба на Македонија денес, но ваквите барања се политички некоректни и еретички, па веднаш се квалификуваат како „релативизирање“ и/или „одбрана на груевизмот“. Онака како што на Македонија ѝ е потребен чист и правно издржан старт, со правични пресуди за сторителите на криминал, потребен ѝ е и осуетување на груевизмот или мачеништвото кое би следело доколку се продолжи со партизација/политизација на судството, ама сега со инаков партиски предзнак. Токму за да не се остави семе на сомнеж за селективна правда и нетрпеливост, а да се посее она за правичност и за култура на казнување, Груевски и останатите мораат да добијат кристално чисти судски постапки.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: Wesley VanDinter/E+/Getty Images