Од сите страни Ѓорѓи сардисан

Од толкав број значајни прашања кои се отворија/отвораат во исклучително кус период, тешко е да се види целата слика. И сето тоа како да се „згуснува“ во традиционално глупавиот месец август. Изразот глуп Август се употребува за означување на личност која го свртува вниманието на јавноста така што прави будала до себе. Историски, вака биле нарекувани дворските шутови во Франција и Англија. Но, кај нас, иако неодомаќенет, тој има малку побуквално значење. Тоа е месец кога вообичаено се донесуваат значајни закони/одлуки/договори, во време кога се знае дека јавноста ќе биде пасивизирана, на годишни одмори или истоштена од неподносливите летни горештини. Но, тие што ги носат одлуките, најчесто штетни и погубни на подолг рок, не се ни малку глупави; глупави не се ниту оние кои им ги диктираат. Само граѓаните остануваат глупави во глупавиот месец август, и тоа години наназад. Ако денот по утрото се познава, треба да скицираме неколку работи кои укажуваат дека банана-републиката ќе го надживее август, но тешко дека самата ќе преживее.

Откако дел од македонските граѓани оргазмички реагираа и со своите деца го дочекаа американските трупи, а мојот најдобар студент на мировни студии објави слика со автомат, војници и амбасадор, главниот град за момент ми заличи на Сајгон; насмеан од уши до уши, Заев изјави дека воениот полигон Криволак е прекрасно место за прекрасни војски (не знам зошто, ама изјавата веднаш ме асоцираше на она „лепа села, лепо горе“). Потпишувањето на договорот за добрососедство, кој нема ништо заедничко со добрососедство (што речиси веднаш беше потврдено од бугарскиот министер Каракачанов среде Скопје), беше свечен чин кој се одвиваше во забарикадирана владата, и тоа не само со оградата изградена од ВМРО-ДПМНЕ, туку и со оние железни полициски барикади, толку познати на сите оние кои не така одамна протестираа против режим и логоруваа пред истата зграда. Битно е дека владиките и монасите побрзаа да го благословат договорот. Откако премиерот го прими поглаварот на МПЦ и ги сослуша неговите барања, а министерот за внатрешни му се поклони и бакна рака, сега свештениците – свесно кршејќи го уставот – ја возвраќаат услугата, па со соопштенија поддржуваат меѓудржавни договори. Илинден беше прославен без народ, говори се држеа пред огромен број полицајци и телохранители (особено беа импресивни оние „британски“ типови со долги чадори в рака кои го окружуваа Џафери). Најбогатиот вицепремиер во регионот им се обрати само на разумните граѓани, како што ги нарече, барајќи да бидат позитивно-оптимистички расположени и им го раскажа својот (американски) сон и сонот на дедо Бајо, токму во време кога Чомски објави книгата со наслов „Реквием за американскиот сон“. Анѓушев сепак ги прочита директните упатства од Брисел и Вашингтон. Многу пореалистична беше сликата на Џафери на Мечкин Камен, отколку на еден капиталист кој не само што се збогати под сите „режими“, туку затоа што неговите пораки (за претприемништвото) немаа никаква врска со идеалите на АСНОМ. Истиот ден од Подгорица стаса пораката на премиерот дека Македонија ќе ги зголеми воениот буџет и учеството во НАТО мисиите (токму кога Трамп ја интензивира војната во Авганистан поради освојување на минералните и други ресурси). Можеби најдобрата слика за она во што е претворена не само Македонија, туку целиот регион, беше онаа на сериозно загрижените балкански премиери, кои со кимање на главите го слушаа и гледаа вљубено вицепретседателот на САД додека им раскажуваше за загрозената демократија во Венецуела (без да ги спомне најголемите резерви на нафта во светот), за Северна Кореја, но најмногу од сѐ за руската закана. За тоа време Републиката беше (и е) во пламен, буквално! Противпожарните сили немаат ни луѓе ни опрема, но затоа МВР ќе вработува уште 500 полицајци. Оние кои до вчера протестираа против полициската бруталност и скандираа „полициска држава“, сега или мудро молчат или ја бранат полицијата кога приведува со лисици мировни активисти (кои драматизирале!) поради транспарент „Стоп за војните за профит“. Па и тоа не е чудно во светлина на пораката на нашиот сојузник Трамп до Њујоршката полиција да не престане да биде нежна. Во Собранието божем се расправа, Министерството за труд и социјала божем собира мислења од јавноста за Стратегијата за интеграција на бегалците, но работата е веќе завршена: Стратегијата е очигледно испорачана од надвор и само преведена, а објектите и земјиштето на Заводот во Демир Капија се веќе отстапени на Меѓународната организација за миграција. Она што наликуваше на озборување пред изборите, дека ЕУ ќе инвестира милијарда евра за да се интегрираат бегалците, полека како да се остварува. Во време кога Германија и другите земји на ЕУ ги преиспитуваат своите „вилкомен“ политики, а Трамп радикално ја менува политика на имиграција (со прифаќање исклучиво на луѓе кои имаат одлично знаење на англиски, високо образование и кариера), нашата влада планира доделување државјанства, инклузија, бесплатни станови и помош за отворање бизниси за бегалците. Кутри бегалци! Веројатно само со сила ќе можат да ги задржат во овој рај! Славењето на локалната демократија и на успешните референдуми против отворање на рудници, одеднаш престана да биде важно, бидејќи според министерот за економија ова прашање веќе не заслужува мислење од граѓаните. Офанзивата на вработување заслужни партиски кадри и „сечење глави“ (дури и на врвни лекари како Кедев!) продолжува со несмалено темпо поради локалните избори. Да не заборавив уште нешто? Ах, да! И законот за албански јазик тивко помина на влада, и за мир во куќа ќе оди на мислење пред Венецијанската комисија, бидејќи домашната (стручна и поширока) јавност и не заслужува ниту да биде информирана, а камо ли да биде консултирана.

Се разбира, кога ова би била демократска држава, секое од овие прашања ќе беше транспарентно претставено најнапред пред граѓаните. За многу од нив ќе беше логично новата влада да има однапред подготвени решенија, но истите ќе требаше трпеливо и чесно да им се претстават на оние на кои се однесуваат. Здодевна сум со ова тврдење, ако како што на Ѓорѓи Сугаре му пресудиле на нечесен начин, така и на Македонија ѝ е веќе пресудено да биде вазалска (полу)држава, чија елита веќе и престанува да глуми демократија, бидејќи, нели, дошла на власт на бранот на обоена револуција и оттаму ќе го црпи легитимитетот, дури и за нешта кои се јасно противуставни. Македонија постепено се претвора во територија, која со помош од надвор и од внатре, ќе се администрира и менаџира – барем додека е корисна. Некои се прашуваат: а каде е тука народот, граѓаните, се прашуваат ли тие за нешто? Ним им ја препорачувам книгата „Доктрина на шокот“ од Наоми Клајн, за да разберат само зошто веќе нема ни трага од контролни механизми, невладин сектор, критички и професионални медиуми, или барем интелектуален отпор на овој нов циклус на социјален инженеринг.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: Влада на РМ