Фчерашни новости

Не изминаа ни стоте дена на новата влада, а на сцена е систематско гаснење на критичката мисла, кој избликна последните две-три години, и тоа токму од оние кои го предводеа протесното движење. Една пријателка со загриженост забележува: „Зарем во новата политичка сезона, „Фчерашни“ не требаше да станат „Утрешни“? Зарем не очекувавме антиципација и лоцирање на навестувањата за нереформско/антиреформско однесување?“ Но, Министерството на Вистината и неговите најистурени играчи се обидуваат да ги затскријат токму таквите појави, да го оправдаат и она што не може/смее да се оправда, или во немоќ ламентираат над рефрените дека „сите се исти!“. Проскрибирањето продолжува (иако двете политички страни си ги заменија местата, ама не и начинот на владеење и пресметување со неистомислениците) со јавно жигосување на неподобните, со повици кој сѐ треба „да си лежи“, но и да се стави вон закон, да се забрани или прогони. „Црните листи“ опфаќаат и неполитички личности, кои се осмелиле да не ѝ се восхитуваат на новата влада, па се стигматизирани како „бранители на криминалот“, „вмровци“ и сл.. На „белите листи“ се фаворизираните, народните херои од „револуцијата“, недопирливи за каква било јавна критика. За оние кои ќе се охрабрат да проговорат за неуставниот и непринципиелен меѓуетнички пазар се резервирани етикетите на националисти, путинисти, па и национал-социјалисти. Накусо, сѐ е исто, само него го нема. А за оној кого го нема, секогаш има адекватна замена. Ваквиот заклучок ќе го илустрирам на само три примери – издвоени од мноштвото.

Најважниот пример се однесува на Законот за употребата на јазиците за кој е веќе извесно дека набрзо ќе се најде во скратена собраниска процедура. Така, не само што е (намерно) прескокната фазата на јавна дебата, туку и оние кои имаат што да кажат се принудени да анализираат на најнесоодветни места и преку т.н. алтернативни медиуми. На првиот поголем тест за ветената отвореност и демократичност, владата не само што падна, туку и воопшто не се ни грижи за тоа. Паѓа во очи однесувањето на членовите на академската заедница, кои со ароганција и подбив се осврнуваат на нашата најпочитувана професорка по уставно право, која во една изјава укажа дека ова прашање не е резервирано само за уставните правници, бидејќи и секој граѓанин треба да го познава уставот. Следуваа потсмешливи коментари во стилот „па нели сите треба да го знаеме уставот!“ или „зошто да ги прашуваме конституционалистите кога секој од нив има инакво толкување?“. Ако вака се однесува фелата, тогаш зошто политичарите би имале респект или слух за оние кои знаат повеќе од нив? На ова се надоврза мислењето на еден млад (веќе вдомен) човек: „Не ми е јасно на што се должи таа потреба секој да ги коментира сите теми. Сите се остручени за сѐ.“ А само до вчера беше активен во протесно движење, кое се залагаше за хоризонтално организирање без лидери. Протестирајќи против метастазираната партиска држава, тогаш се обидуваа да ја разотуѓат и да ни ја вратат политикатата како јавна дејност во која право на учество имаат сите граѓани – сиромашни и богати, учени и неучени, млади и стари. Тврдеа (со право) дека политиката е пресериозна работа за да им се препушти само на партиите/политичарите, дека таа е поширок поим од она што се одвива во и меѓу партиите, и меѓу партиите и останатите политички субјекти. Очигледно нештата се смениле во меѓувреме. Апсурдот лежи во тоа што и она што сега се нарекува коментирање или дури и дебата е карикатура, бидејќи едвај и да остана медиум или форум за демократска дебата, а граѓаните беспомошно и гласно размислуваат само на социјалните медиуми, кои сѐ повеќе наликуваат на психијатриска ординација каде поединците си го изнесуваат она што им лежи на срце, а кое не мора да е ни стручно, ни премногу умно, но кое очигледно ги преокупира, мачи и тревожи – или стануваат јавна клоака. Фините и учени првоборци од „револуцијата“ не можат да ја сфатат потребата од некомпетентно коментирање – веројатно претпочитаат молк! Ако пукне нова војна, велат: аман, сега сите се разбираат во геополитика! За спортски настан: аман, сите знаат сѐ за спортот! Ако пукне скандал за Струшките вечери на поезијата и на нивно чело застане човек без соодветно знаење, искуство и кредибилитет, велат: аман, баш се насекираа за поезијата оние кои не се ни писмени, ниту пак читаат поезија! Нетрпеливоста кон слободата на мислата и говорот се манифестираат на секој чекор, исклучивоста доминира (можеш да коментираш само ако мислиш како мене/нас), туку и се наметнува елитистичка матрица според која мнозинството не знае ништо и треба да им верува на оние кои мислат за него. Јавниот дискурс се смета за средство резервирано за привилегираните: политичарите, (нивните) „стручњаци“ и политички коректните новинари/медиуми, но не и за „млади и стари, искусни и неискусни, релевантни и нерелевантни, етаблирани или заскитани“. Одговорот на владините структури (ако не е на Твитер и Фејсбук) е во стилот на Јанкуловска: „сѐ е во рамките на уставот и законот“, без никаква аргументација за своите одлуки. Некои прашања (и натаму) не заслужуваат одговор, а „револуцијата“ и натаму користи вонинституционални канали. Најголемо лицемерие се покажа во случајот на застреланите момчиња. Да биде иронијата поголема, молчеа дури и оние кои први се дигнаа на протести против полициската бруталност и „полициската држава“ кога за Мартин сѐ уште се шпекулираше дека е некој Даниел; ова момче навистина се вика Даниел, ама немаше кој да бара одговорност од полицијата и министерот. Кога конечно се поведе постапка, следуваа пофалби за (наводно) брзото решавање на случајот.

Модерната држава бара високо компетентни кадри кои ќе носат соодветни одлуки; готвачката, дури и ако е млада и со свежи идеи, не може да управува компетентно, знаеше дури и Ленин. Но, нема демократијата без канали за артикулација на мисите, дури и на некомпетентните, оние на т.н. „обични граѓани“. Од нив произлегува власта; во нивно име се владее, па затоа и имаат право (барем) да бидат слушнати, разбрани, да им биде објаснет секој чекор или политика. Уставното право е наука, ама уставот е и емпирија, се однесува на нас и на нашите животи. Уставот не се занимава со атомска физика, тој нашиот општествен договор. Токму затоа секој граѓанин мора да има макар елементарно знаење за неговата суштина и содржина – инаку, која е смислата на „граѓанското образование“ во училиштата? Критиката не е хејтање, не е рекетирање, не е културна мафија; попусто бивши активисти, сега од позиција на власт, се закануваат дека некој помалку фин од Лешоски ќе нѐ фрли од прозорец. Препотентните ставови дека обичните смртници нема што да зборуваат за поезија или Струга, ме погодува лично. Што ли ќе речеа за татко ми, работник-линотипер и поет, кој на оловните штангли спонтано излеваше стихови? Пораснав со Миладиновци, Конески и Рацин, ама и со Рилке, Рембо, Хајне и Бајрон, знаејќи дека поезијата не му припаѓа (само) на книжевниот естаблишмент. А сега тажно чекам од Струга да направат паланка, и да ја избришат од светската карта на поезијата.

Напишано за Нова Македонија