Изгубени во преводот

Слично како ликовите во филмот, Македонија ги има сите шанси да се „изгуби во преводот“ доколку се усвои предложениот Законот за употребата на јазиците. Клучното прашање, за неговата очигледна (не)уставност, не заслужува одговор! Како и обично, владата (без оглед кој ја сочинува) не ги антиципира последиците од состојбите кои ќе произлезат од законите кои ги носи под внатрешен или надворешен притисок, бидејќи ѝ е поважно да опстане. Едвај некој и да размислува за општество и поредок (кои ќе бидат) изгубени во преводот, наместо постоење заедница поврзана со нишките на јазичниот код на комуникација, во која ќе се развиваат јазиците и културите без диктат и репресија, туку со разбирање. Пред кусиот осврт на предложениот закон (а каква друга анализа и може да се направи во колумна?!), треба да се потенцира манирот на режим, кој не само што не овозможува демократска делиберација, туку и арогантно се подбива и ги навредува како вазали и груевисти сите којшто ќе се осмелат на критичка мисла. Јавноста е повторно во поданичка позиција. Зарем не е недолично и понижувачко врвни експерти, па и академици да предупредуваат или анализираат на социјалните мрежи или пишуваат отворени писма до владата? Академските и културните институции се во тотален молк! Медиумите се посебна приказна: бараат мислења од врвни експерти, за да ги сместат во прилог од три минути, заедно со претставници на „сите страни“. Ова особено се однесува на оние кои доскоро му слугуваа на бившиот режим, па сега си ги откупуваат гревовите, нудејќи му ги своите пропагандистички услуги на новиот. А што вели стручната и „стручната“ јавност? Вторава, составена од сезнајковци/незнајковци, (еуфемистички наречени) аналитичари или „професионални“ припадници на етнички групи, фрла прашина в очи за да не се види суштината, односно да се омаловажи она што го кажуваат вистинските познавачи. Затоа, кога универзитетски професор укажува на сериозноста на прашањето и потребата без брзање да се разговара пред да се наметне закон со далекусежни последици по владеењето на правото, вториве предлагаат за законот да разговараме кога ќе почне неговата примена, или евентуално да се стрпиме со критиките и да го почекаме мислењето на Венецијанската комисија! Како да сме недоветни и неумни! Венецијанската комисија не е уставен суд, а мислења дава пред да се донесе закон, а не на негови делови и post festum, како што планира владата! Од законот зависи опстанокот на владата, и сосема е небитно што сега СДСМ прифаќа уцени, бидејќи и ВМРО-ДПМНЕ ќе го стореше истото (како што стори и со амнестијата). Ниту уставноста е важна, ниту демократската процедура! Јавната дебата е опасна, бидејќи не само што ја разоткрива прагматичната и бескрупулозна математика на партнерите во консоцијациски систем, туку и укажува дека со закон се менува Устав. Дебатата е опасна и затоа што ја демаскира граѓанската и реформската маска на влада која ветуваше делиберација, партиципација и транспарентност, а сега прави сѐ обратно на ветеното. Наместо да свика стручна дебата сите познавачи (правници, социолози, социолингвисти, филолози, итн.), таа го усвои предлогот на својот коалиционен партнер. Уставните правници на ДУИ ги победија оние на СДСМ – ете, дотаму е стасано! Демократијата е првенствено процедура, и затоа е скандалозно кога таа е жртвувана на олтарот на политичкиот опортунизам на начин кој е и нахален и дрзок. Односот кон научната и стручната јавност, но и граѓаните, е идентичен како оној на претходната влада (со истиот коалиционен партнер) кога донесе закон за употреба на јазиците кои ги зборува 20% од населението, кој во практиката или не се почитуваше или се извртуваше согласно волјата на локалните мнозинства. Во Струга, на пример, членската карта во градската библиотека е исклучиво на албански јазик, а наставничките совети се одвиваат на албански јазик, со евентуално превод од директорот ако е расположен. Пред формирањето на владата, експертите на СДСМ го критикуваа тој закон, нагласувајќи ја неконзистентноста, арбитрарноста и привилегираната положба на албанскиот јазик (sic!), за сега само да ги продлабочат и бранат тие исти недостатоци. Предложениот Закон нема уставна основа, а номотехнички е бесмислен кога во називот споменува „јазици“, а всушност го уредува и санкционира само користењето на албанскиот јазик (иако спротивно на Уставот се спомнува дури и англискиот!). Почитувајќи ги одредбите од Рамковниот договор, Амандманот 5 е јасен, но новите каучук-норми излегуваат надвор од јазичната политика (прашање на симболи, униформи и сл.) и го изедначуваат албанскиот со македонскиот јазик дури и во меѓународна употреба (употребата и на граничните премини!). Другите јазици се оставени на (не)милост на локалните власти каде се веќе формирани нови мнозинства и малцинства. Наместо со нега за јазиците и негување на почит за различностите, се предвидуваат високи казни! Огромната администрација ќе биде одлична можност за нови партиски и етнички вработувања. Накусо, албанскиот јазик се воведува на сите нивоа и на сета државна територија. Најперфидно е „европското знаменце“, кое внесува процедурална катастрофа, со скратена постапка (нема три читања, ниту можност за јавна дебата) без двотретинско мнозинство, ама со двојно, се регулира уставна материја. Законот презема и материја која се уредува со системски закони и двотретинско мнозинство (за судството, обвинителството, итн.). Во образложението, министерот за правда меша (и не разбира) што е евроатланска, а што европска интеграција (не прави разлика меѓу НАТО и ЕУ). Се повикува на годишните извештаи на ЕУ, иако таму станува збор за политиката на условување, а не за стандарди на ЕУ по прашање на употреба на јазици – бидејќи такви и не постојат, а јазичната политика е во суверена надлежност на државите. Чудно, таму каде што постојат стандарди (на Советот на Европа), иако е потписник на Конвенцијата за заштита на регионалните и малцинските јазици, Македонија не ја ратификува – само затоа што таа е многу порестриктивна во поглед на она што како јазична политика постои од 2001 година наваму. Не станува збор за унапредување на правата на припадниците на малцинска заедница/заедници, туку на подигнување на албанската заедницата ниво на конститутивен народ. Правата на граѓаните се во втор ред, а дури постои дискриминација. Акцентот е на суптилна промена на државното уредување. Тоа што примената на законот ќе внесе хаос во правниот поредок е една работа, но тој тргнува и од неверојатна претпоставка дека сме Скандинавија не само по културата и соживотот, туку и по богатството. Законот ќе остане или неприменлив или ќе ја жртвува социјалната благосостојба на и онака сиромашните граѓани, со наметнување репресија. Иронијата е што премиерот ни е „тапа“ за јазици и нема шанси да научи албански; Струга се гуши од дива депонија, а во Тетово на лето нема вода, а во зима нема чист воздух. 16 години од Рамковниот договор сето она што беше лесно предвидливо е реалност. Прашањето за албанскиот јазик е дел на мозаикот на бинационална Македонија; претпоследниот ќе биде кантонизација, барање кое ќе биде испорачано наскоро. А последниот…

Напишано за Нова Македонија