Во Трст на бувјак

Трст кај нас постарите буди асоцијација на евтин шопинг. Од убавините на градот (бисер на Хамбурзите), ние успевавме да го видиме само бувјакот Понте Росо каде купувавме фармерки и крпчиња со кои се чувствувавме блиски со Западот, а супериорни во однос на оние од Истокот и Југот. (Денес тоа е место со елитни бутици, а ние не можеме ни да си дозволиме да го посетиме градот, ако немаме длабоки џебови.) Бувјак е отворен пазар (битпазар по наше) за евтина или половна стока. Оригиналниот француски назив шеговито ја одразувал неговата суштина: „пазар на болви“. Многу вода мина низ кривата Дрина, Сава и Вардар, па деновиве во Трст се собраа европските и (западно) балканските елити на своевиден бувјак-пазар: на продажба беа евтини ветувања и смирување на совеста. Не се ветуваа фармерки, ами нов прозорец кон западната цивилизација, перспектива за интеграција во ЕУ преку зајакната регионална соработка. Како што течеше самитот, така се одвиваше слободна лицитација за очекуваната финансиска помош на ЕУ за економски раст и вработувања. Од она што на почетокот наликуваше на „милијардата на Циле“, на крајот и трошките почнаа да се претставуваат како фантастичен исход. ЕУ се обврза да издвои вкупно околу 200 милиони евра за регионот (далеку од Маршалов план, премалку и предоцна). Тука ќе важи принцип на натпревар по пат на проекти/земји, но и со задолжително „зајакнување“ по пат на задолжување со кредити за инфраструктурни и енергетски проекти (се очекуваат дополнителни 500 милиони евра во вид на кредити). Топењето на надежите беше трагикомично да се следи преку медиумските наслови кои се обновуваа од час во час. Финалето, исто така, можеше да се види преку начинот на кој секоја национална елита ѝ објаснуваше на својата јавност дека добила најмногу, односно повеќе од соседите. Македонската верзија беше интересна на свој начин: Македонија добила не само голема финансиска помош, туку и најголема политичка поддршка, што било рамно на „спасоносна формула“.

Дури и ако половина од овој политички маркетинг проследен со „селфи-фотографии“ на Заев и Анѓушев со европските лидери се фрли во Вардар, како што вели народната изрека кога некој претерува во фалбите, сепак да видиме рационално во што е добивката и спасот. Хан веднаш најави дека земјата добила „дури“ (!?) 70 милиони евра за изградба на железничката пруга на потегот Исток-Запад, од Бугарија кон Албанија, позната како Коридор 8. (Стар е оној виц „да ти се плукнам на земја на која Албанија ѝ е запад). За жал, преку вртоглавите износи платени за „Скопје 2014“ или само за зградата на ВМРО-ДПМНЕ, јавноста ги разбира и споредува овие суми – доволно за да се констатира дела ова е „се тресеше гората, се роди глувче“ (или зајак, би додал некој, алудирајќи на политичкиот стимул за новиот премиер, кој веднаш почнал да носи странски инвестиции). На грантот (подарокот) од 70 милиони, Македонија ќе треба да се задолжи преку кредити на најмалку уште 120 милиони за да го заврши проектот кој беше одамна промовиран (иако со пола уста), кој требаше да биде поука од ерата на две ембарга (север и југ) за алтернативен коридор. Се разбира, и ова е само капка во чашата на потребите за целата железница, настрана уште поважниот факт дека уште неизградена таа е повеќе налик на „Балкан Експрес“ отколку на европска железница. Следното прашање е поврзано со економскиот бенефит од ваквото поврзување, ако се знае ниското ниво на трговска и друга размена на Македонија со Бугарија и Албанија (или, пак, со трети земји до кои евентуално би стасале македонските производи; хммм, кои производи е друг падеж!). Тука не ја ни споменувам патната мрежа која го поврзува Скопје со Софија, па 200 километри се минуваат за 5 часа. За толку години не е изграден ни модерен граничен премин, а камо ли модерен автопат од двете страни на границата, но празнуваме заедно зошто сме биле сшт народ. Главната инфраструктурна артерија која ни дава живот е Коридорот 10, кој нѐ поврзува со земјите со кои имаме најголема размена (Грција, Србија, Косово и Германија), но сега е дискутабилна за Западот заради кинеското присуство и инвестиции. (Во таа смисла треба да се гледа и на сите божем промашени траси на автопатот Кичево-Охрид.) Затоа, никого не го загрижува што она што се нарекува автопат (со големо име на Александар) не само што не личи на ништо, туку е и опасно по безбедноста во сообраќајот. Што да кажеме за железницата која би требала да ги поврзе Солун и Скопје, на која новите кинески возови „јурат“ со 30 км. на час? Оние кои нештата ги анализираат низ призма на геополитика, па и геоекономија, би требале да го видат ова сосема јасно, како геополитичко насочување од ЕУ, ама и САД. На поклонет коњ не му се гледаат забите, ама овде станува збор и за наше дополнително задолжување за нешто што ниту има приоритет, ниту ќе донесе брз економски развој. Бенефитот може да се бара кај Софија и Тирана, но Скопје е попатна станица, или веројатно слепо црево со ваквото инфраструктурно „поврзување“. Во делот на енергетиката, но и генерално заклучоците на Самитот од Трст, го носат духот на пазарот и либерализација, што е од полза само за капиталот за чиј интерес и профит се симнуваат бариери се овозможува конкуренција, се воведува пазарен принцип. Можеби грешам, но засега не слушнав ни збор за градење соларни плантажи (во земја во која неколку месеци има тропски температури!) или ветерници. А ова би било токму во духот на европските вредности и заложби за обновлива енергија и заштита на човечката средина. Но, европски интерес е и превенирање на секаква идеја за руски гасовод, иако Германија обилно го користи.

Уште во пресрет на самитот, западните медиуми го објаснија интересот на ЕУ кон регионот во геополитичка смисла, како запирање на продорот на други големи сили на просторот кој тие го сметаат за свој (Кина со инфраструктурата и Русија со енергетиката). Се однесуваат како куче кое не ја глода коската, ама не ја ни дава на друг. Порака која ја погодува сржта формулираше членка на Европскиот совет за меѓународни односи: „Тие [земјите од западен Балкан] не ни веруваат кога ги лажеме за примање во ЕУ, а ние не им веруваме кога нѐ лажат дека ќе ги почитуваат правилата на ЕУ.“ Затоа, не зачудува што средбата на грчкиот, бугарскиот и српскиот премиер, на чие мени беше Македонија, внесе вознемир и прозвучи како демант на она од Трст. По Трст, професионалните НВО оптимисти купија време за мантрање за ЕУ перспективите, а десницата муниција за стравовите за обновување на Југославија. Реалистите забележуваат дека функционалното поврзување (француско-германското помирување) ја избегнува најболната тема, па помирувањето и РЕКОМ извисија пред „слободата за капиталот“ и „либерализацијата“ како лек за сите проблеми. Сликањето со Макрон по скандалозната расистичка изјава за „цивилизациските проблеми на Африка“ нужно буди асоцијација за тоа како колонизаторите гледаат на периферијата и како ја сфаќаат цивилизаторската мисија на заостанатиот Балкан. Македонија и натаму е слепо црево кое замислува дека е папокот на светот, а надворешната политика ни е и глува и слепа.

Напишано за Нова Македонија
ФОТО: ANSA/ANDREA LASORTE